АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 5 минути

11. 2. 15. Сопственички плурализам-слободен пазар

Станува збор за мошне сложена проблематика која опфаќа низа значајни економско-правни појави и категории, a чие познавање е предуслов за успешно програмско „покривање“ во рамките на програмско-уредувачката политика на радиото. Разграничувањето на економско-правните појави и категории, вградени во сопственичкиот плурализам и слободниот пазар како корелати, не може да ја потврди компетентноста, но сигурно значи појдовна основа за еден континуиран и конзистентен третман; од секојдневното информативно следење до критичко толкување и валоризација на појавите, проблемите, дилемите и можните решенија во нашево време.

Сопственичкиот плурализам ја содржи прд сè суштината на сопственоста како процес и однос во економска и правна смисла; од економското искористување односно присвојување, па преку правните прописи, до правно фиксирање на економските односи во производството и распределбата.

Суштината на плурализмот, пак, не само што ја инаугурира повеќедимензионалноста на општествениот живот и на човечките потреби и интереси, на индивидуалната иницијатива и слободата на волјата, туку претпоставува најнапред натпреварувачки процес вграден во слободната иницијатива и слободната конкуренција.

Од друга страна, приватната иницијатива на сопствениците на средствата за производство и слободната конкуренција ги преферираат слободното движење на трудот и капиталот, слободата на изборот, а не економско-правен монопол и мешање на државата во стопанскиот живот; од избор на инвестиции, акумулација, до потрошувачка и занимања. Се разбира, станува збор за пазарното стопанство кое е реалност, чии односи и „природни“ закономерности допрва треба да доаѓаат до израз, да добиваат своја полна афирмација и примена.

Во таа смисла сопственичкиот плурализам ја дефинира приватната сопственост како општествен однос на присвојување, но не во својата капиталистичка „конотација“ (како искористување-експлоатација на туѓ труд), туку со својата вредност-цена на работната сила на пазарот. Соодветен третман, како дел од стопанското опкружување, имаат личната, индивидуалната сопственост и колективната, а во соодветна мера и јавната-државната сопственост.

Слободниот пазар не ги содржи само слободната иницијатива и конкуренцијата, кои на себеси својствен начин го определуваат сопственичкиот плурализам, туку него го детерминираат пред сè пазарните механизми, пазарната вредност, пазарната цена, како и другите параметри на пазарното стопанисување.

Од нив суштествени за нас, во подолг временски период, се и ќе бидат пазарот на капитал и пазарот на работна сила; не само поради нивната неразвиеност, туку и поради востановената, низа години негувана искривена и поттикнувана свест дека се тоа рецидиви на капиталистичкиот експлоататорски систем и дека во планското стопанство ја губат својата основна функција.

Имено, пазарот како облик на размена на производи и услуги со посредство на пари, како редовен востановен и развиен однос помеѓу понудата и побарувачката, може да опстојува и да се прилагодува на вкупните состојби под директна зависност од низа фактори кои во основа го дефинираат пазарниот механизам како спонтано реализирање на стопанските процеси низ варијациите на пазарните цени. Економската теорија препознава повеќе фактори од кои зависат и конкурентските односи и разлики, а за поважни ги смета: бројот и поединечната големина на купувачите и на продавачите, појавата на нови конкуренти, просторната дистрибуција на купувачите и продавачите, хомогеноста или диференцијата на производствената стабилност и стабилноста на потрошувачката за дадениот производ, степенот на вертикалната интеграција итн.

Пазарот на капитал го прифаќаме најпрвин како организиран пазар, што ќе рече дека односите на понудата и побарувачката се одвиваат со посредство на курсевите и други финансиски институции: берза од хартии на вредноста или берза на ефекти. Се посочува и на фактот што, освен берзите на ефектите, организираниот пазар на капитал го потврдуваат и банките кои се занимаваат со долгорочно кредитирање со емисија на обврзници, собирање на депозити и штедни влогови. На пазарот како актери се јавуваат и осигурителните компании и разни други финансиски самостојни или посреднички установи.

Во „обработката“ на пазарот на капитал секогаш треба да се тргнува од неговото основно значење, имено како збир на односи на понуда и побарувачка на долгорочни и среднорочни финансиски средства.

