АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 34 минути

10. 5. Жанровска разновидност

Квантификацијата на трудот за која, меѓу другото, се залагам како еден од предусловите за успешна програмско-уредувачка политика, е најнепосредно поврзана со жанровската структура на современото-модерното радио. Жанровското богатство не само што ја определува неговата основна отворено-контактна димензија, туку постојано ги одржува и исполнува интересот и вниманието на слушателот.

Новинарските жанри на радиото имаат свои специфики во однос на истите или слични во другите средства за масовна комуникација, пред сè телевизијата и печатените-весниците и списанијата. Доколку не се води сметка за тоа, нема да дојдат до израз неговите специфики со што ќе биде доведено во прашање и неговото постоење и опстојување.

Имено, каква би била потребата од слушање радио ако сето она што тоа го презентира, толкува и коментира на идентичен начин може да се прочита во весник или да се види на телевизијата? Со други зборови, доколку не се води сметка за спецификите на радио-изразот, на радио-жанрите, не може да се говори за специфичен масмедиум.

Во продолжение пишувам за одделните жанри што веќе ги негува радиото во развиените радиодифузни средини, а ќе се обидам да дефинирам и некои нови за кои сметам дека сè повеќе ќе заземаат свое место во радио-програмите (на пример,радио романот).

Некои теоретичари сметаат дека радиото на современата модерност треба да ги негува следниве новинарски жанри:

-Радио-вест

-Извештај

-Домументарна радио-програма

-Радио-пренос
-Изјава, интервју, разговор пред микрофон

-Радио-коментар, белешка, напис, рецензија, општествена хроника

-Надворешнополитички настани на радиото

-Радиска најава како нов посебен новинарски жанр.

Веднаш може да се забележи дека ваквата поделба на новинарски жанри на радиото, што ја сугерира М. Миленковиќ), не е доволно прецизна. На пример, што бараат во новинарски жанри „надворешнополитичките настани“ и „контакт-програмата“? Пред да ги разгледам одделно, односно да ги коментирам поддржувајќи ги или негирајќи ги нивните дефиниции, ќе ги посочам новинарските жанри што се користат во секоја „новинарска работилница“:

-Вест

-Извештај

-Интервју

-Коментар

-Општествена хроника

-Статија-досие

-Репортажа

Се залагам за уште некои специфични творечки жанри кои треба да се негуваат на радиото:

-Радио роман
-Радио драма
-Радио расказ
-Радио поезија

и еден нов творечки жанр кој допрва треба да се вгради во радио-програмата:

-Радио-плакат.

Недоумиците околу тоа што сè би содржела жанровската структура на радиото ќе бидат расчистени со анализата на сите наведени жанри и дефинирањето на оние што ги поставувам како нови.

Најнапред за веста воопшто и радио-веста како специфичен радио-жанр:

Веста е „најеминентен актуелен информативно-политички програмски сегмент“ (М. Миленковиќ).Основното за неа е секогаш да одговара на прашањето: „Што има ново?“ (токму таков назив на рубриката за вести на Евергрин Гром радио). Освен нејзината првостепено информативна функција, таа треба и да поучува, дури и да забавува, односно да му биде корисна на оној што ја прима. Значајно за веста воопшто е нејзината внатрешна динамика и претпоставената цел. Со право се истакнува дека најдобра вест е онаа која има „душа“, која го изразува мајсторството на новинарот. Според тоа, сосема е погрешно сфаќањето кое сè уште егзистира кај нас, имено дека „правањето“ вести е првата „училишна лекција“ за младиот новинар. Се разбира дека таа е и тоа, но едновремено е и треба да биде новинарско мајсторство. Во модерното новинарство сè повеќе се афирмира тн. „вест со заднина“, со „продирање под површината“ на настанот што се пренесува, со водење на читателот-рецепиентот „зад сцената“. Тоа подразбира една мошне битна карактеристика на веста: занимливоста, и тоа не само во однос на она што се пренесува, за што се известува, туку и како таа вест е оформена, напишана. Посебно кога станува збор за тн. „мала вест“, оти таа е често многу поприемлива од „големата“ токму со таквите карактеристики: занимливост и духовитост.

Во теоријата на новинарството посебно се истакнува веста со „осило“, отворено или скриено, која претпоставува напуштање на шаблонот; еден активен творечки однос спрема презентираната материја, при што коментаторскиот елемент е всушност додатно објаснување. Ваквата вест е предизвик и за искусниот коментатор, предизвик за новинарското мајсторство кое недоволно се акцептира во нашите новинарски кругови.

Колку од овие основни карактеристики на веста како прв и најважен новинарски жанр се иманентни и за радио-веста?

Познат е ставот: веста е вест, па каде било таа да се пласира или емитува. Па сепак, радио-веста во својот континуиран развој попримила некои карактеристики или специфики што ја издвојуваат како посебен новинарски радио жанр. М. Миленковиќ мошне прецизно го утврдува нивниот „редослед“: прилагодување за аудитивно пренесување, при што реченицата е „куса, заменките и прилошките одредби се одбегнуваат, а именичните форми и точното, макар повторено одредување на сите временски, заокружени количински и други битни елементи, го чинат нужниот пат кон полесно и недеформирано разбирање на материјата на веста“; најважната содржина во првата реченица; без алузии и наводници; точност на податокот и конкретност на аргументацијата; добро, јасно и целисходно информирање; без орнаментика на стилот и изветвени фрази; разбивање на „рецептивната монотонија“ при повторувањето на радио-веста, адаптација на материјата според барањата на радиото и конкретната емисија; соопштувањето на веста со самодоверба, природно, по можност и пријатно за слушање.

Може да се забележи дека многу карактеристики и функции на радио-веста, што ѝ ги припишува М. Миленковиќ, се однесуваат воопшто на радиоизразот. На пример, алузивноста, точноста и конкретноста наспроти орнаментиката и изветвеноста на фразата и сл. Во секој случај, нивното врзување за радио-веста е прифатливо, со оглед на тоа што претставува најважен информативно-политички програмски сегмент. Меѓутоа, не се наведени уште некои битни карактеристики на овој новинарски жанр кои што уште повеќе ќе ја подвлечат неговата специфика или разликување од веста воопшто. На пример, малата или „безначајната“ вест со својата занимливост и духовитост или веста со „осило“ за која реков дека зафаќа сè поголемо афирмативно место и значење во сите средства за јавно информирање, а јас би додал особено во радио-програмата.

Соопштувањето на веста не може да биде секогаш во самодоверба или официјалност, туку во рамките на водителското темпо во отворено-контактната програма. Од друга страна, тоа не може да биде поинакво од самата формулација на веста, онака како што е напишана. Не може да се бара ведрина или пријатност доколку не се вградени во самиот текст, доколку не е таков и стилот и изразот. Со други зборови, шаблонизираната вест (мошне присутна на нашите програми) не може да ја „извади“ никаква вештина на соопштување; и тоа ќе биде „шаблонско“. „Живата“ вест изнудува и живо соопштување. Веројатно токму тоа е причината што во нашата радио-практика таа е често во забавно-рекреативните и музичките радија.

Во однос на радио-веста, а тоа се однесува и на сите други радио-жанри кои ќе ги прифатам, секогаш треба да се имаат на ум основните карактеристики на отворено-контактната програма.

Ја прифаќам и типологијата (М. Миленковиќ) на радио-веста според која во програмите и емисиите имаме „основни“, вести во низа и флеш вести. Притоа, моето залагање е доминација на вестите во низа и флеш вестите кои особено соодветствуваат на контактното водителство. Потребно е да се воведе и другата „практика“, не помалку важна: флеш вестите да бидат составна компонента на водителството (поради континуираното информирање за актуелностите во земјата и светот), при што рубриката „Вести“ добива друга функција, друга содржина и структура: таа да биде не обичен збир на вестите емитувани во флеш-форма во „проширено“ издание, туку, напротив, сублимат на она за што е информирано во континуитет со селективен пристап.

Во рамките на дневната односно неделната програмска шема, информативната програма на Евергрин Гром радио е концепирана на начин кој најнапред ги селектира вестите не според важноста на настанот, со оглед дека таа и во однос на индивидуалниот и во однос на колективниот слушател е релативна, туку според занимливоста-атрактивноста (една од главните карактеристики на англиската радио-школа).

