10. 4. Рекапитулација
1. Понудената програмска шема во целина ја изразува темпоралноста што ја предвидовме за Евергрин Гром радио. Тоа го овозможуваат пред сè над 80 говорни и околу 120 музички рубрики во рамките на 21 програма и 14 емисии. (Не се евидентираат прецизно со оглед на можните промени во времетраење при нивната реализација, особено кога станува збор за односот меѓу говорот и музиката.)
Се разбира, покрај ваквата програмска организација на радиото можно е да се примени и друга. На пример, таа да се остварува на ниво на програми и емисии или само на ниво на програми. Меѓутоа, токму начинот на организацијата на радио-каналите, што ја изразува и одразува предвидената темпоралност (различна за одделни канали), може да евидентира, афирмира и валоризира комплементарност, алтернативност и конкурентност на програмите, емисиите и рубриките, односно на програмските содржини на ниво на радио од кој било тип.
Па така, во нашата практика, преку примерот на Евергрин Гром радио, се залагам токму за ваков пристап и во дефинирањето и во остварувањето на радиото на современата модерност воопшто.
2. Ваквата програмска структура на Евергрин Гром радио го условува како дизајнирањето на радиото, исто така и условите и начинот на реализацијата на дневната и неделната програма. Од друга страна, тоа значи и соодветна кадровска структура и организација на работа (тимско работење или по редакции). Едновремено, тоа значи и одговорност и професионализам во извршувањето на програмските и финансиските (комерцијалните-маркетиншките проекти-ангажмани), со што се обезбедува неговата развојна стратегија и тактика,
3. И покрај тоа што во теоретскиот дел од оваа студија ја отфрлив практиката што сега владее, имено при креирањето на програмските шеми однапред да се определува односот помеѓу говорот и музиката, понуденава програмска шема за Евергрин Гром радио ја афирмира заложбата: сите програмски односи и содржински определби практично да се дефинираат и остваруваат во текот на реализацијата на одделни програмски сегменти со што помали отстапувања.
Притоа, важат следниве квантификации:
-производство на дневна сопствена програма (говорно-музичка) во траење од 16 часа и музичка програма (Музичка антологија) во траење од 8 часа; од вкупно 16 часа произведена програма (930 минути), говорните содржини зафаќаат 326 минути (35%), а музичките (рубрики и емисии) 604 минути (65%);
-односот меѓу говорот и музиката во рамките на 24-часовна програма (со вклучувањето на Музичката антологија) изнесува околу 70%: 30% или 1008 : 432 минути (на ниво на програми, со помали отстапувања на ниво на рубрики и емисии);
-одделно, по програми и емисии, шемата ги изразува следниве соодноси:
во утринската програма, во траење од 120 минути, 36 минути се отстапени за говор (30%), а 84 за музика од различни жанри (70%);
во живата радио-енциклопедија „Универзалии-Паноптикум“ тој сооднос изнесува 168 минути за говор (35%) и 312 минути за музика од различни жанри (65%);
вечерната програма „Мост-Скопска хроника“ содржи повеќе говор отколку во утринската иако станува збор за ист тип: за говор 42 минути (35%), за музика 78 минути (65%); кај вечерната односно ноќната програма, под заеднички наслов „Ноќна ведрина“ (секоја вечер со друг поднаслов), говорот се реализира во рамките на 63 минути (35%), а музиката во 117 минути (65%); во деновите на викендот, во сабота и недела, говорниот дел изнесува 270 минути (30%), а музичкиот 660 минути (70%);
-речиси 10% (во одделни програми и повеќе) се комуникациски, односно водителско време за комуникација со слушателите. Меѓутоа, овој програмски сегмент тешко може прецизно да се утврди во една отворено-контактна програма која комуникациската функција ја има како една од основните определби. Наведениот процент се однесува на „чистата“ комуникација (контакт со слушателите не врзан за одредена тема односно како дополнување, продолжување, збогатување на разговор во студио и сл. );
-според структурата на одделните програми и емисии (застапеност на едукативно-забавни (во нивни рамки и музички), информативни и комерцијални содржини) се вградени следниве соодноси:
во утринската програма 25% информативно-контактни и 5% забавни (во рамките на 30% говор);
во „Универзлии-Паноптикум“ од вкупната говорна минутажа (168 минути-35%) за едукативно-забавни соджини се предвидени 86 минути (51%), за комерцијални рубрики 45 минути (27%), а за информативно-контактни 37 минути (22%); рубриката во работните денови со заеднички наслов „Живот и ритам“ (со поднаслови) содржи 20 минути говор и 10 минути музика, а заедно со музичката рубрика „Интермедиум“, која и претходи, тој сооднос е 33%: 67%;
вечерната програма содржи 25% информативно-контактни и 10% забавни (во рамките на 35% говор);
35% од ноќната програма се целосно отстапени за забавно-рекреативни и забавно-музички содржини; за деновите на викендот: во сабота на забавно-рекреативните содржини им се отстапени 85% или 214 минути од вкупниот говор (252 минути), а на едукативно-забавните 15% (38 минути); во недела за 5% се зголемува едукативно-забавната содржина: 80% за забавно-рекреативни (202 минути) и 20% за едукативно-забавни (50 минути);
-музичкиот дел од понудената програмска шема изразен со околу 70% содржи: 83% забавна или вкупно 685 минути, од кои 44% странска (и балканска 120 минути-12%) или 485 минути и 27% македонска музика или 200 минути; потоа, 10% изворна македонска и странска народна и македонска новосоздадена фолк музика-(7% новокомпонирана, а 3% народна) или 105 минути, и 7% сериозна-класична музика.
Напомена:
Овие односи се релативни и се можни отстапувања од програма во програма и од емисија во емисија, исто како и општиот сооднос помеѓу говорот и музиката.
4. Насловите на одделните рубрики, на емисиите и на програмите се претежно авторски, а се користени и наслови на прозни и поетски дела од македонски и светски автори. Нивната поетичност (мошне присутна) е намерна. Таа може да го надмине сеприсутниот говорен стереотип на програмите на нашите радија, а во секој случај е предизвикувачка (го свртува вниманието на слушателите). Притоа е водено сметка насловите да се и адекватни на содржината, темата, проблематиката што се третира (помалку поетизирани или воопшто непоетизирани наслови на емисии и рубрики што третираат општествено-економска и политичка проблематика). Во однос на должината на насловите е предвидена нивната радиофонска изведба и радиофонскиот ефект што ќе го овозможи реализацијата.