АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 9 минути

2.2. Активистичко радио

Активизмот на радиото најдиректно ја овозможува односно ја потврдува неговата современа модерност. Станува збор за своевидно продолжување на неговото случување.

Имено, радиото се „случува“ следејќи ја моментната расположба на слушателот, неговиот карактер, темперамент, дејствување. Тоа е мошне сложен процес кој бара стручни согледби од страна на креаторите на радио-програмата, користејќи ги сознанијата и искуствата на социологијата, психологијата, антропологијата и други науки. Едновремено бара и подготвеност на рецепиентот-слушателот за прифаќање, прилагодување на сопствениот индивидуалитет кон колективната свест и нејзините потреби.

Не е можно „случување“ без општи, универзални места и вредности затоа што животот, едноставно, не е и не може да биде строго индивидуален (човекот како општествено-социјално битие).

Прашањето на зачувување, на одбрана на индивидуалноста во рамките на колективното опстојување и активитет, е во корелација со квалитетот на живеењето, со вредностите на животот. Тоа значи и потврда на ставот за индивидуалноста на слушање на радиото на современата модерност (прашање што ќе биде обработено посебно).

Активизмот претпоставува пред сè учество во настанот, па и негова антиципација. Со други зборови, неговиот динамизам најконретно се реализира во рамките на информативниот дел од програмата-известувањето од самото место на настанот: развиено репортерство (-„дежурно“), мобилност и „сликање“ односно јазик (-елоквенција) кои можат да му го пренесат случувањето на слушателот. Се работи за една од основните специфики на отвореноста и контактноста на радиото. A што се однесува на антиципацијата, таа претставува придонес на радиото во збогатување на квалитетот и вредностите на животот.

Во однос на активизмот на радиото на современата модернот, не може да се одбегне потемелната елаборација на времето на човекот-слушателот. Во тоа мошне ни помага Жорж Пуле со своето дело „Човек, време, книжевност“1:

„Траењето е единствената стварност“.

Сепак, Бергсоновската мисла е веќе мисла на дваесеттиот век: за Бергсон да се постои не значи да се биде променет, туку да се менува, односно чин со кој битието, преобразувајќи се, непрестано се измислува самото себе.

„Така дваесеттиот век повторно го наоѓа и го мисли поимот на континуирано создавање: не неминовно во смисла на создавање од страна на Бог, но во секој случај во смисла на создавање од страна на духот. Секој момент се укажува како момент на избор, односно чин, и корен на тој чин како момент на една творечка одлука. Во секој момент во кој човекот дејствува тој го создава своето дејствување, а со своето дејствување тој се содава себе си и го создава светот“.

Иако цитатот е дел од од есејот за човековото време и е извлечен од книжевен контекст, тој сепак кореспондира со времето на слушателот на радиото и неговиот динамизам.

Имено, активистичкото слушање на радиото го содржи или го поттикнува творечкото во човекот, па и кога она што му се нуди се сведува на вест, информација, на дневна актуелност или на „забава“. Со тоа е поврзана и естетиката на радиото (-уметноста на звукот-звучното богатство). Радиото како постојан придружник всушност овозможува слободното време да го збогати, да го „пресоздаде“ во творечко. Самиот активитет на човекот резултира со творештво од каков било вид. Дури и кога станува збор за музиката, која најчесто се прифаќа како забава, релаксација, одмор, и таа со соодветна радиска презентација активира, поттикнува, го предизвикува творечкиот импулс. (Едуцирањето не е потребно да се потенцира-тоа е основен начин на презентација на музиката на радиото на современата модерност).

Во радионовинарството активистичкото слушање е главна цел и на новинарот и на слушателот.

Ќе приведам два конкретни примера од практиката: еколошки и од областа на културата.

Се случува еколошки инцидент. Новинарот-репортер, како потврда на неговата мобилност (-ангажираност, дежурство), разбира за него уште на самиот почеток од случувањето. Веќе е на местото на настанот и се јавува во радио-програмата. Го следи „настанот во низа“, според неговата драматика, и го мобилизира не само вниманието на слушателот, неговиот активитет, туку и ги повикува службите одговорни за негово решавање-надминување. Доколку е во можност, и самиот учествува. Значи, останува на местото на настанот до крајот, до неговото позитивно решавање. Се разбира, сè забалежано-пренесено на радиото.