Извештај е исто така постојан и неопходен жанр на радио-новинарството. Со него на слушателот (и читателот) му се пренесува текот на еден настан, на едно случување, со неопходните описи, објаснувања и толкувања. Потценувачкиот однос спрема него доаѓа од „рефератско-фразерскиот и записничкиот“ стил и јазик, кој во новинарската практика воопшто е мошне чест, наместо да се негуваат-применуваат неговите основни специфики и цели што го изделуваат од другите новинарски жанри: известување-информирање за новото, актуелното, важното и интересното. Натаму, за сметка на обопштувањето се губи конкретноста, опширноста ги „гуши“ непосредноста и динамиката, а сувопарното пренесување (рапортирање за) на настанот-случувањето претставува не само негација на професионалноста, туку и на инвентивноста и креативноста. На пример, честото заборавање на прашањето „Како?“ или на прашањето „Зошто?“ извештајот го сведува на средношколска литературна творба. Со други зборови, извештај кој не содржи елементи на конкретност, непосредност, динамика, инвентивност и креативност е резултат на недоволна обученост, но и на непознавање на основите на новинарскиот занает.

Радио-извештајот содржи и некои специфики без кои не може да се прифати и да се емитува на модерно концепирана радио-програма. Ако ја нема радиофоничноста, ако не се користат нејзините „изразни средства“, дали воопшто би можеле да зборуваме за радио-извештај? Дури тогаш кога извештајот (како и другите радио-жанри) ќе биде така оформен да не може да се презентира во друг масмедиум без соодветна „адаптација“, ќе може да се зборува за вистински радио-извештај (користење на музичка подлога, ефект, интонативност итн.). На пример, форумското известување се остварува без пренесување на атмосферата или со цитат колку да го има, а не радиофонски да се акцентираат најважните делови од состанокот, седницата, форумот. За ова во информативно-политичките емисии на радијата од ваков тип кај нас малку или речиси воопшто не се води сметка. Едноставно речено, тие се премногу официјални и „сериозни“ (попрецизно: шаблонизирани), па не го задржуваат вниманието на слушателот, освен со содржината-актуелноста. Во ваквите емисии е речиси незамисливо да се емитува музичка нумера како прилог-победник на некој меѓународен или македонски музички натпревар (фестивал), на сериозната, забавната или новосоздадената народна песна. А да не посочувам на нешто многу „порадикално“: дали можете да замислите во некое издание на Пладневниот радио-весник на Македонското радио уредникот-водител некој значаен настан да го коментира со шега или виц?

Радио-извештајот има и други свои специфики кои не му се својствени односно не се толку забележливи во новинскиот или телевизискиот извештај: синтеза на најбитната содржина на седницата, состанокот, заседанието, конгресот, симпозиумот итн; јасност, конструктивен активизам, радиска концизност, важност на монтажата односно техничко-тонското мајсторство и во снимањето и во монтажата; отфрлање на тн.„форумски стил“, на робувањето на хиерархискиот авторитет, на тн.„коментирано известување“; улогата на водителот во живото вклучување на известувачот во програмата, што е доминантно во отворено-контактната програма итн.

Изјавата, интервјуто и разговорот пред микрофон се типични радиски (и телевизиски) новинарски жанри; и според формата и според содржината тие го потврдуваат својот аудио-визуелен карактер. (Дури и новинското интервју има потреба од илустрација-фотографија, цртеж итн.). Немаат подеднаква тежина, меѓутоа во суштина и изјавата и интервјуто и разговорот имаат непосредно учество на соговорник. Нивното изедначување се оправдува, меѓу другото, и со радиската автентичност и со програмската уверливост. Обично се дефинираат како три фази, степени или скалила на еден ист жанр кој го донесува сведочењето со помош на гостин или гости во програмата, емисијата или рубриката.

Изјавата се смета за наједноставна форма на радиското сведочење: монолог, изјаснување или изнесување на став на личност(и) за одредено конкретно прашање. Обично изјавата ретко се емитува самостојно, како посебен прилог. Најчесто таа се поставува во контекст на други изјави за исто прашање (анкета), како повод, аргументација на коментар или со претходен вовед, а може да претставува и „помошен материјал“ за портретирање на личноста што изјавува. Поради еднонасочноста на оваа форма, што значи слушателот е најчесто во пасивна улога, изјавата најчесто предизвикува или аргументира коментар. Мое програмско залагање е за серија изјави (анкета), не само поради можноста од радиофонско обликување и монтажна интервенција, туку и затоа што таа овозможува поширока комуникација со слушателите во отворено-контактната програма.

Една од најзначајните компоненти на интервјуто воопшто, а на радио-интервјуто посебно, е непосредниот однос помеѓу соговорниците кој директно се пренесува на слушателот (интервјуираниот му се обрнува и му говори токму нему).

Интервјуто бара пред сè одредена тема што ја наметнува некоја актуелна општествена состојба-ситуација. Доколку таа има доволна аргументација за да се прифати, неговата успешност зависи од подготвеноста на новинарот, но и од компетентноста на соговорникот (правилен избор). Меѓутоа, она што најчесто се подзаборава во новинарската практика и поради што имаме слаби, неивентивни и безначајни-празни интервјуа, е подготовката на претходен план со кој однапред ќе се надмине рутинерството и „ученички иследничките прашања“ од типот „Кажете ни нешто повеќе за тоа“ или „На што се должи вашиот успех?“, „Што за вас значи оваа награда?“ и сл. Доколку се подготвува претходен план (кој не може и не треба да навлегува во детали), целосниот успех на новинарот и неговото интервју зависат исклучиво од неговата способност за комуникација, умеењето да слуша, заинтересираноста, познавањето итн.

Кога зборуваме за радио-интервјуто, обично разликуваме три негови варијанти (М. Миленковиќ): во првата соговорникот е исклучив познавач на дадената интересна тема „…чии одговори не ги доведуваме под сомневање“2); во втората имаме извесни познавања што можеме дури и да ги спротивставиме на стручноста на соговорникот; и во третата новинарот (во улога на водител) е подготвен за расправа, за полемика со соговорникот, што значи дека постои меѓусебна стручност и компетентност. Во зависност од типот и карактерот на програмата, емисијата или рубриката ќе биде примената соодветна варијанта.

Меѓутоа, бидејќи во практиката тешко може да се направи прецизно разграничување помеѓу нив, тие често се „мешаат“. Втората и третата варијанта можеме повеќе да ги очекуваме при одбирот на темата, настанот-случувањето кога е тоа резултат на новинарска потесна специјалност.

Разговорот пред микрофон се разликува од претходните два „разговорни“ радио-жанра (изјавата и интервјуто), па дури претставува посебен жанр според тоа што трае подолго и едновремено се обработуваат најразлични аспекти на едно прашање, проблем или тема; во програмата или емисијата има повеќе учесници, вклучувајќи ги и слушателите; на крајот се нуди синтеза и подвлекување-акцентирање на целта (не задолжително коментар).

Посочувањето на наведените карактеристики од страна на некои теоретичари на современото-модерното радио (М. Миленковиќ) не ми се чини доволно аргументирано, особено затоа што елементите на разговорот пред микрофон претставуваат основа и на интервјуто, па и на изјавата каква што ја прифатив за отворено-контактната програма.

Според мене, разговорот како комуникациска форма е составен сегмент на секое радио, од кој било тип, па според тоа не може да биде изделен како посебен радио-жанр. Меѓутоа, ги респектирам другите карактеристики, особено вклученоста на повеќе соговорници и синтезата на нивната расправа. Потенцирам расправа пред микрофон, а не разговор, што подразбира сопоставување на гледишта и ставови, оставајќи им на слушателите сами да донесуваат сопствени заклучоци. Впрочем, теоријата на новинарството, на информирањето и коминикациите познава голем број типологии на дијалогот (-разговорот), но не и некаков посебен пред микрофон (микрофонот како помошно средство во интервјуто го користат и новинарите во весниците и списанијата).

