АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 4 минути

9. Радио што се гледа (Радиовизија)

Се забележува еден мошне интересен развоен тренд на радиото на современата модерност, а за кој сметам дека претставува нова, повисока фаза во доближувањето на двата компатибилни масмедиума-радиото и телевизијата: нивна интеграција, развивајќи нов, заеднички медиум: телерадио. (Овој поим е мој-Љ.Д., а дали ќе се прифати до колку таа интеграција се реализира и технолошки, како систем, ќе покаже времето.) Всушност, станува збор за радио што се гледа или радиовизија. Одделни конкретни реализации се остварени во историскиот развој на радиото (на Радио Скопје во 50-тите години „Веселата емисија“ и на МР многу јавни емисии-приредби, „емисии во живо“-„Радио урнебес“).

Меѓутоа, за некој поширок и позначаен процес на тој план сè уште не може да се зборува. Можеби поради фактот што тој претпоставува посебна организациона поставеност на радиото; тимско работење, со ангажирање на различни кадровски потенцијали, специфична програмско-уредувачка концепција и програмска шема, како и техничко-технолошки предуслови.

Радиовизијата ја спомнав кога зборував за организираното-спонтаното радио. Притоа, дадов една негова основна карактеристика: тоа е радио во случување („радио хепенинг“), со што современото-модерното радио најнепосредно ја изразува, ја презентира и потврдува својата динамика и темпоралност.

Радиовизијата се случува со присуство на публика, но таа не како пасивен гледач, туку како еден од нејзините актери. Водителот-комуникаторот, а во овој случај и аниматор е во постојан дијалог со слушателите-публиката. Тоа значи дека тие не стојат „едни наспроти други“ и зеднички аргументирано го прифаќаат или отфрлаат она што им се нуди „на гледање“. Од друга страна, таквиот заеднички настап го поттикнува и слушателот кој не е на местото на случувањето за да не го слуша радиото пасивно-незаинтересирано, туку дури и да настојува навреме да стаса таму каде што „нешто се случува“.

Значајно е да се спомне дека во развиениот медиумски свет радиото што се гледа е сè поприсутно, особено од типот на one man radio (еден човек-радио), чии основни специфики се: високо техничко-технолошко ниво (дигитално-компјутеризирано), висока професионалност, рационалност и економичност. Тоа е радио „на улица“, помеѓу народот-слушателите; радио кое својата програма ја реализира „под отворено небо“. Сместено на мал простор, кај што се вкрстуваат главни улици, е секогаш мобилно и мошне ефикасно. Главна програмска заложба му е да го информира и забавува локалното население. Тоа и говори и слуша. На него говори и публиката, а нејзе ѝ е најнепосредно упатена радио-пораката. Во помалите европски градови неговата чујност се простира на целиот град.

Најчесто радиото што се гледа (радиовизија) е од сервисен тип, но не ретко тоа е и организатор на настан-случување (радио-хепенинг). Неговата програма е мошне сериозна (не ретко обработува и теми од општествено-економскиот, социјалниот и културно-образовниот живот); музиката е придружена, а комерцијалниот дел мошне ефикасен. Таа најчесто оди „во живо“, при што водителството и репортерството се главните новинарски ангажмани.

Радиото што се гледа (радиовизија) е типично радио на современата модерност. Според неговото сегашно развојно ниво во светот (не и кај нас), тоа поттикнува на следниве размислувања и заклучоци:

-радиовизијата може да се реализира на отворен или во затворен простор, што бара различен пристап и различно користење на техничко-технолошките можности. На отворен простор се користат одредени атрактивни пунктови кои имаат своја содржина и без поголема интервенција можат да ја збогатат визуелната димензија. На пример, природен акустичен простор или „живот во природата“ (отворен простор, сегментарно кај нас како реализација на „живи“ програми со линковска поврзаност или телефонска врска). Нагласувам, не како ефект, туку како дел од содржината. Во затворен простор, пак, е потребна незначителна интервенција, односно се потребни „кулиси“ за „радио-претставата“. Меѓутоа, затворениот простор нуди поголеми техничко-технолошки можности не само за изведба „во живо“, не само за присуство на публика, туку и за слушателот покрај својот радио-приемник (слично на илустрацијата на говорот со филм, слајдови и др.).

При сето ова, независно дали се изведува на отворен или во затворен простор, радио-врските мора да бидат беспрекорни, што значи дека не станува збор за пренос на настан, на случување, туку за тн. подвижно студио што гарантира еднакви, па дури и подобри можности од оние во „статичното“;

-радиовизијата може да се реализира во рамките на одделни програми и емисии.

Радиовизиската рубрика е само делумно можна (во траење од еден час), но е условена пред сè од економско-финансискиот ефект. Исто така, радиовизијата не може да биде редовна, секојдневна (во наши услови кои не значи дека перспективно нема да се создадат), бидејќи бара многу поголеми „нередовни“ програмско-уредувачки и организационо-технички ангажмани.

Од друга страна, радиовизијата бара и финансиско покритие. Или, со други зборови, таа мора да биде речиси во секој свој сегмент маркентишки поставена (во развиениот медиумски свет и тоа веќе се надминува, па спонзорството сè повеќе го заменува рекламирањето);

-радиовизијата овозможува реализација на мултимедијални проекти, вклучувајќи и други средства за масовна комуникација.

Тоа едновремено нуди можности за богатство од содржини и не останува на рамништето на формата, на начинот на презентацијата. Меѓу другото, тоа е и услов да се реализира што подинамично случување, да се постигне што поголем активизам на слушателскиот аудиториум;

-јасно е дека сите програмски содржини на радиото што се гледа обично се одвиваат „во живо“, вклучувајќи ги и снимените прилози или рубрики кои инсистираат на посложено радиофонско обликување.

При таквото емитување се јавува една „празнина“ за присутната публика, па се реализира „додатна содржина“ која е комплементарна со снимената. На пример, изведба на кусо музичко инструментално дело кое на радио-програмата претставува неопходен фон за говорниот прилог или натпревар кој се одвива напоредно и така се пренесува на радио-програмата.

Можностите кај мултимедијалните проекти се многубројни: ликовна, филмска „илустрација“, пантомима итн.;

-конечно, радиовизијата во суштина претставува просторно-временска анимација која има пошироко општествено-економско, културолошко, па и политичко значење.

Дека и кај нас радиовизиското искуство не недостасува, потврдува редовното месечно радиовизиско издание на „Радио урнебес“ во 80-тите години на 20. век. ( Тоа претставува уште еден аргумент дека токму таа забавно-рекреативна саботна програма изврши вистинска програмска револуција во македонскиот радиодифузен простор. По примерот на „Радио урнебес“ беа реализирани повеќе други радио-проекти- јавни приредби кои имаа повеќе информативно-забавен карактер.

На вториот канал на Македонското радио постоеше и една емисија, која во меѓувреме згасна, што често се реализираше како „радио што се гледа“. Имаше мошне интересен и „погоден“ назив: „Виножито“. Интересен и погоден не само со оглед на спецификата на емисијата, нејзината определба (-емисија за замјоделието и селото). Оваа емисија како „радио што се гледа“ претставуваше вистински радио хепенинг: во село иницираше акција, отвораше ликовни изложби, отвораше нови библиотеки или постојни збогатуваше со нов библиотечен фонд, ораганизираше спортски натпреварувања, го поттикнуваше културниот аматеризам; како програмска завршница се организираше приредба во „класична“ форма.

Leave the first comment