Информирањето-известувањето од настан од културата го става новинарот-репортер во слична, можеби „поблагопријатна“ ситуација. Имено, активистичкото радио не прифаќа известување пост фестум (освен кога станува збор за согледба -критички однос спрема слученото), туку, напротив, следење на текот на настанот. Според тоа, користејќи ги новинарските радио-жанри кои соодветствуваат и можат да се применат ( изјава, разговор, па и интервју, потоа пренос, белешка-цртичка, можеби и најава како новинарски жанр), тој активно учествува во случувањето на истиот, а во слична или дури иста положба го става и слушателот на радиото. Ова еднакво се однесува и на тн. „статички“ и на тн. „динамички“ настани (театарска претстава, филм, концерт или ликовна изложба).

Активизмот на радиото на современата модерност претпоставува висок новинарски професионализам-подготвеност и од страна на новинарот-известувач и од страна на новинарот-посредник (-медијатор). Исто така, многу важна функција има и радио-дизајнот, не само во однос на јазикот-стилот, туку и во однос на динамиката на радио-програмата.

Јуриј Лотман во своето знаменито дело „Структура на уметничкиот текст“2 има мошне интересни согледувања што би можеле да се однесуваат и на активизмот на радиото (освен на неговата естетика).

Говорејќи за „шумот“ и уметничката информација, тој вели:

„Уметноста-и во тоа се манифестира нејзиното структурно сродство со животот во природата-е способна да го преобразува шумот во информација, да ја усложнува својата структура со помош на корелацијата со надворешната средина (во сите други системи секоја средба со надворешната средина може да доведе само до придушување на информацијата). Оваа особеност…е во врска со оној структурен принцип кој ја условува повеќезначноста на уметничките елементи; новите структури, влегувајќи во текстот или во вонтекстовниот фон на уметничкото дело, не ги укинуваат старите значења, туку со нив воспоставуваат семантички односи. Се чини дека разликата помеѓу структурата што ја збогатува информационата содржина на текстот и уривачките туѓи структури се состои токму во следното: сè туѓо што може во некој поглед да корелира со структурата на авторскиот текст престанува да биде шум. Статуа фрлена во трева може да создаде нов уметнички ефект затоа што настанал однос помеѓу тревата и мермерот“.

Посочените ставови на Лотман се мошне илустративни за моментната расположба на слушателот на радио-програмата, особено при следењето на неговиот карактер односно темперамент. Имено, динамиката на животот воопшто е резултанта на следот на настаните во него и нивното доживување. Таа го определува расположението, психо-физичката состојба на човекот, па и неговата ментална структура. Ова го потврдуваат бројни научни истражувања во психлогијата и психијатријата, а современото живеење сè повеќе наметнува „драматика на случувањата“, на која свесно или несвесно човекот ѝ се прилагодува односно се обидува да ја прилагоди на себеси. Повеќе ѝ се прилагодува оној што го прифаќа текот на животот. Значи, му се предава, останува на нивото на негово толкување, притоа мерејќи ги последиците со прифаќање на причините. Ја прилагодува на себеси оној што го насочува и го менува текот на животот. Значи, не му се предава во ниеден момент. Не само што постојано го толкува, туку и го продолжува откривајќи го; го богати, го валоризира и ревалоризира, го менува за да ја одбрани сопствената индивидуалност.

Антоан Поро, професор по психијатрија од Алжир, и Доминик Пренге, психијатар од Марсеј- Франција, во прилогот за расположението, објавен во „Енциклопедија на психијатријата“3, пишуваат:

„Самото расположение е поврзано со збирот на доминантните особини, тенденциите што ги формираат темпераментот и карактерот; потоа, според она што е во него спонтано и непромислено, расположението го карактеризира сето она што е во спротивност со разумот и волјата; најпосле, тоа означува некоја посебна, моментна настроеност, во смисла на наклоност, која не претставува карактерна црта во вистинската смисла на зборот…За разлика од чувствувањето, расположението е вкоренето во севкупноста на човечкото битие, длабоко во него, оттаму неговиот неисториски карактер, сличноста со некоја состојба независна од волјата на субјектот, оттаму неговата пасивност, како единствена, глобална, компактна основа, јадро на проживеаното искуство. Попрецизно речено, расположението е согласност и резонантност со амбиентот, оттаму неговата сродност со аудитивната сфера, обележана со одек, одѕвонување, треперење во едногласјето, како во музиката (-подвл. Љ. Д. ). Оттаму неговиот меѓучовечки карактер кој создава подлога за способност на отворање спрема светот во неговиот антрополошко-космички вид и неговиот одраз во синтоничниот регистар (Минковски). И токму таа примордијална согласнот, во ист момент блискост и суштинска доверба, овозможува дејствување, секакво дејствување, како и чувствувања“.