Радио-преносот е исто така специфичен радио-новинарски жанр. Во неговата реализација постојат два пристапа; импровизација и целосна подготовка (сценарио), односно пренос со познат и со непознат исход. Преносот кој бара темелни подготовки најчесто се реализира од собири, заседанија, при што се планира дури и во детали, со утврдено време и ритам, амбиент и сл. Преносот со импровизацијата како главна карактеристика е најчесто од спортски настани. Но, и кога се говори за импровизација репортерот не може без темелни подготовки што не се сведуваат на прибирање на податоци, историски приказ(н)и, познавање на правилата на игра и сл. Она што ги осиромашува, па и обезвреднува радио и телевизиските преноси од спортските натпревари, е токму сувопарноста на податоците што се изнесуваат, монотонијата во говорот, несоживување со атмосферата и настаните на теренот и сиромашниот вокабулар. (За непрецизната спортска терминологија, употребата на преведени идиоми, на туѓи зборови, за погрешната акцентуација и сл., инаку мошне присутни во македонското спортско новинарство воопшто, а посебно во радио-телевизиското овде нема да пишувам затоа што сето тоа го подведувам под новинарска неписменост.) Ретко се случува тој-спортскиот радио-пренос да биде исполнет и со лични досетки, анегдоти и каламбури. За разлика од нив, преносите од значајни настани ретко го доведуваат, односно го пренесуваат слушателот до местото на случувањето; тие се обременети со квази-литературни пасажи или патетично-патриотски фрази и цитати, при што не се води сметка за нивелација на говорениот и читаниот, однапред подготвениот текст; така говорот (слободниот, импровизацијата) е натегнат, исполнет со невешто срочени реченици, неправилни конструкции, а напишаниот текст го менува ритамот на преносот. Ова се однесува и на директните и на тн. одложни радио-преноси.

Негативностите од нашата радио-практика ги изострувам докрај не потценувајќи ги достигањата на нашите репортери кои, се разбира, оствариле значајни успеси и оставиле сопствен печат, свои траги во историјата на македонското радио-новинарство.

Коментарот за многумина е врвниот дострел на новинарството, а коментаторите најугледни и најспособни новинари. Дали е баш така? Не е ли тоа глорификација на коментаторското новинарство, па во нашата радио-практика среќаваме премногу мудрување, сопствени ставови и заклучоци, а малку аналитичност, знаење истручност? Не е ли во прашање форсирање на лажниот авторитет на новинари во залезот на својата кариера?

Многу компетентни личности укажуваат на тоа дека, според елементите, карактеристиките што му се иманентни, тој-коментарот е еден од најсложените новинарски жанри; дека „ја отвора вратата на аналитичкото новинарство“. Со други зборови, тој е негов почетен чекор, „наједноставната форма на искажување“, всушност премин кон статијата или политичкиот есеј. С. Лукач, истакнат српски теоретичар и аналитичар на новинарството, за коментаторот вели дека е тој „според многу нешта елитен новинар, има лична визија, етичка сила и професионална компетенција да ја изрази повисоката општествена објективност и да го дефинира јавниот интерес“.

Меѓутоа, без оглед на ваквите ставови лично не сум за толкава мајоризација на еден новинарски жанр над другите, ниту пак за мајоризација на таквиот новинарски профил. Напротив, коментарот го сметам само за потежок новинарски род од досега разгледаните (но не и најтежок), чии вредности ќе ги акцентира-афирмира основните карактеристики и, што е најважно во нашиов контекст, ќе ја оправда неопходноста во дневната програмска структура на радиото на современата модерност.

Коментарот претпоставува не само објективност, аргументација, конкретност, мислење, став, оценка, исходиште, соодветна терминологија, туку и (пред сè) нешаблонизиран пристап и подготвеност-знаење, па и вештина. Врвниот коментатор го препознаваме и му веруваме, односно со задоволство го читаме или слушаме затоа што поседува и новинарски шарм, па и познавање на читателите или слушателите на кои им се обрнува (непосредност). Со други зборови, способноста за анимација е исто така важна компонента на еден успешен коментатор. Анимацијата не подразбира само обраќање, само поттик за размислување, туку и влијание врз промената на мислењата или однесувањата на индивидуалниот, уште повеќе на колективниот читател-слушател.

Во теоријата на новинарството уводникот се изделува како „најугледен член во семејството на коментаторските текстови“. Ако во весник тој е едновремено текст кој „никој не го чита“ (К. Чапек), во радио-телевизиските емисии е секако текст кој со задоволство се слуша. Меѓутоа, и за успешниот уводник како коментар важат истите критериуми како и за секој друг. Дури, можам да се согласам дека како „најугледен“ коментар треба да поседува и нешто повеќе. На пример, поголема фокусираност и максимална конкретизација.

Поседува ли радио-коментарот некои други специфики, освен наведените за коментарот како новинарски жанр и претпоставената (предвидената) радиофоничност?

Во теоријата и практиката на радио-новинарството се одамна утврдени критериумите за успешен радио-коментар. Обично се наведуваат следниве (и според следниов редослед): мотивираност и знаење и кај коментаторот и кај приемачот на коментарот, односно заложбата за максимално можно знаење на коментаторот, а едновремено и макар минимално знаење за темата или проблемот од страна на приемачот-рецепиентот; потоа, личната уверливост на коментаторот дека неговите размисли, ставови и заклучоци се прецизни и неприкосновени, а со што тој ја потврдува сопствената автентичност; и третиот критериум, кој според мене е најважен со оглед дека владеењето со односната материја-областа-проблематиката е однапред постигнато (инаку некое прашање или проблем едноставно не би можел да го коментира) е вештината на презентирањето, односно јасното изразување, јазикот, стилот, но и интерпретативната способност (глас, акцент, култура на говорот, интонација и сл). Најголемата тешкотија за радио-коментаторот е токму аудитивната перцепција, при што треба да се изберат најприфатливите аргументи, рационално да се користи подготвената аргументација, да се води строго сметка за актуелноста, во стилот во најмала можна мера да се забележува разликата помеѓу напишано и начинот како тоа се изговара. Во сето тоа не треба да се заборава и коментаторскиот поттекст со што се поттикнува активниот однос на слушателот.

Преголеми барања? Можеби, но многу од нив се однесуваат и на секој друг радионовинарски жанр. Фактот што за коментарот тие се особено значајни најмногу говори за неговата сложеност, па оттука и за помала застапеност на радио-програмата. Впрочем, не треба да се заборави на една од главните заложби на современите радио-школи во светот: што повеќе информации-што помалку коментари.

Сродни новинарски жанри на коментарот, со помала тежина но со подеднакво програмско значење, се белешката или освртот, општествената хроника, рецензијата и статијата или есејот.

Белешката или освртот (како еден ист жанр) ја содржат строгата актуелност и брзата реакција во која е вградена и оценка, а која не е резултат на поголема, потемелна аналитичност. Особено белешката во радио-програмата нуди мошне широки можности за радиофонско обликување, и тоа од пренесување на атмосферата до радиското акцентирање(што е мошне значајно за коментарот, на пример). Белешката е мошне прифатлив жанровски сегмент особено за забавно-рекреативните програми и емисии. Освртот, пак, е обично најзастапен во дневните, претпладневните информативни емисии и рубрики.

И во општествената хроника се даваат објасненија, се толкува, се даваат оценки; и таа има активистички однос и влијание спрема општествените појави и однесувања. Меѓутоа, користејќи ги речиси сите други форми на новинарскиот израз, на другите радио-жанри, таа е „фронтовска“ или „борбена“, докрај ангажирана, до решението на проблемот или појавата, ситуацијата, најнепосредно врзана за конкретни личности, именувани и непосредно присутни. Општествената хроника постојано иницира акција, но во себе содржи и нешто исто така мошне значајно: гласност и емоционалност спрема темата што ја обработува. Општествениот хроничар секогаш тргнува од конкретниот човек, но не се занимава со неговите општочовечки емоции; хроничарот го интересираат пред сè оние емоции кои ги покренува неправдата, неправилноста, нехуманата хиерархија; тој го следи човекот со неговите неволји, сака да ги доведе до бесмисла сите нечовечки и незаконити постапки што го поттиснуваат, го потчинуваат, го понижуваат, му ја разнишуваат довербата во можноста да ги совлада со личен ангажман, да се одбрани себеси, а најмногу да го одбрани достоинството на сопствената личност.

Што се однесува на рецензијата, која исто така му припаѓа на коментарот како новинарски жанр, неа ќе ја обработам во поглавјето за творечките радио-жанри затоа што сметам (како и есејот, на пример) дека повеќе ѝ припаѓа на таа групација.

Статијата е воопшто неприлагодлива за радио-изразување. Таа е типичен новински жанр. Неговата типичност не е во тоа што нуди решенија за проблемот за кој се пишува, ниту во излагањето кое е (треба да биде) документирано со податоци и факти, а уште помалку бидејќи овозможува низа од настани да бидат третирани во меѓусебна поврзаност. Суштината на новинската статија-да презентира податоци и факти, докази, аргументи кои ја имплицираат основната теза, а потоа ја докажуваат, е суштина и на современиот-модерниот радио-израз воопшто. Проблемот на неприлагодливоста на статијата не е ниту во широчината на воопштувањето или продлабочената анализа, односно во речиси научниот метод на работа (темелно познавање на материјата што овозможува сериозен, студиозен и идејно ангажиран новинарски труд кој содржи и објаснување, и толкување и валоризација).

