24. Специфично дело
Сигурен сум дека секој што го зема в раце ова дело, пред да почне да го чита или во текот на читањето на белешките во него ја забележува можеби интригантската „самоиронија“ на насловот, конкретно неговата парадоксална „комбинација“: биографија, значи не автобиографија, па белешки на Јас книжевник, значи истакнување на личноста како творец од една, и на Јас обичен смртник меѓуврермено. Па згора, тоа да се назначи како роман.
Мислам дека не се потребни некои објасненија или елаборации на ова, па сепак:
Мене лично не ми се прифатливи, дури можам да речам дека ми се одбивни автобиографиите. Затоа што најнапред не им верувам, никогаш не се сосема искрени и веродостојни, ниту на читателот или аналитичарот/критичарот можат да му помогнат којзнае колку во откривањето на пример на процесот на создавање на едно дело. Да, тоа значи дека не ги читам, не ги користам, а и ме радува што еднакво во минатото и денес творците малку напишале и пишуваат автобиографии.
Не оти не ми се прифатливи или одбивни, туку не ми значат којзнае што биографиите. Доволни ми се кусите биографски белешки, со основните, најзначајните и, многу важно, проверливите податоци од животот на личноста. Истото можам да го речам и за био-библиографските белешки, со тоа што кај нив секогаш го изделувам, па и го истакнувам библиографскиот дел. Јасно е зошто, досега многупати сум одговорил: за секоја творечка личност и за секој почитувач на нејзиното творештво се подеднакво важни неговата обемност и стојностите што го изделуваат од други.
Што е со интимниот и приватниот живот на творецот? Важен е тој во биографиите и био-библиографиите? Токму тој е најнеискрен сегмент во првите, а во вторите, пак, обично е вешто испреплетен со другите во обете. Особено ако се има предвид дека творецот во голема мера, неретко најмногу „црпи“ од него за своите дела. Можеби е важен во биографијата на „обичниот смртник“? Зошто би бил важен кога е „обичен“? Јас мислам дека творечките личности, конкретно книжевниците во своите биографии и био-библиографии најмногу манипулираат, измислуваат и премолчуваат токму од својата интимност и приватност.
Затоа во ова дело за Јас книжевник и Јас обичен смртник само два-три збора бидејќи нема никакво значење денот на раѓање и каква живеачка:
Роден во сосема поинакво време од нашево, растен и созреван, образуван и учен исто така во поинакво. Со најближни и во куси периоди со други ближни споделени многу весели и тажни, лесни и тешки, очекувани и ненадејни моменти, надминани многу премрежија. Најмногу од сѐ благодарен за грижата за здравјето, но и за слободата и ослободувањето од „премногу“ обврски. Што секако овозможува создавање за некои „ненормално многу“ дела.
И да, не само да се знае, туку и да се има предвид: најмногу од интимниот и приватниот живот и свет поминат во самост. Така докрај.