Дејствувачкото на (во) човекот наоѓа соодветен„одглас“ и на (во) програмата на радиото на современата модерност токму во амбиентот, конкретно во аудитивната сфера. Притоа, акцентот се става на прилагодувањето на „драматиката на случувањето“ на себеси што, од своја страна, претставува препознатливост, индивидуалитет на одделна емисија или рубрика (програмски сегмент), кој му се обраќа на индивидуалниот слушател со целата сушност и комплексност.

Активистичките содржини инсистираат пред сè на висок новинарски професионализам, на тн. аналитичко новинарство кое во приватните-независните-комерцијалните радио-станици е незначително, дури и безначајно. Се разбира, и во поблиското и во подалечното минато на радиото постоеле актуелни-акутни егзистенцијални проблеми и битни социјални дилеми со кои тоа морало да се соочува.

Меѓутоа, секогаш радиото не реагирало или не можело да реагира (поради техничко-технолошкото развојно ниво) на соодветен „активистички“ начин. Тогаш радиото не одговарало толку брзо, јасно и аргументирано, но сепак одговарало. Да се потсетиме само на времињата пред раѓањето на телевизијата, кога се паметело, прераскажувало она што го „рекло“ радиото. Или на кризните периоди и воените судири, кога најбрзата информација на луѓето им се нудела (тоа многупати се случува и денес) единствено преку радиото. Сликата (-ТВ) сè уште не може да стаса „и до најоддалечените места“, па дури и со сателитски сигнал (без оглед на извонредните резултати на тој план на американската телевизија CNN и можноста од директни сателитски врски односно најновите технолошки достигања-дигитализација, компјутеризација, телетекстот, што се овозможува „индивидуализација“ на веста и информацијата; самиот факт што сликата-визуелното, за разлика од тонот, преку сетилото на видот целосно го мобилизира активитетот на човекот, доволно говори за незаменливата улога и функција на радиото).

Активизмот најчесто се сфаќа и реализира во областа на информативната дејност, во следењето на збиднувањата, прашањата и проблемите од општествено-политичкиот, економскиот, културниот живот итн., значи од нашето секојдневје. Но, ретко се елаборираат прашања од пошироко значење и со поголема научна аргументација, односно со аналитичност. Тоа, пак, од своја страна, претпоставува и одредена новинарска специјализација.

Сегашната ангажираност на радиото кај нас најчесто се сведува на нивото на „општествена хроника“ што е, на пример, специфика или специјалност на хумористично-сатиричните и забавно-рекреативните програми, емисии и рубрики.

Претходниот став предизвикува полемичка реакција. Меѓутоа, не очекувам противаргументи ако додадам, покрај сè што напишав предмалку, дека радио-новинарството кај нас сè уште оди „на прва топка“ (или, ако го прави тоа, на пример поранешните „некои“ сега ги посочува со „се знае кои се тие“); сè уште не презентира спротивни ставови или, ако го направи тоа, веднаш следува оградување или отфрлање, односно несогласување со коментар; сè уште не полемизира, ниту пак отвора простор за спротивставување на различни ставови или полемика; јазикот на кој се говори е мошне внимателно „литераризиран“ и доволно „гарниран“ со фрази и воведи кои однапред ја нагласуваат „идејната исправна позиција на авторот“; сè уште ретко се слуша коментар или осврт во кој премолчено не се нагласува: „знаете, јас сум на линијата“; иако авторот никој не го прашал, ниту ќе го праша за некаква негова „линија“; реагирањето на публиката (-слушателите) на одредена поставена тема сè уште не ја надминува формата: прашање на слушател по телефон-одговор на компетентен соговорник во студиото. Се разбира, при сето ова не мислам на спротивните позитивни примери, кои овде-онде ги има, а што е резултат на сè поголемата заложба на програмско-уредувачката политика во таа насока. Меѓутоа, тие се сè уште ретки, па претставуваат исклучоци што само го потврдуваат правилото.

Што се однесува на новинарските жанри кои современото-модерното радио ги користи и негува во својот активизам, тие не можат да се сведат на „најчестите репортажни, документарни и коментаторски форми“4 (-М. Миленковиќ ), затоа што и со содржината на една забавно-музичка нумера радиото може многу „да каже“, доколку се вклопи во некој контекст (како продолжение на говорот).

Прашањата во врска со новинарските жанри кои ги негува или треба да ги негува радиото на современата модерност ќе ги разгледам во друго поглавје, а овде накусо ќе се задржам и на другите тенденции што ги забележува спомнатиот автор.