Освртот или белешката, општествената хроника и коментарот, како врвен жанровски член на ова „семејство“, се всушност почеток на тн. аналитичко новинарство, а статијата и есејот претставуваат негов врвен дострел.

На нашите радио-програми написот и прилогот се синоними за кој било новинарски жанр, а особено кога тој тешко може да се препознае, кога не е доволно определен. Меѓутоа, не е оправдување тоа дека статијата е новински облик на новинарско изразување, па како таков и се одржал во новините-весниците, а и затоа што читателот има потреба или навика да се навраќа на некои податоци или мисли откако еднаш ќе ги прочита или чуе, со многу поконцентрирано внимание. Тоа имплицира едно суптилно прашање: дали значи дека радио-слушателот не е таков-студиозен, односно дека нема такви потреби и навики? Одговорот е сосема јасен и недвосмислен: на современото-модерното радио аналитичкото новинарство му е еден од препознатливите „знаци“, се разбира со помош на оние жанри што му одговараат односно на оние што се сметаат како специфични за радиото воопшто. Во таа смисла преферирам еден друг жанр кој е исто така статија, но многу поприфатлива и поприлагодлива за радио-изразот: досие (радио-досие).

Радио-досието ги содржи сите важни елементи на статијата, но и нешто повеќе: користење на разновидна техника и во прибирањето на податоци и документи, во нивното толкување, објаснување, и во нивната презентација. Таквата темелност (за досието воопшто е потребна тимска работа и подолг временски период за обработка-подготовка, а тоа значи истражување со познавање и јасна цел) ја овозможува токму радиото на современата модерност.

„Отворањето“ на досието на некоја тема или проблем е директно, непосредно, на местото на настанот, и се презентира изворно. Ваквиот начин на работа предвидува и творечки ангажман на техничкиот-продуцентскиот-реализаторскиот тим: на снимателот-монтажерот, на тон-мајсторот, на продуцентот, на режисерот на програмата, затоа што и радиофонското обликување и програмската реализација се подеднакво важни колку и неговата содржина. Притоа, досието не бара туѓа комтетентност (каква што се обезбедува, на пример, за тн. дебатни емисии), туку се афирмира сопствен, авторски, творечки ангажман. Затоа досието го вреднувам како врвен и најсложен аналитички новинарски радио-жанр застапен во програмската структура на современото-модерното радио.

Веќе не е спорно дека радиската најава претставува посебен новинарски жанр и оти уште од нејзиното дефинирање доби некои свои специфики. Имено, пред сè радио-практиката потврди дека, освен нејзината информативна, коментирачка, вреднувачка и аниматорска функција, таа претставува и комуникациско средство на водителот на отворено-контактната програма или емисија. Со радиската најава тој воспоставува дијалог со слушателите, го концентрира нивното внимание и, дури, ги покренува на акција. Неспорно е дека притоа се бараат и творечка инвенција и знаење и умеење, зашто во современата-модерната радио-програма начинот на пласирање на една содржина е често и поважен од неа самата (ја надополнува, ја збогатува, ја насочува). Најавата поврзува одделни содржини во една целина, ја истакнува целта, пораката или заклучокот од прилогот што го пласира, но и го подготвува слушателот за содржината што следува, инсистира на негово внимание. Типичен пример: „Внимателно слушнете го следниов прилог оти потоа ќе го бараме и вашето лично мислење“.

Од друга страна, и најавата, како и секој друг радио-новинарски жанр, бара своевидно радиофонско обликување и дизајнирање. Слично како наднасловите и насловите во весниците: едните со помасни букви од другите за да се задржи вниманието на читателот на главното, за да се истакне поентата на написот. Значи, таа е пред сè дел од уредувачката политика и практика, па не би требало да им се препушти на самите новинари или на слободата-импровизацијата на водителот (доколку тој нема улога на уредник-водител). Всушност, се залагам за креативен-творечки пристап во уредувањето на радио-програмата воопшто, со подеднакво внимание и спрема радиската најава на програмите, емисиите и рубриките, без оглед на новинарскиот професионализам. Доколку постојат можности, треба да се специјализира и таков уредувачки профил: уредник за најави, слично како и во весниците и списанијата (светско, сè уште не и наше искуство) во кои уредникот за наслови ја врши својата функција во најнепосредна соработка со новинарите и техничкиот уредник (новинарите можат да предлагаат наднаслови, наслови и поднаслови, уредникот за наслови ги прифаќа или смислува нови според содржината на прилозите, а техничкиот уредник ги дизајнира). Притоа, до израз доаѓаат неговата инвентивност и смисла за читање, односно слушање на понудениот материјал.

Радиската најава може (пожелно е) да се дополни со музички ефекти, за таа да добие драматско дејствие. Најава може да биде и само музички ефект или шум, но во тој случај тој е постојан, неменлив, за слушателот да се навикне да очекува одредена содржина (прилогот како рубрика).

Освен прифатливото категоризирање на најавата на класична и инкорпорирана, едногласна и полифониска итн., кое на преден план го става нејзиниот формален аспект, овде ќе се позабавам и со познатата, во радио-практиката (како светско искуство) прифатена, проверена и потврдена поделба на музичко-говорната најава на: авизо, шпица, џингл и фон.

Авизото етимолошки значи „усно или писмено, телефонско или телеграфско известување на отпремникот до странката за пристигнување на стока, чек или меница или отворен акредитив”.3) Да авизираш (фр. aviser) значи да известиш, најавиш, предупредиш. Слично значење и функција има авизото во програмата на радиото на современата модерност: се најавува самата програма, се известува за неа, се предупредува дека започнува (или завршува); таа се авизира.

Авизото е „покривот“ или „капата“ на сите програми, емисии и рубрики. Тоа значи дека е постојано, неменливо, дефинитивно (како што и покривот на една куќа е постојан- неменлив сè додека куќата трае-опстојува; како што „капата“ на градот-светот (највисоката планина) е една, постојана и ја чува „главата“, го брани „телото“ од непознати-„туѓи тела“). Едновремено е и едно и единствено. Заедно со оригиналноста и неповторливоста, авизото има функција на препознавање на еден радио-канал или на едно радио во радиодифузниот простор, негово разликување од други.

Авизото е една од говорно-музичките радио (и телевизиски) најави. Според тоа, нејзината содржина е говорна и музичка односно говорно-музичка. Тоа може да биде само говорно или само музичко, доколку радиото не реализира-емитува и други програми, емисии и рубрики. Притоа, исклучиво говорно радио практично не постои, па и кога не емитува музика, затоа што во тој случај би морало да биде говорно-музички дизајнирано (на пример со музички и други ефекти). Ако не поради нешто друго, тогаш за да се разграничат говорните програмски сегменти. Впрочем и тие-говорните сегменти содржат музика, се илустрираат музички. Во спротивно, тие не би биле радиски, особено некои радио-жанри кои според своите специфики е нужно да бидат илустрирани: тн. творечки радио-жанри. Едно радио може да биде исклучиво информативно, но тоа секако не значи дека емитува само вести и информации кои, пак, зависат од самите настани-случувања и од атмосферата (поседуваат ефекти). За исклучиво музичките радија важи обратното: доколку емитуваат само музика, без никаков говор, тогаш тие не се радија, туку музички кутии-џубокси. Поинаку речено, музиката или се најавува или се води, со што таа добива говорна содржина (потсетувам: радиото зборува и кога свири). Сепак, она што е најважно за авизото е дека тоа на своевиден начин ја сублимира, ја супстанцира и најавува или одјавува (обично го прави и едното и другото заедно) целата содржина на радиото.

Авизото е пред сè авторско дело. Со тоа сакам да го нагласам творечкиот пристап во неговото правење, и тоа од идеја до реализација. Ако не во неговата целост, тогаш во основниот-главниот дел. Имено, неговиот музички дел како фон или ефектите можат да бидат позајмени односно обработени, но говорниот мора да е оригинален-авторски. Таквите решенија предвидуваат внимателен избор, при што не е во прашање само ретко користена музика, туку и присвоена-усвоена (лиценцирана). Сепак, најдобро е да се прави оригинално авизо во целина, значи компониран-авторски музички дел и говорен кој не е прераскажана содржина, туку е раскажана односно ситуирана.

Доколку „авизираме“ радио-станица која има повеќе канали или програми (на пример, програмите на Македонското радио), тогаш авизото го содржи единствениот препознатлив сигнал на радио-станицата, заедничкиот наслов (Македонско радио), а одделните канали или програми имаат сопствено авизо во продолжение.

