АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 4 минути

11. 1. Програмска екипираност (редакции)

Имајќи ги предвид основните карактеристики на отворената програма (освен наведените во претходните излагања и обраќањето, начинот на реализацијата и презентацијата на содржините, застапеноста на новинарските жанрови и нивната функционалност), потоа на контактноста (освен веќе наведените уште и изборот на содржините, изборот на соговорниците, улогата на домаќинот-водител или комуникаторот и неговото значење за „популарноста“ на програмата или емисијата; натаму, способноста за анимација на слушателскиот аудиториум, можностите и дострелите на импровизацијата и др.), како и основните карактеристики на отворената контактна програма (освен наведените и други што произлегуваат од нејзината интегративна димензија, на пример: динамиката, актуелизацијата, квалитетот без поголеми осцилации, програмски континуитет и сл.), можеме да ја дефинираме основната заложба:

Реализацијата на отворената контактна програма ( или отворено-контактната) бара соодветна организација на работата, односно соодветна организационо-програмско-реализаторска поставеност.

Најнапред, организацијата на отворената контактна програма има двојна функција: програмско-уредувачка и реализаторска. Првата се остварува со планирање на сите активности и цели: следење на состојбите, процесите и проблемите во време и простор-тоталитетот и квалитетот на животот; потоа градење на однос и став спрема нив, ефикасно планирање и организација на конкретните програмски задачи; како и транспарентност на одлуките што се донесуваат. Реализаторската поставеност овозможува следење на извршувањето на секоја конкретна задача и нејзино влијание како потврда-успех (реакција кај слушателот), потоа консеквентност во одбраната и афирмацијата на програмските специфики, принципиелност и флексибилност при планирањето и прилагодувањето на програмските содржини, и задоволувањето на барањата и потребите на коминтентите (креативен маркетинг).

Со други зборови, реализаторската функција се однесува пред сè на финализацијата на програмите, емисиите и рубриките што, пак, подразбира реализаторски групации со одредена специјализација: водител-уредник(officio-еден човек радио: one man radio), водители-шоумени (забавувачи) или автори на одделни програмски сегменти (особено забавно-музички), и репортери.

Во тн. подготвителен период, во кој новинарот се определува за одделна област, тема, актуелно прашање во рамките на одделни програми, потоа информирањето и поставувањето, односно усогласувањето на структурата и начинот на реализацијата, творечката елаборација-се остварува во тн. класичен систем на организацијата и редакциско работење. Останатите неопходни кадри се ангажираат како помошни, но и како самостојни субјекти во реализацијата и емитувањето на програмските сегменти (креативност и инвентивност), на тој начин афирмирајќи го тимското работење.

Економичноста во организацијата на работењето на радиото на современата модерност може да се реализира со две редакции:

-Редакција за информативно-контактна програма;

-Редакција за култура и забава (во чии рамки се води и музичката уредувачка политика на радиото).

Во рамките на овие редакции постојат повеќе единици или тимови кои извршуваат специфични програмски обврски: репортери за следење на дневните актуелности, ДЕСК, за авторски програсмки сегменти-радио роман, радио драма, радио поезија, радио плакат, критички осврти, рецензии и сл.; потоа забавно-рекреативна, спортска, маркетиншка-комерцијална програма (заедно со Агенција за маркетинг или Центар за радио дизајн и аудио пропагандни продукции) и др.

Потребата од специјализација на кадри за едукативно-забавни програми и на новинари-соработници, може да се задоволува и со посебен тим во рамките на Редакцијата за култура и забава, но развојната динамика веројатно ќе наложи и формирање на посебна Редакција која ќе има задача да подготвува прилози и емисии од едукативно-забавен карактер. А едновремено и да ја одржува и координира соработката со стручни и компетентни надворешни соработнци.

Некои теоретичари-комуниколози и истражувачи на масмедиумите, особено од западните земји, поголемо значење му придаваат на втората функција на организацијата на современото-модерното радио. Притоа, во средиштето на нивното внимание е техничко-технолошкиот процес и развој (примена на нова техника и технологија за поголема рационалност, економичност, ефикасност). Програмско-уредувачката ја сведуваат на индивидуалната одговорност и професионалноста. Се согласувам со оние што им придаваат еднакво значење на двете функции на организацијата, со подеднакво влијание врз програмските резултати.

