БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

44. Жестока опозиција-што е тоа?

Во изминативе неколку дена и ноќи вложив максимални напори да се навратам на книгите од мојата домашна библиотека во кое стручно- експертски се елаборира политичкото опозиционерско дејствување во парламентарната демократија. Колку да се потсетам на едно којзнае дали ефикасно, ама без дилема најконструктивно-жестокото. И на мое големо изненадување не пронајдов ниту збор! Не знам, можеби изборот што го поседувам е погрешен.

Што е тоа жестока конструктивна опозиција?

Поимот (или терминот, кој како го сфаќа и прифаќа) е мошне колоквијален, дури може да се рече во последно време поприлично истрошен, излижан од употреба. Најнапред, затоа што ни стана жестоко тешко и мачно поднесувањето на бедата, сиромаштијата, понижувањето, манипулирањето-лажењето, а најжестоко политизирањето на нашава живеачка. За мене лично нема пожестоко од зависноста на личната гола егзистеција од полит-бизнис олигархијата, конкретно од познатото и сеприсутното: „Ако не си со нас, тогаш си против нас“. Исто така, од не помала жестокост се и „акциите“ на премолчување, особено на замолчување. Се разбира, сѐ „во рамките“ на демократијата, плурализмот, независноста, јавноста и индивидуализмот.

Ама кој тоа (може да) го прави? Како кој? Оној во чии раце се инструментите на власта, на владеењето. Кои најпрецизно можеме да ги дефинираме вака: ти свират и ти пеат, а тебе да те видам да не заиграш.

Претходново значи дека жестокоста како таква им е својствена, а може да се каже и им прилега на оние што можат да си ја дозволат или им се дало да ја практикуваат. Значи, со други зборови, ја практикуваат од позиција, а не од опозиција.

Колку и да звучи наивно, дури депласирано поставеново прашање (одговорот е претпоставен?), сметам дека е нужно да се промисли. Затоа што лично сметам дека и ова, како секое друго прашање, заслужува одговор. Особено кога е какво што е-небулозно.

Еве зошто:

Жестокоста сама по себе не е и не може да биде конструктивна. Дури и на личен, емотивен, емоционален план. Едноставно, ако сте жестоки моментално, вие моментално и не се контролирате, поточно правите неконтролирани потези (гестикулации, чекори, гласовни варијации и пермутации итн.).

Да нема недореченост:

Вредноста на демократијата, плурализмот, личната слобода и независноста, на почитувањето на личноста, на граѓанинот, на зависноста од јавноста итн. итн., се учат и научуваат откако извесен период ќе се практицира (како практична-теренска настава) конструктивното опозиционерско дејствување. Тоа, пак, никогаш, во никој случај и на никој начин не може да биде жестоко! Напротив, отсекогаш било и ќе биде мудро, разумно, искуствено, со постојано докажување на знаење, стручност; одмерено, спокојно, дури смирувачко. Значи, никако не жестоко, што значи нервозно, кавгаџиски, неконтролирано.

Во книгите од мојата библиотека опозицијата најчесто и најнапред се дефинира како коректив на власта.

Мене лично веќе ми е смачено од жестоки луѓе, жестоки политичари, жестоки индивидуи. Од жестокава стварност, од нашата вчерашнина и веројатната утрешнина.

Leave the first comment