Во основа не постои голема разлика меѓу авизото и шпицата. Па сепак, ако не теоретска, барем „практична“ секако постои. Вообичаено е едно радио да се препознава според сопствено авизо кое, како што нагласив, е „покрив“ или „капа“ на сите програми, емисии и рубрики, но и според шпици (значи повеќе) кои претставуваат посебни „покриви“ или „капи“ на одделните програми и емисии.

Шпицата е повеќе филмски термин, но неговото основно значење е компатибилно со значењето и функцијата на современото-модерното радио. Таа се пушта на почетокот од филмот-програмата или емисијата на радиото, а го содржи натписот односно главниот наслов и друго. Тоа друго можат да бидат насловите на одделни „поглавја“-рубрики, а можат да бидат и имињата на носителите на програмскиот проект („Шоу на Бени Хил“).

Шпицата како говорно-музичка најава мора да има драмска форма, да содржи драматуршки елементи: говорни, музички и изведбени-интонациски. Нејзината конкретна реализација-оформување бара претходно прецизно сценарио во кое ќе бидат предвидени, односно ќе бидат поставени на „свое место“ и ефектите и фонот, но и говорните сегменти и музичкиот говор со нивната (артистичка) изведба. Сето тоа претпоставува и режија, препознатлив режисерски печат. Значи, како и за авизото, и за шпицата како радио-најава во преден план е авторството кое, пак, подразбира стручност и компетенција. Во развиениот масмедиумски свет (висок степен на развој на електронските медиуми) постојат специјализирани пост-продукциони студија-стручни тимови за радио-дизајн (развиен бизнис) кои подготвуваат комплетни дизајни на радио-канали.

Кога станува збор за авизото и шпицата, треба да се нагласи дека тие, заедно со фонот, се дел од тн. статичен радио-дизајн. Динамичкиот всушност претставува радиофонско обликување на секој одделен програмски сегмент. Тоа значи дека авизото и шпицата (и фонот), како говорно-музички најави (радио-жанри), претставуваат на свој начин промоција на програмата на едно радио, на неговата глобална програмска определба. Таквото нивно димензионирање ја зголемува одговорноста во осмислувањето-концепирањето и реализацијата.

Бидејќи на шпицата не ѝ се приоѓа со нужен респект спрема нејзината комплекснот, во нашата радио-практика го имаме тоа што го имаме (слично како и со авизото): рутинерски шпици кои не се ниту дел од програмскиот дизајн, ниту учествуваат во неговото препознавање, постојат-се емитуваат како обични ефекти, се менуваат поради предолга употреба, се прават со многу технички недоречности, без идеја и инвенција, без игра-авантура на творечкиот дух, без соодветна артистичка изведба.

Џинглот најавува емисија или рубрика. Временски е покус од шпицата и авизото, а би можел да се спореди со поднасловите во весниците и списанијата. Тоа претпоставува и негова двојна функција: како „поднаслов“ со општа намена и како дел од самата содржина на рубриката или прилогот. Тој е дел од динамикиот радио-дизајн, што значи е променлив и зависи од содржината што се емитува-презентира. Може и да не се менува, а во текот на новинарското практицирањеда добива свои алтернативи. Во секој случај, на радио-новинарот (особено на водителот) му стои на располагање да го употребува на вистинското место во програмата, како дел од сопствениот говор, како дел од својата порака до слушателот.

Џинглот е исто така говорен или музички односно говорно-мзуички. Тој треба да се разликува од ефектот и според времетраењето и според програмското место. Внатре, во самиот прилог или во емисија, се користи како акцент, нагласување на некој дел од содржината или како здив-мала пауза. Постојат повеќе видови џинглови кои играат одредена улога (чудење, прашалник, точка, запирка и сл.). Постои и џингл-потсетник кој му служи на водителот или на авторот на емисијата или прилогот за најавување или нагласување на основното прашање-тема-проблем што се обработува.

Џинглот е типична „игра-најава“ што ја одржува, ја следи и ја развива динамиката на програмата.

Фонот е најнапред музичка подлога или „заднина“ на говорот. Тој му соодветствува на ритамот и динамиката на говорот, создава заедно со него кохерентна целина. Говорот и фонот не се дивергентни, туку напротив, постојано конвергираат еден со друг. Исто така, фонот мора да го одразува и карактерот на програмата, емисијата или рубриката. Оние од забавно-рекреативен или хумористично-сатиричен карактер имаат динамичен, игрив, па и шеговит фон. Напротив, дебатните (разговори во студио) имаат лежерен или спокоен (но не едноличен) фон. Имајќи го токму тоа предвид, фонот најчесто го врзуваме за водителството: го овозможува неговото препознавање, ја потврдува неговата автентичност, го афирмира како вокална личност.

На програмите на Македонското радио (и на приватните-комерцијалните радија) се забележува основно непознавање на неговата функција: дека тој, како музичка подлога или „заднина“ на говорот, не може да се пушта-да се слуша самостојно (да се емитува неврзан) затоа што во тој случај не е во прашање фон, туку инструментална музика во рамките на музичката содржина. А тоа најчесто се случува, особено кога предвреме ќе се потроши говорот. Истото се случува и пред тој да почне: фонот оди и слушателот ќе почека додека водителот се реши да проговори.

Фонот секогаш почнува и завршува заедно со говорот (или само неколку негови такта самостојно како најава, пред тој да почне) и не може да има друга намена, освен да го следи неговиот ритам и динамика.

Авизото, шпицата, џинглот и фонот се говорно-музички најави, а едновремено се и дел од радиофонското обликување на програмата. Се разбира, тие не се единствени. Од не помала, некогаш и подеднаква важност за радиофонот е и „драматургијата на рубриката, емисијата, програмата, која ќе ги задоволи и барањата на динамиката, и на привлечниот, животно веродостоен и интересен почеток, и на сите други патишта со кои се отстранува монотонијата или конфузната фрагментација на содржината“ (М. Миленковиќ).4)

За кредибилитетот на современата-модерната радио-програма мошне се значајни и техничките и говорните елементи. Во тој однос критериумот на нашите програми е прилично разводнет, се толерираат и поголеми технички пречки (особено во врските при репортерските јавувања),нечисти телефонски извештаи, што само го иритираат слушателот и на тој начин се губи неговата доверба. Сè поретки се примерите на осмислен и тонски совршено монтиран прилог или емисија, што во најголем случај не е вина на снимателот или тонецот, туку на новинарот киј не ги прави сите претходни подготовки. На пример, во сите професионално организирани радио-програми не се пристапува кон снимање односно монтажа на емисија или рубрика без синопсис или сценарио. Кај нас тоа е вообичаена практика.

Некои репортажата ја дефинираат како „уметност на деталот“. Мене ми се чини дека тоа не е ниту прецизна, ниту јадровита, уште помалку луцидна дефиниција. Без оглед што се сака да се нагласи нејзината уметничка вредност, таа во суштина не е уметност. Во едно уметничко дело деталот е сам по себе уметност, а до колку тоа не е, тогаш го обезвреднува самото дело. Ова ќе го потврди секој уметник, од која било провиниенција. Дотолку повеќе што модерната уметност воопшто практично ја создава и афирмира вредноста на деталот (моментот). Меѓутоа, да ја оставиме уметничката вредност на репортажата за подоцна (кога таа може да прерасне во творба со некои уметнички вредности), а да се позанимаваме со други важни прашања поврзани со овој новинарски-творечки жанр.

Воопшто, репортажата претставува начин и форма да се прикажат појави и настани од стварноста, поточно од времето (сегашно или минато) кое се доживува од страна на новинарот, а таа доживеаност му се пренесува на читателот-слушателот за и тој да ја доживее на свој начин. Притоа, најчесто станува збор за доловување на атмосферата и на просторно-временската димензија на најважните моменти (-детали) на некое случување во кое има(ло) или нема(ло) учесници-актери. Она што предизвикува уметничко доживување, а поради што и се јавува претенциозната заложба за репортажата како уметничка литература, е користењето на книжевни средства со кои нејзиниот писател се користи за прикажување (не раскажување) на настани предизвикани од лица или случени од природата: опис, дијалог, стилски фигури и др. Репортажата не е уметност, но може да добие уметнички ведности (да ѝ се доближи на вистинската литература) доколку користењето на книжевни средства не е со намера или цел да се создаде книжевно дело. Во спротивно, ќе говориме за нецелосно книжевно дело (скица, расказ или роман) кое нема естетски вредности, ниту ја потврдува авантурата на творечкиот дух. Во теоријата на литературата таквите творби се означуваат како преодни форми, а во конкретниот случај таквата преодна форма е наречена уметничка репортажа (чии највисоки дострели ги оствариле писатели, а не новинари-публицисти).

