АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: < 1 минута

11. 2. 29. Социјална и културна антропологија

Бидејќи антропологијата е мошне широка и различно дефинирана наука за човекот, опфаќа најразлични аспекти и пристапи, во нејзиното третирање, односно нејзината застапеност на програмите на современото-модерното радио треба да се тргнува од становиштето дека „човекот е не само производ на природата, туку и творечко битие“.

Значи, прифатлива е поделбата на антропологијата на физичка (соматичка или биолошка) и културна.

Физичката антропологија има свое посебно место во научните програми, а за отворено-контактната програма од посебно значење е културната антропологија која ги користи резултатите и сознанијата на социологијата, филозофијата, палеонтологојата, археологијата, етнологијата, социјалната психологија, лингвистиката итн.

Одделна гранка на антропологијата, која во нашево време добива на значење, е социјалната антропологија која ги опфаќа проблемите на развојот на човекот и неговата општествена средина.

Иако како научна гранка ѝ припаѓа на социологијата, социјалната антропологија е мошне атрактивна за отворено-контактната радио програма со анализите и објаснувањата на севкупните општествени односи во рамките на системот на општествената организација: студиите на примитивните општества, културните облици, верувањата, ритуалите, нивната хумана структура итн.

За подетална конкретизација (теми, прашања, проблеми што ги иницираат културната и социјалната антропологија) можат да користат повеќе значајни антрополошки студии од светски и домашни автори, а особено „Митологики“ на Клод Леви Строс и класичното антрополошко дело на Џејмс Џорџ Фрејзер „Златна гранка“.

Leave the first comment