11. 2. 4. Стопанска структура-инвестиции-развој
Стопанската структура го инкорпорира во себе модерното сфаќање на системот како комплексна целина составена од делови поврзани на специфичен начин (инпути, аутпути), при што токму мрежата на врските во него е од суштествено значење, а не самите елементи. Всушност, структурата на елементите претставува политика на непрекинати промени кои настануваат во меѓусебното дејствување.
Економската теорија на стопанската структура ја назначува функцијата како предуслов за стабилност и конзистентен развој на динамичките системи. На пример, функцијата на пазарот и планот; проблемите што се јавуваат во нивниот меѓусебен однос; односот помеѓу индивидуалните и општествените критериуми за квалитет; потоа, функционирањето на понудата и побарувачката како однесување на пазарот помеѓу производителите и потрошувачите итн.
Преструктуирањето на стопанството добива нагласена улога и значење во периоди на стагнација, техничко-технолошко заостанување, продлабочување на нееднаквоста во конкурентската борба поради неадекватниот третман во макроекономското опкружување. Тоа особено доаѓа до израз кога техничо-технолошкиот развој станува предуслов за поврзување, интеграција и конкурентска способност на светскиот пазар, кога се менува или напушта еден систем и се изградува нов. Преструктуирањето на нашето стопанство е процес од чиј интензитет во многу зависи економското, па и севкупното опстојување во опкружувањето. Инвестициите и инвестиционите активности претставуваат еден од главните поврзувачки фактори помеѓу состојбите и можностите, помеѓу достасаното ниво и развојната перспектива.
Во третманот и анализата на инвестициите пред сè како дел на непотрошениот производ, како бруто-инвестиции, треба да се нагласува нивната производна и непроизводна комплесност: производната како зголемување на производствената стабилност на стопанството, а потрошната или непроизводната како трајна и потрошна стока.
Всушност, станува збор за економска ефективност на инвестициите и критериуми за нивно определување во таа смисла. Економската наука посочува на некои основни критериуми: вкупното годишно бруто-производство како резултат на извршени инвестиции, вкупната новосоздадена вредност, вкуниот вишок на трудот, севкупниот износ на вложените средства намален за непроиводни вложувања, должината на времето на инвестиционата изградба, должината на активизациониот период итн.
Во програмското следење на стопанската структура и инвестициите како посебна проблематика особено внимание треба да им се посветува на функционирањето на составните елементи и нивната меѓузависност, на инвестиционата активност и економската ефикасност на инвестициите, а во функција на економскиот развој.
Развојот е обусловен од општите и нужни природни ресурси, од нивниот квантитет и квалитет, разместеноста, степенот на развој на производните сили и од факторите на развојот: обемот на акумулацијата-акумулационата способност на стопанството, структурата на новите вложувања и основните правци на вложувањето, примената на техничкиот прогрес; потоа, големината на понудата и работната сила со нејзиното квалификационо ниво, методите на утврдување на развојот, како и карактерот на политичкиот систем односно на економијата и политиката.
Забрзаниот стопански развој, пак, подразбира зголемување на стапката на акумулацијата и менување на структурата на инвестициите за сметка на личната потрошувачка. Притоа, инвестиционата потрошувачка, особено за замена и проширување на вкупните основни средства-бруто инвестициите во основните фондови, треба да има приоритетно место во матрицата на новинарскиот ангажман (стопанските-инвестициите во основните средства или капиталните, и нестопанските-инвестициите во општествениот стандард).
Економскиот развој секогаш треба да се анализира во корелација со меѓународните постигања, а особено влијанието на промените на светското стопанство врз националното, заедно со интегративните процеси. Во тој контекст се значајни и истражувањата што ги вршат и резултатите што ги добиваат другите гранки на економската наука: економијата, економската кибернетика, анализата на економските системи, операционите истражувања, економската филозофија и други. Програмски тоа се остварува со повремени ангажирања и стручни консултации на специјализирани стручни лица за одделни прашања, а во директна или индиректна комуникација со слушателскиот аудиториум.