Интересно е што помеѓу книжевните жанри се среќава и раскажувачка проза во која фабулата се темели на некој вистински настан или на стварни личности, а обработката тендира кон уметничка креација. Тоа е „мошне широка, колеблива и неодредена форма на раскажување” (М. Горки). Таа проза се нарекува очерк (руски термин), а според своите елементи е најблиска до репортажата и портретот. Исто така, се смета дека со концизноста на описот и фрагментарноста на материјалот потсетува на цртичкта, според широчината на зафатот на расказот, па дури и на романот. Станува збор за мошне популарен жанр во руската литература во втората половина на 19. век, како и во периодот на револуцијата и изградбата на советската држава (теми од револуцијата, контрареволуцијата, ударничкиот дух, вербата во колективизмот, во комунистичката идеологија и сл.).5)

Во основа, добрата репортажа се одликува со актуелност на темата (не мора и сегашност), со информативност, концизност, а пред сè со занимливост и духовитост во прикажувањето или пренесувањето на доживеаното. Со други зборови, репортажата инсистира на следниве елементи или барања: живо и занимливо напишана, раскажана слика за човекот, настанот или појавата, актуелна важност и општествена тежина, личен стил, автентичност; таа претставува документ, хроника на едно време; содржи документарни слики и сведоштва; таа е информативна и не е „лирско-епска амбалажа за податоци“: импресионистичкото површно пишување од псевдолитературен карактер, во кој стилските бравури и играта на зборовите добиваат предност над фактографијита, ја негираат нејзината сушност.

Главната карактеристика на документарната радио-репортажа е „драматургијата на стварното“. Тоа претпоставува креативен ангажман и со мера и функционалност применети радиофонски средства. Во нашата радио-практика не постојат многу примери на радиофонско пренесување на некоја животна или дејствувачка ситуација од пошироко значење, на нечија човечка судбина, на некоја животна приказна. Таквите обиди најчесто ги обезвреднува лошата, дури непостоечка режија, нелогичната монтажа, односно несоодветното користење на автентичен ефект заедно со радиофонските изразни можности. Многу почесто се тоа квазилитературни текстови, со празна фразеологија и без макар најмало присуство на микрофонот. Се разбира, не можат да се негираат осведочените резултати на тој план што во 90-тите години на 20. век ги остварија новинари во Македонското радио.

Документарната радио-репортажа (и репортажата воопшто) е висококреативен новинарски труд, врвно творечко новинарство. Тоа значи дека таа бара и темелни подготовки и добро осмислено сценарио и доволно време за реализација.

Ако радио- репортажата е дел од редовните неделни новинарски ангажмани, резултатот ќе изостане. За да се направи радио-репортажа барем на просечно-стандардно ниво, таа мора да се наложи не како дел од дневна задача, туку како единствен новинарски неделен ангажман. А точно е и тоа дека документарната радио-репортажа не може да ја прави секој. Ја прави оној што до совршенство ги совладал другите новинарски жанри, бидејќи таа својата документарност ја потврдува и со веста и со извештајот, интервјуто, анкетата, полемиката, документацијата, коментарот, па и со шумовите и музичките елементи. Документарната радио-репортажа со право се дефинира како мултижанровски креативен чин.

Како вистински учебник за документарна радио-репортажа може да послужи книгата „Сурови вистини“ (изд.„Наша книга“, Скопје, 1983) од Панде Поповски, во која е собрано најдоброто од овој единствен „специјалист“ за радио-репортажи во досегашната историја на Македонското радио. Вистина „осиромашени“, без неопходната радиофонија (разбирливо, поради тоа што е печатено издание.

Рецензијата како творечки жанр има свое место на нашите радио-програми, но прашање е дали стекнала некои специфики со кои би се издвоила од рецензијата воопшто како книжевно-теоретска форма?

Секоја рецензија содржи преглед и вредносна проценка на едно дело. Целта е да се провери и потврди автентичноста на еден творечки ракопис, а да претставува и препорака со објаснување и определба. Рецензијата е мошне присутна во средствата за масовна комуникација (весниците, списанијата, радиото, па и на телевизијата, иако не поседува визуелни елементи). Нејзината улога да вреднува и препорачува е всушност комуникациска.

Рецензијата на радиото содржи или треба да содржи посебни, специфични карактеристики со кои ќе се дефинира како радио-рецензија. Ќе наведам некои според мое мислење неопходни, но не и единствени. Натамошните теоретски елаборации и практични искуства веројатно ќе го продолжуваат тој „список“.

Најважната-радиската специфика на рецензијата застапена во современата-модерната радио-програма е актуелноста. Се рецензира актуелно уметничко или културно дело. Не може да се рецензира дело кое веќе има историско место во духовното богатсво на човекот или да се рецензира дело од историска перспектива. Тоа, пак, наметнува една друга детерминанта: радио-рецензијата не пледира на теоретска аналитичност или есеистичка контемплација. Рецензијата не прикажува содржина на едно дело, туку упатува на неа, односно ја воспоставува појдовната комуникациска позиција за слушателот. Значи, таа помалку коментира, а многу повеќе препорачува. Јазикот и стилот се едноставни, комуникативни, нефразерски и необременети со стереотипи или високопарни зборови. Рецензијата радиофонски се обликува на ист начин како и коментарот (без многу ефекти и динамизам, без интонациски артизам, а со уверливост и авторитетност во исказот).

Во најавувањето на рецензиите на радио-програмите честопати слушаме нешто што како практика во емисиите од областа на културата и посебно на литературата која треба веднаш да се надмине: рецензентски приказ (?!). Не треба никаков коментар ако се знае дека рецензијата е приказ, како што е и критика, бидејќи содржи и оценка на она што се прикажува. Критиката е оценка со која се поврзуваат едно дело (на пример книжевно) и читателот, односно слушателот („задоволство во текстот“-Р. Барт). Меѓутоа, ако рецензијата е и приказ и критика на едно уметничко или културно дело, критиката е и уште нешто. Имено, со самиот факт што критичарот говори во името на многумина кои делото веќе го прочитале или ќе го прочитаат, активизмот на критиката е многу поголем и е насочен на друг план: дијалог, односно поводна дискусија, расправа. Ова на друг начин го изразија структуралистите, преку структурата на едно дело, конкретно релацијата: ново дело-хоризонт на очекување на читателот (Мукаржовски, Ингарден, Хамбургер, Јаус). „Хоризонтот на очекувањето“, според нив, во однос на новото дело на почетокот е мошне голем бидејќи е несфатено, неразбрано; читателот веднаш не ја открива неговата структура. Меѓу другото, во тоа е и улогата на критичарот: да го „стесни“, забрза, динамизира хоризонтот на очекувањето.

Порано говорев за радио-романот, а тоа мое излагање овде ќе го дополнам со уште некои сознанија.

Од сите типови на романи во литературата, на романот во продолженија најблиски му се романот на текот на свеста, пред сè поради внатрешниот монолог, и романот на случувањето. Со поврзување на елементите на овие два типа романи (внатрешниот монолог, користењето на различните техники-монтажа, случувањето како дејствие или дефабулација итн.), заедно со другите специфики што порано ги наведов, ќе добиеме нов тип кој треба континуирано да се негува на радиото на современата модерност. Особено на оние радија со доминација на културолошки содржини: радио-роман. Впрочем, романот во продолженија (-радио-романот) овозможува непосредна комуникација со читателот-слушателот (романот во продолженија се јавува во весниците уште во 17-тиот век; првиот е оној на Д. Дефо „Робинзон Крусо“, објавуван од 17. 10. 1719. до 17. 10. 1720.), негов активитет; дури и во соработка со авторот да влијаат на текот на дејствието и на судбината на главните ликови. Ваквиот ангажиран творечки однос од страна на слушателот романот во продолженија може да го обезбеди со поттикнување на неговиот интерес, и тоа со брзи пресврти во случувањето (или случувањата) што се дел од секојдневјето (ова условно, не како правило).

Таков обид беше направен во рамките на „Радио урнебес“ (1983.) со првиот македонски „сексуален радио-роман во продолженија“ под наслов „Однапред и одзади“ (автор јас-Љ. Димитровски), но не се издржа; предвреме се прекина со одјава каква што му приличи на иронично-сатиричниот карактер на овој ракопис во настанување: „Ќе продолжи кога ќе ми текне“. Слушателите го прифатија како своевидна игра и забава, активно учествуваа во неговото продолжување со искуства кои навистина беа „урнебесни“, дури се граничеа и со апсурдот (измислени дејствија, ситуациии, дијалози). Секое продолжение беше временски ограничено до 5 минути, со потсетник на претходните и најава на новото. Недостасуваше артистичка изведба, па нараторот беше единственото активно лице во него. Се прекина можеби поради неговото предвремено појавување.

