Потребно време за читање: 3 минути

84. И за ова да бидеме начисто:
Голем писател

Македонската книжевност веќе има поприлично големи писатели. Всушност, ги има (пре)многу доколку како синонимен збор наместо „голем“ го употребиме „значаен“ (не е баш многу близок, ама сепак). Доколку ги читате критичко-есеистичките текстови за писателите од „постарите“ генерации, речиси во секој ќе забележите дека „станува збор за писател од несомнено значење за современите текови на македонската книжевност“. Доколку нема таква „констатација“, тогаш значењето односно големината на писателот на кого се однесува текстот „најблаго речено“ се премолчува.

(Потенцирам: поимот голем писател намерно не го ставам во наводници оти напросто не може да се негираат бројни писатели во минатото и денес кои со свои дела не само што се меѓници, туку и подвижници на најзначајните процеси во македонската книжевност.)

Но, да почнам од почеток:

Што е тоа голем писател? Се знае одговорот? Самиот се „наметнува“?

Кога е збор за овие мои писателски белешки, често посочувам дека тие според карактерот се пред сѐ просторно ограничени, па промислувањата во врска со некои теми и прашања морам да ги сведам само на нафрлоци. Истото го правам и овојпат. Имено, би можел да напишам многу што, надолж и нашир за големиот писател, поголем есеј, можеби и студија, но еве само два-три збора како поттик:

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Големиот писател, всушност вистинскиот, е целосно посветен на творењето-пишувањето дела. За него нема ништо поважно во животот, сѐ друго во него и со него е „обично“, „нужно добро или зло“, „непотребно“, како дел живеењето или (поначесто) преживувањето. Тој најмногу „гори“ создавајќи.

Големиот писател има неисцрпна творечка енергија, која не му „мирува“ дури и при кревко здравје. Несопирлива е и кога ќе ја обгради или ќе му ја обградат со високи и дебели ѕидови. Притоа, апсолутно ништо не му значи не кога, туку дали воопшто нешто од создаденото или во создавање ќе види бел ден.

Големиот писател е многу читан, почитуван, признаен, наградуван? Не! Неговата големина нема апсолутно никаква врска со читаноста, односно тиражот и бројот на изданијата на неговите дела.

Познавам еден наш „голем писател“, сигурен сум дека им е познат и на многумина помеѓу вас, кој во едно поранешно време, благодарение на успешноста на сопствената издавачка куќа, печатеше „вагони“ свои романи. Подоцна се разбра дека бил „голем“ издавач благодарение на кодошката дејност (со години ревносно ги кодошел писателите кај безбедносните органи), а од неговата „големина“ како писател сега нема ништо (сѐ уште пишува и објавува).

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Познавам не мал број домашни и странски писатели кои додека живееле и твореле биле многу почитувани, дури влевале и страхопочит, а откако починале или се „пасивизирале“ набрзо биле/се заборавени, како да не постоеле/не постојат.

Големи писатели благодарение на добиени секакви признанија и награди? Се воздржувам да не се изнасмеам помислувајќи на оние кои со своето дело, со своето творештво просто ги принудиле „признавачите“ и „доделувачите“ да ги признаат и наградат, на пример откако тоа го сториле „странски“. Ако ги имам предвид признавањето и наградувањето поради други „улоги“ и „контексти“, тогаш пред очи ми излегува сета карикатуралност на „наметнатата“ големина.

Единствен и едноставен одговор на прашањето што е голем писател:

Нема голем писател, има големо дело.

Да, имало и има писатели не со едно, туку со повеќе (но не многу) големи дела, исто како што постоеле и постојат писатели без ниту едно големо, а со многу мали или безначајни.

Небулоза, поточно нонсенс е тврдењето дека големите писатели цел живот создаваат или во домашната односно светската литература создале само едно дело-создавајќи многу. Вистината е дека од нивното севкупно творештво се издвојува или се издвоило едно како врвно-најдобро, најквалитетно, највредно, најцелосно, најиздржано, најкомплексно…

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Јас сум голем писател? Што знам…Можеби!

Не оти сум многу читан, почитуван, признаен и наградуван (не сум ниту „симболично“). Затоа што сум целосно посветен на творењето-пишувањето дела. Затоа што засега, пишувајќи и едновремено објавувајќи секојдневно, ја докажувам својата неисцрпна творечка енергија, а која не ми „мирува“ дури и при кревково здравје.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here