100. Поетска студија
(Нафрлоци за есеј)
Студијата односно расправата како основен облик на излагање на резултати од истражување, во која целосно-во сите елементи и детали или во најголем дел се обработува едно научно прашање, настан или период, е одамна позната и сеприсутна во сите области на создавањето и творештвото; како во науката, исто така во културата и уметноста.
Кога станува збор за литературата, треба да се има предвид синонимноста на термините „студија“ и „расправа“, а едновремено и разликата на која укажуваат учени-дека студијата со полемички карактер е поправилно да се нарече расправа.
Општопозната е и „структурата“ на студијата: уводен дел-со објаснување на пристапот на темата/ проблематиката/ прашањето/ настанот/ периодот, на почетокот (евентуално) краток апстракт со клучните зборови (дескриптори), понекогаш и применетата методологија; потоа самото излагање, завршниот дел/ конечниот резултат/ одговор/ заклучок и (евентуално) кратко резиме (обично на некој од светските јазици).
Поетска студија?! Не, не е грешка! Не мислам на поетичка, ниту на студија за некоја поетика, туку на студија која ѝ „припаѓа“ на поезијата, која е поезија! Нешто сосема ново, нова поетска форма или нов поетски жанр?
Се разбира, не само што немам амбиција, туку и, признавам, немам доволно „капацитет“ за детална елаборација на прашањево како зачуденост или кое инсистира на сеопфатна и прецизна дефиниција.
Значи, единствено како предизвик само два-три збора:
Поетска студија е единствено, оригинално поетско дело и во литературата воопшто, а кое допрва треба да се втемели сознајно-теоретски, пред сѐ како комплексен поетски проект. Токму тоа: комплексен поетски проект кој ги содржи главните „елементи“ на студијата воопшто, но без „евентуалните“ (како непотребни).
Еве конкретно:
За мене е голем предизвик да „поетизирам“ што било (предмет, појава, настан, состојба…). Ако не во сите, тогаш во што е можно повеќе димензии и просторно-временски детерминанти.
Што значи пишување/создавање на поетско дело цели 50 години? Значи пишување/создавање со идеја во зародиш, постапна реализација, многу прашања и дилеми, неизвесности и премрежија. Значи години на преиспитување, преработување и доработување, на обновување на потрошена творечка енергија. Значи и објава на „делови“, на верзии кои во меѓувреме се „докажале“ како автохтони, кои можат да опстојуваат и опстојуваат самостојно, а едновремено се основа за нови „составни сегменти“.
Конкретно:
Дело кое е и автохотно и едновремено основа-„составен сегмент“, заокружен дел е „Генерика“, составена од 17 делови или поглавја, веќе објавена во печатена форма (библиофилско издание) во 1998. година.