БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 5 минути

96. Политичките амбиции

Никогаш не сум имал и немам политички амбиции. Секако најнапред поради моето разбирање на политиката и политичкото дејствување: тие мора да бидат постојани, непроменливи, стамени, со промислени, принципиелни ставови и прецизни, реални-остварливи цели. Особено политичкото дејствување ми било и ми е неприфатливо како себедокажување, како лично користољубиво позиционирање во опкружувањето.

-Немам доволно теоретски и искуствени сознанија за да се сметам себеси за политиколог, ниту сум имал кога било политички амбиции. Иако сосем пасивно кусо време сум членувал во политичка партија,-му велам на стар пријател со кого сум споделил и споделувам многу нешта во животот.

-Не би рекол. Мислам дека или не си искрен или си заборавил на обидот да формираш политичка партија,-одрекува сомничаво.

-Тоа беше мошне наивно, но сериозно, искрено и длабоко промислено. Не бев изненаден оти не успеа поради заткулисни игри, пред сѐ манипулации при обезбедувањето почетна финансиска поддршка, континуирано самофинансирање и инфраструктура…Дури, мислам дека според Статутот и програмските заложби, што ги составив како почетна основа за расправа, формулирање и надградба, станува збор повеќе за движење отколку за партија.

-Идејата ја вгради, ја раскажа и во роман…

-Да, зашто сметам дека е во контекстот на нештата во него.

На неговиот лаптоп го „повика“ мојот новинарски блог на Интернет „Поента“ и го „отвори“ текстот со наслов „Како бре нема нови идеи?“, објавен на 21. април 2009., со коментар:

-Прочитај што си напишал. Прилично нервозна реакција која многу кажува за идејата…Инаку, не треба да ми докажуваш дека сега немаш никакви политички амбиции. Знам. И не се обидувај за тоа да бараш покритие во твоите години.

Разговорот на темава заврши.

Еве, го објавувам тој мој текст и овде:

На почетокот на април 2006. година во рамките на серијата текстови по повод претстојните парламентарни избори во Република Македонија, во електронскиот весник „Дневен е-еснаф“ објавив и текст како реакција на сеприсутната (малодушна) констатација дека на македонската политичка сцена нема нови луѓе со нови идеи. Во тој период го промовирав проектот „Нова политичка партија-Граѓанска партија на Македонија“, кој заедно со мала група млади интелектуалци и познати личности во различни професии се обидов да ја формирам, но тоа (навреме?) беше спречено. Дури, во дневниот печат излезе оглас со основните партиски заложби и покана за членство. Тој проект има авторска заштита, но без лична амбиција да се реализира во догледно време.

Прилогов што го нудам за (пре)прочит е посветен токму на проблемот на „новоидејноста“:

Да се каже или напише: „Немам идеја, не ми текнува ништо за што би кажувал-пишувал“, всушност значи да се признае немоќ, недозреаност, непособност и особено неискуство. Затоа што искусниот новинар, колумнист или блогерист на пример, во секој момент има „десет теми в џеб“.

Да се каже или напише: „Нема нови идеи“, всушност значи да се признае безидејност, истрошеност, неамбициозност, некреативност. Такво нешто никогаш нема да слушнете или прочитате од искусен, докажан, авторитетен, афирмиран писател, уметник, творец.

Тврдењето: „Нема и дефинитивно ќе нема нови идеи односно нови понуди на следните парламентарни избори“ не е ништо друго, освен обичен, „најдолен“ политички дилетантизам.

Проблемот со немање нови идеи е резултат на една состојба на духот, воопшто на неподнослива состојба на опстојувањето. Со други зборови, тоа е сеопшта поразија, бесперспективност, дезидентификација и дезинтеграција на личноста и општеството во целина. Можно ли е тоа?

Иако секогаш треба да се има предвид познатото „Никогаш не вели не“, во овој контекст тоа не дека не смее, туку едноставно не може да „игра“. Дури и во „најнездравите“ средини и околини, општества и држави имало и секогаш ќе има сили, макар притаени, макар непрепознаени, кои можат да ги размрдаат нештата, па и да направат пресврт, се разбира во позитивна насока ( наспроти негативната која завладеала). Кога таквите сили се малку, се недоволни на број, обично се нарекуваат авангарда. А кога ќе се намножат да не можат ниту „безбедносни органи“ да ги запрат, тогаш во нашево време се случува „обоена“ револуција (без оглед поттикната и поддржана однадвор или не).

