13. Професија писател
(нафрлоци)
Писател- колку тоа бедно звучи!
Да, така е, и уште многу матни води ќе потечат низ нашите плитки творечки „реки“ дури не биде поинаку. Притоа, бедното звучење иде од неможноста да се живее макар пристојно од сопственото творештво, сеедно дали е проза-расказ, роман, поезија, драма, сатира, есеј, афоризам…
Тоа е „хобистичко“, „занесувачко“, па за лична животна егзистенција (за редовна плата и достоинствен живот) било, е и уште долго ќе биде единствено да се работи „сериозно“ нешто друго. Иде и од понижувачкиот однос спрема писателот од страна на оние чиј бизнис е непосрдно или посредно „врзан“ за него-објава и продажба на негово дело. А иде и од односот помеѓу писател/поет и писател поет, помеѓу писател/поет и критичар, писател/поет и антологичар. Иде од нивните меѓусебни затворени кругови, спротивставени еден на друг, како и од воспоставените „конкурентски“ односи. Особено кога станува збор за влијателноста во политиката, „изборениот углед“ во власта и сл.
Сепак, нешто веќе се смени, а сенешто се менува на подобро. Пред сѐ благодарение на Интернетот и електронското издаваштво!
Конкретно:
Објавувањето на создаденото стана од лесно полесно, од евтино поевтино, симболично, можно дури буквално без пари. Може мигум да му биде предочено, достапно на читателот, а притоа тој да не потроши ни скршен денар. И да се стекне со голем број читатели! Тоа, пак, овозможува следење на процесот, на континуитетот на создавањето, без оглед за какво дело станува збор. Не само со објава на портал специјализиран за книжевноста, за „убавиот збор“, на фан страница или профил-времеплов на социјална мрежа (особено на Facebook), туку и како електронска книга (од издавач на такви изданија или самостојно).
Меѓутоа, и покрај сѐ останува извикот на насловот со горчина в уста:
Писател-колку тоа бедно звучи!
Зошто? Има многу, а едно е најмногу затоа:
Писателот според ништо не се разликува од другите творци во културата, науката и уметноста. Еднаков е со нив, дури понекогаш е со повремена, па и со редуцирана творечка енергија (во зборот) од другите. Тоа значи дека неговото дело е недокрај издржано, некохерентно, недооформено. Не е ни поотворено, посоздавачко одошто создателно од оние на другите творци, на пример музичките. Некогаш делото е создадено моментно, неретко инспирирачко. Некогаш се создава долго, многу години, може да трае и со децении (да, го има тоа и денес, не било само во минатото). И секако макотрпно. Како со секое друго, на кој било друг творец.
Кога е веќе така, тогаш зошто не е на исто рамниште со нив, па и на повисоко од некои од нив? Зошто писателот не може ниту да помисли да преживее, камо ли пристојно да живее од својата писателска дејност? Зошто бил, е и којзнае уште колку време ќе биде „хобист“?
Во книжевноста со некои мои поетски дела воведов/воведувам нови книжевни жанри или форми кои ги „дефинирав“ во два-три збора (пошироката теоретска елаборација ја оставам за друго време или за други): двостишие, поетска студија, поетска инсталација, расказ- ескиз, афоризми и други јадровизми или проблесоци во мислата. На пример, поетска студија е книга песни што градат целина, се посветени на една поширока тема од која било област. Или станува збор за циклуси како повеќестраности на една проблематика. Тоа е исто како научна студија во која е целосно обработено едно прашање, настан или покус период, во која било научна дејност, која претставува целина што дава сеопфатен, комплексен и кохерентен одговор. За поетската студија не е задолжителна библиографија (список на извори и литература), но и таа поначесто се среќава во напомени. Сепак, многу повеќе од неа ѝ „прилега“ кус „поетизиран“ вовед во форма на поетска проза или раказ (на состојба, атмосфера, дејствие), слично на кусото резиме односно апстрактот во научната.
Ќе ги спомнам критиката и рецензијата, научни трудови кои се „иманентни“ на творечкиот ангажман на писателот, па и кога тој „директно“ не се занимава со нив. Затоа што има знаења и искуство, аргументи и објективност што ги изнесува за туѓи трудови писмено или усно (со критички пристап ги оценува добрите и лошите страни на едно дело), како и затоа што е добар познавач на творечкиот „занает“, на историјата, теоријата на книжевноста, нејзиниот развој, правци итн.; поседува и стручност за оценување и препорака (рецензија за објава на едно дело).
Како е во развиениот „книжевно-бизнисменски“ свет? Одамна многу различно, а пред сѐ во однос на почитувањето и вреднувањето на писателот како творец кому зборот му е исто што на музичарот нотите, на сликарот боите, на архитектот и скулпторот точките, линиите и просторот.
Во развиениот книжевен и воопшто културен свет писателот не е „хобист“. Неговото дело не само што е „пристојно“ платено, односно високо вреднувано, туку тој се ангажира и како писател кој на факултетите предава креативно пишување. Тоа еднакво се однесува и на книжевниот преведувач. Таму книжевните уметници напредуваат во академски степени, исто како ликовните, музичките итн., за што постојат студиски програми. А треба ли да ги спомнувам јавните читања, надоместот за позајмица, исплатата на тантиеми?
Најважно од сѐ: уметничката работа им се признава како научна.
Што прават писателските здруженија кај нас на овој план? Засега апсолутно ништо! Да, постојат размислувања, одамна е осознаена нужноста од коренити промени, но нема иницијатива.
Да не помисли некој дека оваа белешка е од лични „побуди“:
Во изминативе години се стекнав со огромно богатство благодарение на континуираното, буквално секојдневното создавање и секојдневните објави на мои дела (дури по десетина на ден) на моја творечка веб страница на Интернет, на социјалната мрежа Facebook-на моите творечки „фан страници“ и мојот профил-времеплов. Не се малку помеѓу нив (за жал непознат број) кои внимателно следат, читаат што објавувам, реагираат, коментираат, споделуваат.
Уште многу матни води ќе потечат низ нашите плитки творечки „реки“ додека извикот со горчина в уста не се претвори во емотивен восклик:
Писател-колку тоа гордо звучи!