Можен ли е радио-расказ на радиото на современата модерност, како што е веќе развиена радио-драмата, како што радио-романот полека но сигурно го зазема своето место?

Секој творечки обид на тој план мора да ги има на ум основните карактеристики на расказот воопшто: дејствието е всушност некој настан и го доживуваат повеќе личности, а вниманието се задржува на една или две; сè им е подредено на фабулата и творечката вештина на раскажување; во дефинирањето на ликовите, особено за главните за кои е врзано дејствието, помалку се користи психолошкиот опис; тие често се карактеризираат со специфичен говор (на пример, користењето на локализмите).

Натамошниот развој на расказот сè повеќе е насочен кон краткиот расказ (short stops). Што нуди тој? Најнапред, освен кратката форма, посебно внимание се посветува на организацијата на дејствието што се насочува кон одредена и јасна цел. Натаму, следејќи ја динамиката на секојдневниот живот, краткиот расказ неа ја презема во сопствената структура, па се добива кохерентност на дејствието, на тонот, расположението, впечатокот, и покрај непредвидените, неочекуваните обрти што само ја зголемуваат неговата тензија. Краткиот расказ се чита или се слуша во еден здив.

Радио-расказот е специфичен краток расказ кој, освен општите елементите што се во неговата природа, претпоставува и некои други кои се обусловени од радиофонскиот израз. Во однос на содржината, радио-расказот најчесто за главна личност го има тн. мал човек, а јазикот е говорен или разговорен. Внатрешниот монолог овозможува индивидуална коресподенција или комуникација со слушателот. Структурата на радио-расказот е секогаш недовршена, оставен е празен простор за интервенција на рецепиентот-слушателот кој со доработката од негова страна го продолжува неговиот „активен живот“. Користењето на радиофонскиот израз, односно средствата што ги нуди тој ја овозможува атмосферата на самиот радио-расказ.

Уметничките дострели на краткиот расказ како современа книжевна форма се стојности и на радио-расказот кои, од своја страна, го разликуваат од белешката-цртичката. Тој, заедно со другите творечки радио-жанри, ја афирмира естетиката на радиото.

Поезијата на радиото најчесто се презентира како „лирско интермецо“, во посебна рубрика, со единствен „рецепт“: критички избор, кус есеистичко-критички приказ и артистичка интерпретација. На програмата на современото-модерното радио таа треба да биде вградена сегментарно, но и во рамките на секоја говорно-музичка програма или емисија. Значи, не секогаш во одреден програмски термин, туку и по потреба. Често пати тоа е условено и од главната тема, при што се избира и презентира поезија тематски-мотивски блиска или дури идентична со неа. Јасно е дека поезија не може да се слуша во секое време (на пример, не во време на појадок, ручек или вечера оти тогаш се дезавуира слушањето поезија како возвишен творечки чин), туку само во нејзиното. Поезијата, како најавите и вестите, анегдотите, шегите, афоризмите, фолклорните, книжевните творби итн., во отворено-контактната програма претставуваат моќно водителско средство за комуникација со слушателите.

За специфично презентирање на поезијата (-радио-поезија) можеме да се повикаме на конкретен пример од блиското минато на Вториот канал на Македонското радио. Авторот на оваа студија (јас, Љ. Димитровски) во текот на 1986. година еднаш неделно реализираше поетска рубрика под наслов „Лирско ехо“, која беше мошне слушана и популарна помеѓу слушателите. Поетскиот избор беше дел од „лирската приказна“ раскажувана од водителот, а самата поезија ја изведуваше артистката Цветанка Трпкова. „Приказната“ извираше од самата презентирана поезија, а едновремено значеше и најава на секое ново лирско доживување (на секоја нова песна) и негово продолжение. Тоа не беше објаснување на поезијата, туку еден нов, би рекол радиски пристап кон поезијата, со музичка „атмосфера“ и со интонација што ѝ е соодветна.

Што се однесува на создавањето радио-поезија, тоа може и треба да биде предизвик за современата-модерната радио-програма. Како творечки предизвик и некој вид „упатство“ може да користи тн. сигналистичка поезија, односно користењето на нејзините средства, карактеристики, експиремент (-авангардност). Се разбира, не мислам радио-поезијата да ја поистоветам со сигналистичката, туку само предлагам да се користи нејзиното искуство и резултатите за да се создаде нешто ново.

Како што е познато, сигнализмот е (сè уште) авангарден творечки процес или движење кој не е само поетски, туку се однесува на сите видови уметности: и театарската, ликовната, музичката, филмската. Нејзиниот „инструментариум“ се технолошките постигања, а посебно методите на математиката и примената на компјутерите во реализацијата на уметничките идеи. Користењето на експериментот во јазикот, на графичките и визуелните симболи на физиката, биологијата, хемијата, астрофизиката и математиката отвораат нови простори за поезијата, како и за сите други уметности.

Всушност, станува збор за уметност на зборот како основна заложба на радио-поезијата. Нејзината аудитивна визуелност се постигнува експериментирајќи со звукот-тонот во просторно-временски релации. Се разбира дека и нејзината текстура е мошне важна, пред сè како целина составена од зборови, изрази, симболи, метафори итн., кои се откриваат и доживуваат во сопствените просторно-временски детерминанти.

Американскиот „новокритичар“ Џон Кроу Ренсом во еден свој есеј-толкување на поезијата, меѓу другото, вели:

„Песната е логичка структура која има локална текстура (подвл. Џ. К. Ренсом). Овие изрази навистина, иако не систематски, се употребуваат во книжевната критика. Според моето сфаќање, тие се архитектонски. Ѕидовите на мојата соба се очигледно структурални: гредите и штиците имаат функција; како и малтерот, кој претставува видлив дел од завршениот ѕид. Но, всушност тој е обоен, примајќи боја; или е излепен со хартија, примајќи боја и шари, макар што тие немаат структурални вредности; можеби и на него се закачени таписерии или слики, поради „декорација“. Бојата, хартијата, таписеријата се текстура. Таа логички не е поврзана со структурата. Но, јас укажувам само на неколку текстуални можности во архитектурата. Ниту во поезијата ги нема помалку”.6)

Радио-поезијата го има „конкретното општо“ како сублимат на смислата, доживувањето и пораката на животот, на неговите вредности и универзалност, па оттука и нејзината функционалност во поврзувањето и заемното дејствување помеѓу нејзиниот „испраќач“ и нејзиниот „примач“. Се остварува длабока и нераскинлива врска помеѓу „говорникот“ и слушателот, помеѓу создавачот на радио-говорот и неговиот рецепиент.

Досегашните искуства и дострели на радио-драмата можат многу да користат за развивање и на другите жанри за кои се залагам. Имено, во последните 20- тина години на 20. век таа не само што се разви во посебен книжевен род, туку и стекна автори со големо реноме ( Ј. Христиќ, С. Новак, И. Сламниг, кај нас Т. Арсовски и др.). Книжевната теорија веќе ги дефинира нејзините особености: користејќи ги карактеристиките на радиото како специфичен комуникациски медиум, таа се пишува исклучиво за слушање (како што постои и драма за читање, која со својата драматургија-сложеноста на драмското дејствие, пречестото менување на местата на дејствијата, големиот број ликови, траењето итн. е неприлагодлива за сценска изведба); со посредство на зборови и звучни перцепции предизвикува визуелни сензации (тоа е таа „аудитивна визуелизација“ за која се залагам) на сценско случување, дејствие, ликови; специфичниот драмски израз предвидува максимално користење на сите изразни можности на говорните зборови, звучните ефекти и музиката.

Радио-драмата би можеле да ја подведеме под каегоријата „драма со теза“, со оглед дека таа во содржинска смисла се потпира на актуелноста и ефикасноста (најчесто обработува теми и проблеми од конкретната стварност, доминација на економско-социјалните). А за да ја надмине сопствената минливост, да го совлада сопственото време е потребно на слушателот да му упати и универзални пораки, трагајќи по естетските вредности (естетика на животот). Станува збор за мошне сложен творечки радио-жанр во чие создавање учествуваат повеќемина автори: не само писателот-драматургот, туку и артистите и композиторот-музичкиот илустратор и монтажерот и режисерот. Затоа и не може да се зборува за чисто книжевно поединечно дело (тогаш би се свело на „драма за читање“), туку за тимско.

