БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии 15

Потребно време за читање: 2 минути

Итрата лисица и будалиот гавран

Итрата лисица го здогледала на највисока гранка на столетно дрво будалиот гавран со парче сирење во клунот. Се замислила со каква итроштина да го натера да го испушти. Не била многу гладна, штотуку изела цел петел во кокошарникот на најбогатиот стопан во најсиромашното село на човечко-животинското царство, но токму нејзината одамна докажана итрина ја терало да го измами гавранот.

Му подвикнала:

-Еј ти, црн гавране, џабе држиш бело сирење во клунот кога не знаеш да пееш.

Внимавајќи да не го отвори клунот толку што да му падне сирењето, гавранот и одговорил:

-Секоја будала, па и јас знам колку си итра, лисицо низаедна. Не можеш да ме измамиш со таа твоја итроштина. Која си ти, па тебе да ти се докажувам како песнопоец?

Лисицата почнала да ја тера водата на своја воденица:

-Мене не ми е целта да го испуштиш сирењето и јас да го изедам, туку да ти докажам дека не знаеш да пееш оти си будала како црн гавран. Да не беше црн…

Гавранот:

-И ти да не беше лисица, немаше да се афирмираш како најитро животно. Ај продолжи си го патот и внимавај следниот пат да не бидеш намамена и фатена во кокошарникот на најбогатиот стопан во најсиромашното село во овој наш човечко-животински свет.

Лисицата се замислила уште некое време и смислила нова итроштина. Пак му подвикнала на гавранот:

-Јас знам зошто си долетал на највисоката гранка на столетново дрво. На највисоки гранки долетуваат птици кои најубаво пеат патриотски песни. Ти ем не знаеш да пееш, ем не знаеш ниедна патриотска песна, а сакаш да бидеш на рамна нога со нив.

На будалиот гавран му се разбраниле патриотските чувства и и подвикнал:

-Сакаш да кажеш дека не сум патриот?… Гарантирам дека оваа не ја знаеш. Слушај!

Го отворил клунот и запеал на сет глас испуштајќи го белото парче сирење.

Лисицата го зграпчила и почнала да бега, заклучувајќи дека играњето со патриотските чувства е нејзина досега најголема итроштина.