26. Признанието
Ми вели еден пријател по перо:
-Дали се свесни луѓево каквo дело си создал и создаваш? Дека неговата вредност е безгранична? Зарем толку се неподготвени да согледаат каква светска книжевна величина си?
-Ај доста! Контролирај се, пријателе. Не претерувај!
-Јас претерувам?! Јас те преценувам?! Јас не се контролирам?!…Да, а сите други не да те потценуваат, туку те унижуваат. Јас кажувам што мислам и не мислам никому да му докажувам.
Замолчев, веќе не сакав да тераме ваков мубает. Чуму?
Туку, пријателот ме поттикна да подразмислам и да се сетам дека во еден мој испишан бележник сум нафрлил нешто за признанието. Еве го, без никакво дополнување и дотерување оти не чувствувам потреба за тоа:
„Не оти признанието значи нешто за континуитетот на нечие работење, за нечие дејствие или создавање. Ниту ќе го зацврсти, ниту ќе го поттикне творецот на истрајност, ниту ќе додаде интензитет и енергија. Обична мимикрија и самопрелага е исказот оти добивање на какво годе признание значи многу; дека е во најмала рака благопријатно; претставува сатисфакција за вложениот труд и напорот да се издржи, да се издржува во самодокажувањето.
Не значи ниту некаква потврда на победа над други, на постигнат натпреварувачи резултат. Прво, затоа што во каков било натпревар битката се води со самиот себе, па и кога е со противник кој мора да биде надвладеан. А второ, признанието во суштина не се дава или изнудува поради пораз на друг, односно на други. Затоа што секој пораз е всушност постигнат личен или колективен резултат.
Се разбира, почитувам сечие признаено или наградено дело. Еднакво како непризнаено, ненаградено, а потврдено, а докажано, а што трае, а што опстојува. Без оглед на блискоста со некои вчера и далечноста од некои денес.
Признание за моето дело, за моето творештво, за континуитетот и постојаноста на мојата творечка енергија? Какво? Од кого?
Ниту сум го добил досега, ниту ми треба! Ниту, пак, очекувам да го добијам во скорешна иднина. Зашто нема таков што би можел да ми го даде!
Има?! Кој? Кои? Оние од власта? Оние од мојата фела? А со што тие покажале досега дека им значи моето творештво, дека го следат и поддржуваат? Со што материјално? Дали макар морално? Како било?
Не, не сум претенциозен, препотентен, нарцисоиден, самодоволен. Едноставно, не се преценувам себеси, како што никогаш не се потценувам.
Всушност, по сѐ создадено од мене, за досоздавање и пресоздавање на други, јас си го доделувам на себеси најголемото можно признание: моментното задоволство, сосе просторот и времето до друго што допрва треба да го достасам. Ако не запрам во последен издив, ако не останам без нив“.
А во друга моја белешка, на иста „тема“, сокрив расказ-ескиз кој лесно се открива:
„Еден пријател не може да се изначуди на огромниот број мои двостишија/песни во два стиха што ги создавам/пишувам и објавувам макар еднаш неделно, и тоа „во група“ од пет:
„Човеку, ти си невозможен! Веќе толку многу двостишија, многу од нив бисери…А другата поезија, твоите стихозбирки, „поетски студии“, „поетските инсталации“?!…А афоризмите и други јадровизми, а сатирата, а расказите/ескизите, а романите…Незамисливо!“.
Се обидов да му одговорам. Вака:
„Пријателе, јас сум само еден дребен книжевник кој пишува секојдневно и веројатно ќе престане нагло.
Судејќи според „затврдената хиерархија“ во македонската книжевност, не сум им ниту близу на нашите „современи, модерни, големи, врвни, докажани, признаени, изнаградени, пренаградени“ писателишта и поетишта кои, иако речиси сите до еден имаат свои профили на Facebook, а многумина и фан страници, објавувањето на свои творби на оваа социјална мрежа го сметаат за „ниско“, дури го презираат. „Друго е да објавиш во книжевно списание“, ми одговараат, но замолчуваат кога ќе ги допрашам: „Што е друго?“.
А ништо не им значи или, пак, ја сметаат за „споредна“ објавата на книги во електронски формат (е-книга), односно на Интернет: „Друго е да објавиш книга со корици“, ме убедуваат, но замолчуваат кога ќе ги допрашам: „Што е друго“?
Уште ова од мене за мене, за „Кој си ти? Што си?“:
Јас сум пензионер, со повеќе од скромна пензија (колку за сиромашно пензионерско преживување), со (под)нарушено здравје, како сите луѓе во години, но сѐ уште цврсто на нозе; кој напишал неброено многу во изминатите 50 години.