Што се однесува на краткорочниот капитал на пазарот на пари, економските стручњаци ја истакнуваат тешкотијата тој да се разграничи (од долгорочниот и среднорочниот капитал), па затоа се употребува најопштата назнака: пазар на финансиски средства на кој се врши дистрибуција и алокација на слободните финансиски средства, пред сè во инвестициони цели. Заедно со финансирањето преку фискалниот систем и самофинансирањето, како и во зависност од односите помеѓу сите овие механизми (нивната развиеност), пазарот на капитал успешно и континуирано ќе функционира или не, и тоа не само како конститутивен елемент на финансискиот сиситем, туку и на целокупниот економско-финансиски процес.

Треба да се има предвид и основниот начин на функционирање на пазарот на капитал: емитување на долгорочни финансиски средства, односно капитал кој е слободен една година или повеќе дена, и тоа во форма на различни финансиски инструменти: јавни заеми, акции, хипотекарни хартии, обврзници и др., кои во себе ја имаат вградено добивката по основ на камати или дивиденди.

Во врска со пазарот на работната сила, потребно е најнапред да се ослободиме од негативниот став дека во капитализмот работната сила е стока како и секоја друга, па според тоа е експлоатиран од капиталистот, како и дека работникот се продава себеси затоа што е принуден да опстане, да ја обезбеди голата егзистенција.

Во третманот на работната сила како стока нема експлоатација, бидејќи таа како стока се продава според својата вредност. Експлоатацијата е всушност надвор од пазарната сфера, во процесот на производството со вишокот на вредноста и вишокот на производи. А што се однесува на висината на наемнината како паричен израз на вредноста на работната сила, таа тешко може да се дефинира како капиталистичка категорија оти нејзиното преименување не значи и менување на суштината (плата, личен доход и слично). Позната е животната филозофија на нашиот довчерашен сиромашен самоуправувач: „За таков стандард како што има во високо развиениот капиталистички свет со задоволство ќе дозволам да бидам експлоатиран“.

Значи, потребно е најнапред да се ослободиме од идеологизацијата на трудот на работникот и да ја бараме, создаваме, градиме неговата цена, да го усовршуваме инструментариумот за валоризација на трудот. А заштитата на работникот од екплоатација и неговата социјална сигурност да ја бараме во моќното синдикално движење, недиригирано од официјалната власт, дезидеологизирано.

И пазарот на работната сила, како пазарот на капитал, функционира врз основа на понудата и побарувачката. Без оглед на фактот што тој во наши услови сè уште не е формиран или не функционира во вистинска смисла, пазарот на работната сила мора да ги следи процесите во другите сфери, зашто меѓузависноста е очевидна и на слободниот пазар јасно изразена. На пример, зависноста од развојот на производните сили, од зголемувањето на продуктивноста и економичноста и технолошкиот развој, односно се помасовната појава на економски и технолошки вишок. Меѓу другото, преструктуирањето на нашето стопанство инсистира на поголема понуда и побарувачка на пазарот на работна сила, во зависност од нејзиниот квалитет и конкурентска способност.

Од тој аспект станува сосема реална, дури природна невработеноста како проблем кој никогаш целосно-апсолутно не може да биде решен.

Светските интегративни процеси пазарот на капитал и пазарот на работната сила се повеќе ги афирмираат не само во нивната основна функција, туку и во нивното локално, регионално, национално и светско значење.

Како сопственичкиот плурализам и слободниот пазар во теоретска и практична смисла да се инкорпорираат во една конзистентна и комплексна програмско-уредувачка политика на современото-модерното радио?

Досегашните светски, па и наши искуства нудат повеќе решенија од кои ќе наведам само некои што се однесуваат на нивната рецептивност и компетентно толкување, на критичка валоризација:

Третманот на оваа проблематика мора најнапред да има информативно-едукативен карактер. Станува збор за специфична економска област која бара стручни познавања. Информативно-едукативниот пристап им ја доближува на слушателите од различно квалификационо ниво, а во исто време и ја прави „универзална“. Тоа се постигнува со континуирано следење на процесите и промените, како и нивно навремено толкување со соодветна компетентност (со консултирање на стручна литература или во комуникација со стручни личности).

Програмската атрактивност односно привлечност на оваа проблематика се реализира со користење на сите новинарски изразни средства, а маркетиншката основа се обезбедува со посебни програмски простори во кои се реализираат инструментите на пазарот на капиталот и пазарот на работната сила (курсните листи, состојби на берзи, понуда-побарувачка, берза-огласник на слободни работни места, односно потреби од работна сила според квалификациите итн.).

Leave the first comment