АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 2 минути

11. 2. 12. Социјална и здравствена политика и развој

Водењето модерна и конзистентна развојна политика на плуралистичкото општество подразбира и модерно осмислена, прецизно концепирана, доследно водена и респектабилна социјална и здравствена политика. Тоа значи дека дејствувањето на државата и другите органи и организации не е насочено само кон социјалната грижа, односно социјалното обезбедување и здравствената заштита, туку и кон комплементарноста на животните и работните услови и општествената заедница.

Обезбедувањето на економскиот и општествениот статус, како и натамошниот севкупен развој се базираат на некои основни начела и правци: работата, творештвото, продуктивноста, солидарноста, хуманоста.

Валиден е и ставот дека задоволувањето на потребите на трудот и солидарноста се основа на социјалната сигурност на човекот.

Науката ги утврдила и основните правци на социјалната политика, на превенцијата или примената на средствата и мерките против настанување на штетни појави, а поради намалување на нивниот опфат и влијание; како и куративата или примената на мерки и средства чија цел е отстранување односно ублажување на веќе настанатите штетни последици.

Исто така теоријата и практичното остварување на социјалната и здравствената политика се протегаат на речиси сите области на човековиот општествен живот и на неговата индивидуална егзистенција. Со тоа се потврдува и нејзиното извонредно значење и нејзината доминантност во севкупното плуралистичко опкружување.

Социјалната политика ги воспоставува основните параметри и можните решенија на проблемот на вработувањето; го поттикнува решавањето на станбените односи, го насочува и стимулира комплексот на социјалното осигурување како систем на мерки и средства воспоставени со закон и други општи акти, со кои на работните луѓе и членовите на нивните семејства им се обезбедува материјална заштита во случај на привремена или постојана неспособност за работа, старост или смрт. Преку соодветна здравствена политика и специјализирани здравствени установи и институции се обезбедува здравствена заштита.

А социјално-здравствената политика и нејзините развојни поставки навлегуваат во областа на заштитата на децата и младината, инвалидско-пензискато осигурување, воспитанието и образованието, искористувањето на слободното време.

Социјалната и здравствена заштита не значат само грижа на државата и другите органи и организации за сиромаштијата, за најзагрозените социјални слоеви на кои треба да им се обезбедува минимум егзистенција, туку многу повеќе значи грижа за одреден остварлив стандард на животот.

Значи, не станува збор само за социјално-економски права утврдени со Уставот или одделни закони за заштита на социјално-економската егзистенција на човековата личност (од правото на работа, слободата на трудот, ограниченото работно време, правото на дневен и неделен одмор, правото на социјално осигурување, правото на образование со задолжително основно образование, до социјалните права во потесна смисла), туку и за обезбедување на материјални, социјални и културни потреби на лица погодени од социјални проблеми од кои било причини.

Следењето на остварувањето на правците и задачите на социјалната и здравствената политика, како и мерките и инструментите за нивна реализација, се важен новинарски ангажман кој во програмата на совреното-модерното радио се остварува преку следење на активноста на специјалните и специјализираните социјално-здравствени установи и институции: домовите за деца и младинци, за рехабилитација, клубови, летувалишта, центри за социјална работа, советувалишта итн; болници, лекувалишта и други медицински установи.

Непосредниот програмски придонес на поширок план е насочен кон акции од хуманитарен и солидарен карактер, афирмација на индивидуални и колективни продуктивни зафати во здравството и слично.

Leave the first comment