Радиото на активизмот претпоставува и поинаква „форма“, поинаков начин на изразување на општествените, егзистенцијалните, социјалните итн. проблеми и актуелни дилеми. Денешниот современ слушател (и гледач-истото се однесува и за ТВ) не може да се задоволи со радиска форма која ќе му овозможи само контакт со компетентен соговорник, затоа што е прашање дали тој секогаш ќе „одговара“ на неговата компетентност. Тоа значи дека улогата на водителот-новинар е имено да не биде само „преносник“ односно „поврзувач“ помеѓу соговорникот и слушателот, туку и поттикнувач на расправа, на спротивставување на аргументи. А притоа да иницира негово непосредно вклучување (во таа смисла најдоследно се остварува улогата на водителот-медијатор-посредник).

Во една современо-модерно концепирана радио- програма во рамките на нејзиниот „дневен ритам“ е доволно да се предвидат, да се планираат две до три такви „дежурни“ теми кои детално ќе бидат подготвувани и исто така во сите детали презентирани на програмата. Деталната подготовка и деталната презентација, пак, претпоставуваат директно, непосредно, но и посредно учество на слушателот. Притоа, во никој случај со однапред подготвени „заклучоци“, со кои ќе се „заокружи“ темата. Напротив, успешноста на добро реализираната „дежурна“ тема најчесто се потврдува во нејзиното „незавршување“. Не паметам многу примери каде што расправата е продолжена во друг закажан програмски термин. Најчесто сè се сведува на јалово дебатирање, со многу општи места, со однапред подготвени новинарски или редакциски прашања, дополнети со по некое од слушателите (-гледачите) преку дежурни телефони и сл. Едноставно, се заборава на старото новинарско правило: ексклузивноста на темата не гарантира и ексклузивна програма. За тн. трибински или дебатни програми подетално ќе говорам на друго место во оваа студија.

Како илустрација на нашиот сегашен радиски активизам, ќе приведам уште еден секојдневен пример:

Ретко некоја информација или друг радиски прилог кој содржи и критичка согледба предизвикува директно реагирање од страна на слушателите (веднаш на програмата по неговото емитување ), ниту, пак, се предвидува-се планира програмски простор за тоа. Овде не мислам на отворените контактни програми во кои има место (а не се користи) и за повратната информација. Мислам на тн. „ангажирано“ новинарство. Ова е и во непосредна, корелативна врска со негувањето на лажниот новинарски авторитет, а на кој радиото кај нас сè уште не е имуно.

Активизмот е иманентна одлика на радиото на современата модерност. И тоа активизам во секој, и најмал сегмент.

Ако поедноставуваме, можеме да речеме дека современото-модерното радио е постојано активно.

Активизмот значи и нешто друго, а не само третман и одговори на актуелни теми и дилеми. Значи и присуство „во народот“. Со други зборови, активизмот на радиото мора да оди во чекор со активизмот на слушателите. Заедничката активност е потврда на неговата сеприсутност и дејствувачко влијание.

На Втората програма на Македонското радио, на пример, уште од неговите почетоци, средишниот ден во неделата (среда) беше предвиден за „време на акција“. Целта: на тој начин да се „возобновува“ активизмот на радио-програмата. Тоа најконкретно се реализираше во еден кус период (тн. „Доблесна среда“, што ја водеше новинарот Д. Петровски)-1986-1987. Таков мошне значаен програмски период имаше и програмата „Радио урнебес“ со гостувањата низ Републиката (1984-1985), при што се случуваше токму заедничкиот активизам помеѓу слушателите и радиото. Таква беше, на пример, и акцијата „Либротека“, која дејствуваше предизвикувачки за слушателите и знаеше во центарот на Скопје да собере илјадници учесници (1985). Или повеќе акции на доброволно дарување на крв во кризни периоди (1985). Сето тоа не се одржа и тешко може да се обнови најмногу поради неразбирање и непознавање на основните елементи на современата-модерната програмска концепција.

„Враќањето“ на радискиот активизам е релативно лесно, особено во рамките на тн. радиовизиски изданија на забавно-рекреативни програми и организирање на мултимедијални проекти. Секојдневно (во работните денови) тоа може да се остварува во рамките на „дежурна“ тема-рубрика „Печат-Тема за дилема“.

Заклучок:

Активистичкото радио го живее животот на својот слушател.

1) Žorž Pule: „Čovek, vreme, književnost“, ед. „Književnost i civilizacija“, Nolit, Beograd, 1974
2) J. M. Lotman: „Struktura umetničkog teksta“, „Književnost i civilizacija“, Nolit, Beograd, 1976
3) Antoan Poro: „Enciklopedija psihijatrije“, Nolit, Beograd 1990
4) Цит. дело

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Leave the first comment