АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 2 минути

11. 2. 23. Културна политика

И културната политика, како секоја друга, во своето основно, суштинско поимање ги опфаќа функциите и дејностите од општо општествено значење. Тоа значи дека во современите општествени констелации се надминува толкувањето на политиката воопшто како дејност исклучиво врзана за државата и нејзиното функционирање, а што од друга страна го содржи елементот на политизација на општеството и севкупниот општествен живот. Напротив, таа станува мошне конкретна, дел од „практичниот живот“ кој се преобразува, надградува, осовременува, модернизира.

Кои се основните параметри на современта културна политика? Теоретичарите-политиколози наведуваат безброј подрачја на конкретно дејствување, и тоа во зависност од толкувањето на феноменот политика, општествените односи, статусот и интересите на владеачката структура, развојната фаза на едно општество.

Имајќи ја предвид токму ограниченоста на таквите гледишта, би можел да наведам некои општи-универзални параметри на културната политика во рамките на нашето совремие и опкружување: создавање на материјално-финансиски и технички предуслови за непречен забрзан развој на институционалното и индивидуалното творечко дејствување, афирмација на културните достигнувања кај нас и во светот, афирмација на културниот идентитет на Македонија, приопштување на културните вредности од развиените средини и нивно вградување во нашето културно милје.

Тоа едновремено значи општа дефинираност на нашата културна политика, но и назнака на нејзините главни развојни правци.

Во однос на радискиот третман на културната политика тоа би биле и основните параметри на програмско-уредувачката политика: финансирањето на културата, осовременувањето на техничко-технолошките услови и можности, следењето на дејноста на институциите во културата и нивната организациона поставеност, програмска афирмација на индивидуалните творечки резултати, презентација на културните вредности надвор од нашата држава, културната соработка со светот.

Од друга страна, во рамките на програмско-уредувачката политика во областа на културата треба да се преземат и конкретни програмски зафати во функција на анимација на културното живеење, како и постојана надградба.

Соработката со институциите во културата треба да се одвива во две насоки: регистрација, афирмација и критичка согледба на нивното дејствување, на нивните програмски содржини, и соработка во функција на заедничко создавање на културата.

Афирмацијата на индивидуалните творечки резултати се остварува во рамките на одделни емисии и рубрики за културата, а пред сè низ критичка призма; особено на планот на афирмацијата надвор од нашата културна средина (преводи на дела, настапи на уметници во странство и сл.).

Културната соработка со светот и нејзината манифестираност на радио-програмата се регистрира и вреднува во рамките на меѓународните културни манифестации кај нас, едновремено и нашето учество на соодветни во странство.

Аниматорската функција, пак, претпоставува самостојна програмска организација на мултимедијални проекти, културни приредби, па и аудио-издавачка дејност.

Културната политика како посебна област треба да биде индивидуален новинарски творечки ангажман, но едновремено треба е инкорпорирана во другите области: културната, уметничката, образовно-едукативната.

 

Leave the first comment