Кога станува збор за идеи, мислам конкретно на политички, на политичката сцена, во која „фаза“ е нашава држава? Веднаш ќе одговорам: во авангардната. Во продолжение на овој мој исказ-промисла-прилог-колумна ќе бидам сосема конкретен.

Да се чуди човек, да се вади од такт кога ќе прочита и дочита некои прилози на наши новинари-колумнисти или блогери. Мислам на нивниот вообичаен резигнирачки заклучок:

„За жал, на политичката сцена не се јави, нема нова идеја, нова опција која ќе го сврти, па и привлече вниманието на гласачкото тело. Па така, и на годинашниве парламентарни избори ќе биде сè веќе видено и здодевно“.

Ај да е од некој новинар-почетник, ама кога станува збор за искусни, политички аналитичари…

Какво слепило! Каква неинформираност! Пред нос им се раѓа нешто ново, досега ниту чуено, ниту прочитано, ниту видено на македонската политичка сцена (токму затоа и со „породилни маки“), а тие… „фабрички“ ниедни!

Зошто претходново го искажав-испишав толку нервозно, па и навредливо генерализирајќи, иако, се разбира, ги прифаќам и респектирам исклучоците што го потврдуваат правилото (особено во однос на „фабричките“)? Затоа што навистина беше покажано вистинско слепило, тотална неинформираност или (не би сакал да помислам оти не наоѓам аргументи) намерно премолчување.

Вие што ме читате сигурно барем одвреме навреме ви паднало в очи, а можеби и сте прочитале за иницијативата за формирање нова партија-ГПМ; те ќе се формира, те нема, сè се држи во максимална тајност. Сте прочитале неколку нејзини „обзнанија“ (на постоењето).

Имено, неодамна во два дневни весника на цели страници беше објавен комерцијален оглас за формирање на ГПМ-Граѓанска партија на Македонија. Ако нема(ше) сеопшто новинарско слепило или поточно заробено новинарство, оние што аналитички, во континуитет ги следат-промислуваат-проценуваат случувањата на македонската политичка сцена ќе покажеа барем мала љубопитност и ќе прочепкаа нешто за овој нов политички субјект во формирање. Ако ништо друго, барем ќе се потрудеа да откријат „кој стои зад“. (Можеа лесно да си помогнат ако се јавеја на адресата и телефонот приложени во објавата).

Е па, благодарение на нашата „блискост“ со иницијаторот-иницијаторите, лично ќе си „дозволам“ да ви го предочам следново како показ и доказ дека има нови идеи кои ја брануваат зачмаената македонска политичка сцена и има нови луѓе кои се меѓу нас. Меѓутоа, за жал или не сакаме или не сме подготвени или, пак, не сме способни да ги препознаеме. Што е најважно, да ги поддржиме, да застанеме зад нив-нашиот најголем проблем.

Дека станува збор за навистина нова идеја, за сосема нов политички дискурс, можеше секој да се увери од објавите во весниците.

Дали сте чуле или прочитале од постојните „големи и мали“ и новоформираните партии вакво нешто:

„Со почит кон вчера: Историјата не ја пишуваат победниците. Тие ја допишуваат или ја отпишуваат. Историјата ја создаваат личности со своите дејанија и дела“.

Или:

„Ние сме за: личен пред колективен идентитет; јас и ние, ние за јас; чест, совест, вистини, факти, расправа со аргументи; личност, авторитет, промисла, мудрост; достоинство, доблест, задоволство, спокој, ведрина; морал, смисла, содржина; корени, стебла, плодови“.

Со следново против:

„Ние сме против: рамнодушност, поразија, омрази“.

А главното мото е:

„За чесно владеење, придружете ни се!“

Во однос на „новите луѓе што ги нема“, од мене уште следново:

Што ќе речете ако ви кажам-поткажам дека „најглавниот“ од главните иницијатори за формирање на ГПМ е творечка личност-интелектуалец, еден од најавангардните писатели во својата генерација, еден од доајените на македонското новинарство, со огромно искуство, и денес најактивен „стар“ новинар, поактивен од сите „млади“, но и воопшто „незагаден“ од сите досегашни политики? (Поради одбраната од „загадување“ доживеал и преживеал-преживува многу „непријатности“.) Нема што да речете? Останавте без збор? Знам. Нема проблем, молчете и натаму. Бидете дел од „заробените“.

Ќе доречам јас:

ГПМ најверојатно нема да се формира, односно формално да се регистрира до следните парламентарни избори. Значи, нема да учествува во борбата за власт. Од проста причина што ги нема, не ги добива оние две „единствени нешта“ без кои не се може, а на кои укажува еден наш правен експерт: пари и медиуми.

Leave the first comment