Со двојната организација на радиото на современата модерност се обезбедува, меѓу другото, и двојна специјализација на новинарскиот кадар, што соодветствува на потребите на отворената-контактна програма. Со други зборови, радио новинарот се оспособува и програмски и реализаторски, и според потребите и според можностите и афинитетите.

Имено, единствено со таквата двојна специјализација ќе се добие тн. вокална личност на радиото како еден од основните чинители на уверливоста на радио пораката.

(М. Миленковиќ во однос на уверливоста поставува и неколку други критериуми: релевантност на темата, компетентност на изворот, автентичност на исказот или сведочењето, заснованост на тезата и аргументацијата, радиофонско обликување и пласман, „удобност“ на приемот и разбирањето, субјективни и објективни елементи на ангажираното јавно информирање. Овде ќе потсетам и на основните говорни нивоа на вокалната личност (според С. Васиќ, А. Драгојловиќ, М. Миленковиќ): гласот, својство наследно и органско; гласовната динамика која ги опфаќа интонацијата (боја, висина, јачина); ритамот и поврзаноста на говорењето; точноста на говорењето, односно мелодијата на реченицата; изговорот, индивидуалните варијации на гласовите; речникот на личноста, богатството на термините што може да ги употребува во својата асоцијативна дејност; културата на говорот; стилот како индивидуална постапка на сложување на зборови и група на зборови во говорни целини; авторството. Наброените говорни нивоа, свеста за нив и нивното постојано негување и усовршување, се спротивставуваат и ја премавнуваат претераната употреба на стереотипот за кој Ролан Барт, на пример, вели: „Стереотипот е повторен збор, без никаква магија, никаков ентузијазам, како да бил природен, како, за чудо, тој збор што би ни паднал на ум да е секогаш соодветен од различни причини, имитирањето како повеќе да не можело да се чувствува како имитирање: безобѕирен збор, кој се стреми кон постојаност, а го омаловажува својот сопствен напор”.1)

Ќе бидам уште поконкретен и ќе ја приведам, според моето мислење, неопходната „формална“ програмска и реализаторска структура на одделните редакции што ја одразува рационализацијата и модернизацијата:

-Главен и Одговорен уредник на програма

-Уредник на Редакција

-Уредник на емисија

-Уредник на рубрика (-дневна емисија)

-Уредник-водител

-Водител-медијатор

-Водител-модератор

-Репортер

-Соработник

Според основните програмски задачи на одделните редакции во рамките на модерно концепирана радио програма, и според обемот и бараниот квалитет на ангажманот, се имаат предвид следниве редакциски-кадровски потреби:

а) Редакција за информативно-контактна програма:

-Уредник на Редакција

-Уредник на емисија

-Уредник на рубрика (-дневна емисија)

-Уредник-водител

-Водител-модератор

-Репортер

-Соработник

б) Редакција за култура и забава:

-Уредник на Редакцијата

-Уредник на емисија

-Уредник на рубрика (-дневна емисија)

-Уредник-водител

-Водител-медијатор

-Репортер

-Соработник

-Организтор

Колегиум на програмата (-каналот):

-Технички секретар

-Продуцент

-Режисер на програма

г) Помошни кадри за новинарскиот состав:

-Музички продуценти

-Сниматели-монтажери

Ваквата редакциска структура претставува темелна претпоставка за остварување на конзистентна глобална програмско-уредувачка политика и концепција: отворено-контактна програма со доминација на едукативно-забавни, информативно-контактни содржини, како и маркентишката програмска ориентација.

Едновремено е потребна и соодветна, на неа прилагодена организација на техничко-технолошки кадар за да биде целосно во функција на програмата, а не изделена од неа, осамостоена до таа степен да доминира во програмската реализација.

(Важна напомена: претходната редакциска „номенклатура“ не значи и потребен број на кадри во одделните реакции, а тоа е во зависност од обемот и квалитетот на преземените редакциски обврски.)
________

1) Rolan Bart: “Zadovoljstvo u tekstu”, Gradina, Niš, 1975

 

Leave the first comment