70. Самиздат
Нашево време и нашиов простор стануваат мошне поволни и подобни за самиздат книги. Најнапред затоа што со нив најлесно, најбрзо, наједноставно, најсамостојно и најевтино може да се „дојде“ до читателот, да се предизвика неговото внимание, да се поттикне неговата љубопитност и да се стекне неговата доверба. Потоа, затоа што издавачите се толку многу сигурни во својот опстој, во својот бизнис, и се толку многу осилени што авторите-писателите, поетите и другите книжевни творци ги сметаат за обични фигури во меѓусебно договорената шаховска игра со власта. Та некои не им го даваат, та дури им го узурпираат и елементарното, она што законски им припаѓа и што од нивната „добра волја“ е најнезаштитено: авторскиот надомест. Та некои одат и „чекор натаму“: за да им објават-печатат книга бараат авторите сами да платат или да обезбедат од спонзори неколку илјади/илјадници евра.
Самиздат-термин од руско потекло, настанат за време на Советскиот Сојуз, а значи самостојно издавање на книги (од страна на самите автори). Станувало збор најчесто за забранети книги од страна на државата или непожелни од страна на издавачките куќи. Станува збор за тајно печатење на неколку примероци од страна на авторот-авторите, а потоа копирање и ширење со препишување, пречукување (фотокопир машините ги чувала озлогласената КГБ). Се разбира, изработката и поседувањето на самиздат литература било строго казнувано. Познато е дека некои од книгите кои денес се класици на светската литература изворно биле самиздат, како што е „Мајсторот и Маргарита“ на Михаил Булгаков.
Денес во развиениот демократски свет и кај нас нема забранети книги од страна на државата, ниту непожелни кај издавачките куќи. Всушност ги има однапред, па нема ни шанса да дојдат кај нив одназад. Нема ниту исти или слични на КГБ, ама затоа кај нас има „бизнис како секој друг“. Имено, издавачкиот бизнис според ништо не е различен од другите. Во него ризикот е, односно мора да биде најмал, по можност воопшто да го нема. Како и каде се обезбедува воопшто да го нема? Во Министерството за култура, со финансиска поддршка на објавувањето.
Денешната самиздат литература е во „огромна предност“ во однос на онаа од советското минато. Таа непречено и јавно интензивно се негува и развива! Само што се молчи за неа, се премолчува, се маргинализира, па и обезвреднува. Се разбира, од страна на издавачките куќи на кои им станува, веќе им е сериозен конкурент-растура, раскинува многу востановени норми и односи, а е целосно на „страната“ на авторите. Најчесто не е во „класична“ форма, во „стандарден“ формат, туку модерна-модернизирана, едноставна и директно пристапна.
Да, мислам на електронското издаваштво (индивидуално-самиздат), односно „поставувањето“ (постирањето) на Интернет. Притоа може и да се заработи (кај нас засега само симболично), доколку преземањето-„отворањето“ се „услови“ со плаќање или претплата (кога е збор за портал).
Има и друго, што е исто така еден вид самиздат: фан-страница на социјалната мрежа Facebook, со можност за споделување на сѐ што се објавува/постира на неа.
Во врска со финансирањето на самиздат книга:
Познати се бројни примери во минатото, ги има и денес, кога со помош на спонзори или абоненти односно претплатници однапред се обезбедуваат потребните финансиски средства за печатење на лични, авторски, независни изданија. Притоа, како знак на благодарност, нивните имиња се објавуваат на последните страници. Тоа значи дека трајно остануваат забележани како помагачи, поддржувачи неретко и на дела со врвни, признаени вредности.
Сумата за печатење на едно дело не е ниту голема, ниту мала (како за кого и во зависност од трошоците за подготовка, печатење и „вообичаениот“ или општествено определен авторски надомест), но претплатната е секогаш симболичка.
Кога финансирањето се овозможува со „стандардниот“ маркетинг-спонзорство од страна на фирми-компании, благодарноста од авторот и името на фирмата (со основни податоци-големина, дејност и сл.) се објавуваат на последните страници на книгата, а се добиваат одреден број примероци за сопствени маркетиншки потреби.