Потребно време за читање: 2 минути

11. Лавовско предводништво

Се собрале околу оган лавови на животинска царштина за да расправаат и да се договорат за натамошната судбина на царштината предводена од нив.

Прв зел збор најстариот лав:

-Лавови мои, сопатници и со мене предводници, јас како најстар лав, со мудроста и опитноста што сум ги собрал во животот сакам да изразам голема загриженост за сегашноста и иднината на нашава животинска царштина.  На мој и ваш очиглед тоа од ден на ден се распаѓа сè побрзо и се плашам неповратно. Ние старите сме на замин од овој свет, а нашето потомство, од второ но и од прво колено крева раце од состојбава и собитијава. Нè напушта, фаќа џенем и ги остава нашите домашни огништа полека да гаснат сами од себе. Јас сум најстар од сите вас, лавови мои, и одамна немам ни сила ни ум да ги сопрам, да ги разубедам дека нема и не може да има подобра, ниту поубава царштина од своја. Особено со трајно лавовско предводништво.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 16

Втор зел збор лав на средни години, еден од моментно водечките предводници:

-Јас мислам дека состојбава и собитијава не треба дотолку да ги драматизираме. Точно е што согледал најстариов лав меѓу нас, но уште е далеку пропаста на нашето животинско царство. Доволно е заедно да сториме сè што можеме, што зависи од нашите сили, опитност и умност, да ги поставиме нештата на здрави нозе што се вели, да отвориме перспектива за секое животно, од најмало до најголемо, и јас сум сигурен дека не само што ќе го сопреме фаќањето џенем, туку ќе почнат да ни се враќаат и оние што веќе фатиле. Сакам да речам, треба нашата животинска царштина да ја направиме атрактивна за самите нас, па дури и за животни во други царштини.

Се уфрлил еден од најмладите лавови предводнички:

-Јас имам една идеја која мислам дека може лесно и брзо да се оствари со помош на човечкиот фактор во нашето царство. Всушност, станува збор за идеја со алтернатива, а што значи уште полесно и побрзо изводлива. Мислам на туризмот, конкретно на сафари или голема зоолошка градина-ако не најголема, тогаш една од најголемите на светот. Идејава ми дојде откако заклучив дека во сè повеќе лавовски царштини има сè поголема толеранција, па и соживот меѓу животните и луѓето. Дури мислам дека стануваат сè повеќе зависни едни од други. Во секоја смисла.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 8

Огнот дошол пред гаснење, па лавовските предводници се повлекле во своите партиски дувла откако донеле заедничка одлука: со помош на човечкиот фактор, во животинското царство да направат голема зоолошка градина-ако не најголема, тогаш една од најголемите на светот; па откако ќе ја направат царштината привлечна туристичка дестинација со акцент на голема толеранција и соживот меѓу животните и луѓето, да ги тргнат кафезите и градината да ја претворат во сафари. Се разбира, и натаму со лавовско предводништво.