За уметничкото радио и неговата естетика мошне интересен есеј има напишано Владимир Кисурко, под наслов „Звучното богатство“ (веќе користен-цитиран во претходни поглавја од оваа студија).7) Естетската природа на радиото, во поширока смисла неговиот социо-психолошки и уметнички агенс, го става во контекстот на историско-културната и социо-естетската проблематика. Тој притоа инсистира естетиката на радиото да се третира како „акумулиран резултат“ заедно со историјата и теоријата на музиката, со теоријата на говорната дејност, со општата лингвистика, филологијата, теоријата на информатиката, со психологијата, теоријата на ликовната уметност, теоријата на драмата, со социјална психологија итн. Со други зборови, нивните резултати ја објективизираат појавата на уметноста на радиото.

Анализирајќи го спротивното становиште, ставовите на оние кои не го прифаќаат радиото како „самостоен вид на уметност“, Кисурко го извлекува „заедничкото гледиште“: дека обете становишта „веднаш и директно преминуваат кон проблемот на театарската слика, кон психологијата на гледачката перцепција“. Уметничкото мислење и уметничкиот јазик радиото ги остварува со нивно поврзување и сликовитост: „радио минус сликовитост наметната со сила, со диктатот на просветителството, исто така се изедначува со уметноста и уметничкото радио“. Од тој аспект радиото се прифаќа пред сè како средство за масовно „информирање и пропаганда, и покажува како во длабочините на оваа точка се појавува уметничката суштина-„уметничко радио“, но потоа таа беше принудена да ги потчини сите свои сили и способности за комуникативна функција, која притоа е масовно комуникативна“.

Во друг контекст веќе го наведов и ставот на А. Хаусер за дидактичката и уметничката функција на радиото и телевизијата, при што тој ја нагласува пасивноста на слушателот-гледачот. Според него, тие немаат уметничка цел:

„Публиката на механичките масовни медиуми се разликува од публиката на другите уметнички форми пред сè и според тоа што пасивно ги прифаќа изведените дела, наместо сама да избира”.8)

Проблематичноста на уметничкото значење на радиото Хаусер ја гледа и во масовната потршувачка на неговите производи, односно во неговата „амбивалентност“:

„Радиото е медиум кој има двојна вредност. Неговата амбивалентност почнува со тоа што дидактичката вредност му е еднакво неспорна колку што неговото уметничко значење е проблематично”.9)

Залагајќи се за нови творечки жанри на радио-новинарството, всушност конретизирам радиски форми на едно книжевно творештво кои теоријата на книжевноста одамна ги признала и ги валоризирала (ги валозира). Тоа е тн. книжевно новинарство дефинирано како „гранично подрачје“ помеѓу литературата и журнализмот или влијание на книжевноста врз новинарството: преточување на расказот во краток радио-расказ, романот во продолженија, радио-драмата, тв-драма, прозните дела со книжевно-уметнички и документарни претензии и резултати како што се фељтонот, патеписот, репортажите итн.

Развојот на книжевното новинарство, односно поврзувањето на книжевноста и новинарството во 19-тиот век, како што наведува А. Хаусер, бил револуционерен настан и чекор кон демократизацијата на литературата, „настан рамен на тогашните големи научни пронајдоци, со подеднакво значајни културни и социолошки аспекти”10).

Како најчести дифузни, синкретички форми на книжевното новинарство, во теоријата на книжевноста се наведуваат следните: новинската критика, книжевната статија, козеријата и хумореската, фељтонот, книжевната и патеписната репортажа, краткиот расказ, романот во продолженија, патеписот, есејот, поезијата, песната во проза, „што сè го привикнува и воведува обичниот читател на весниците во книжевното творештво“ (и обичниот слушател на радиото).

Тоа е тн. творечко новинарство, за кое говорам како повисока-креативна фаза (за разлика од тн. занаетчиско), кое поседува повисоки, дури трајни вредности.

Најавив уште еден нов радио-новинарски жанр, исто така како дел од творечкото радио-новинарство. Нов затоа што воопшто не постои, па допрва треба да се постави и развива на радиото: радио-плакатот. Од каде идејата за него и колку тој може да биде специфичен радио-жанр?

Плакатот е средтво на модерниот публицитет и форма на реклама. Во таква функција тој е мошне близок до телевизискиот спот, како „оживеана слика“ со рекламна порака. Меѓутоа, радио-плакатот, каков што јас го замислувам и предлагам, не е исто што и радио-спотот. Можно ли е вториот составен сегмент на плакатот-ликовниот (покрај текстуалниот) да се „преработи“ аудитивно? Дали со аудитивни елементи може да се збогати перцепцијата на неговата содржина и, исто како ликовниот, диретно и асоцијативно да се дејствува врз сензибилитетот на слушателот, врз неговото доживување?

Радио-плакатот го дефинирам како еден од модерните средства за радио-комуницирање. Тој не е обична информација за одреден настан, туку творечки радиски чин со уметнички амбиции. Се разбира, има и рекламна функција, но не е реклама сфатена како средство за модерен трговски публицитет. Тој е пред сè уметничко радиско дело, тимско остварување кое инсистира на потрајно вредносно опстојување (слично на видео-артот; во овој случај аудио-арт). Имено, звукот-тонот-сигналот заедно со говорот-пораката-слоганот создаваат кохерентна целина со нови изразни можности. Еден културен ( но не само културен) настан или случување, освен вообичаената објава преку сервисната информација или користејќи различни новинарски жанри (извештај, осврт, изјава, интервју-разговор, итн.) кои го анимираат интересот на слушателот, трајно се бележи и со радио-плакатот.

Радио-плакатот е творечко-новинарски жанр кој бара тимски ангажман, слично како и кај илустрираниот плакат. Тоа значи дека, освен авторот-дизајнер (или автори-дизајнери) во тимот неизоставно е присутен и пишувачот на текстот-слоганот; присутни се и артисти-изведувачи, а присутен е и водител кој ја има улогата на „пропагатор“.

За што е можно повеќе да ја конкретизирам идејата за радио-плакат ќе приведам еден пример. Неговото сценарио е одговор на прашањето како да се претстави една музејска нумизматичка изложба:

-Тишина-5 сек.
-Доближување на чекори (одѕвон на чекорење по мермерен под)-5 сек.
-Глас (бас): чита текст:

ВРЕМЕ МИНАТО, ОТВОРИ СЕ
ДА ТЕ РАСКАЖАМ СО ОВИЕ СТАРИ
ВО ТЕБЕ ПРЕЖИВЕАНИ
СЕКОГАШ ЖИВИ МОНЕТИ-15 сек.

-Ѕвекот на пари-5 сек.
-Ветер и нејасни гласови што полека надоаѓаат, се шират и се преточуваат во музика-15 сек.
-Удар на гром во ехо-5 сек.

Вкупно времетраење: 50 сек.

Реализацијата на ова сценарио е можна и со поинаква режисерска „постановка“.

Се разбира дека овој радио-плакат има и други, веројатно поуспешни и покреативни решенија. Тој е само пример или насока што треба да поттикне на ваков ангажман. Со натамошна „доработка“, на пример, со додавање на следнава порака: изложбата се отвара во толку и толку часот, таму и таму, и ќе трае до тогаш и тогаш, тој веќе ја губи својата суштина и станува обична вест, сервисна информација или, во најдобар случај, радио-спот.

Може да се приведат уште многу аргументи како pro et contra уметничкото радио, односно неговата естетика. Се надевам дека досегашното излагање и презентираните заложби доволно експлицитно го афирмираат мојот став по ова прашање.

Жанровската структура на современата-модерната радио-програма во себе ја содржи и еластичноста и слободата на определба. Од друга страна, таа не треба да биде главна преокупација на секојдневниот новинарско-творечки ангажман, туку е повеќе постојана „работна задача“ на уредувачкиот тим; претставува дел од остварувањето на програмско-уредувачката политика.
_____________________

1) Цит. дело
2) Цит. дело
3) Opča enciklopedija Jugoslavenskog leksikografskog zavoda, Zagreb, 1977
4) Цит. дело
5) Institut za književnost i umetnost u Beogradu: „Rečnik književnih termina“, Nolit, Beograd, 1985
6) Nova kritika, Izbor tekstova, predgovor i beleške Jovan Hristič, Prosveta, Beograd, 1973
7) В. Кисурко: Звучното богатство, Трета програма, Радио Скопје, 1988
8) Цит. дело
9) Цит. дело
10) Цит. дело

Leave the first comment