11. 2. 33. Спорт и физичка култура
Во новинарската практика најчесто се соочуваме со крајна симплификација во регистрирањето на спортот и физичката култура: следење на резултат од спортски натпревар, пренесување на спортска атмосфера со сите нејзини позитивни и негативни манифестации и по некое критичко согледување на нештата кога ќе дојдат до „точка на вриење“.
Тоа од своја страна создаде некаков во голема мера редуциран, сиромашен спортски јазик и стил кои не се ништо друго, туку збир на шаблонизирани изразни средства веќе истрошени од употреба и злоупотреба: празно компарирање, инфантилна метафоризација, сувопарно користење на документот, а да не зборуваме за погрешното акцентирање, неправилна интерпретација, неправилна синтакса.
Во таа смисла секој обид за творечки ангажман во оваа област доаѓа како „освежување“, се забележува како нешто ново. Таквите обиди сè уште не се доволни за да не претставуваат исклучок.
Важноста на спортот и физичката култура како општествен фактор, со својот не само општествен туку и здравствен, воспитен, забавно-рекреативен карактер, не се потврдува само во манифестациона форма. Неговата афирмација мора да ги содржи сите форми и содржини, а од програмски аспект, во програмата на современото-модерното радио треба да добијат и специфична радиофонска трансформација.
Имено, преносот на еден фудбалски натпревар не значи само пренос на случувањето на теренот, туку и на „случување на случувањето“. Драматиката на играта, борбата и натпреварот, активниот слушател ја доживува и како сопствена драматика. Тоа, од друга страна, бара и соодветно радиофонско прилагодување: примерен вокален темперамент, изразна сликовитост, примерно „движење“ на настанот што се пренесува.
Спортот е игра, борба и натпревар. Тоа „тројство“ може да биде интегрална компонента на неговиот развој, но може и расчленето да се третира во рамките на една конзистентна спортска политика. Играта, борбата и натпреварот значат и поттик и интезивирање (унапредување), но и проверка на човековите способности. Во секој случај, програмскиот третман на спортот и физичката култура подразбира еднаков пристап кон сите три компоненти или фази на спортот и физичката култура, не форсирајќи една за сметка на другите, не минимизирајќи го значењето на секоја од нив (што во сегашната радиска практика е мошне чест случај).
Се разбира, она што значи регистрација на настан (на пример спортски резултат), информација од прва рака-претставува и секојдневна новинарска практика. Меѓутоа, без спортот на радио (заедно со физичката култура) не се добива вистинско „спортско радио“.
Што се однесува на физичката култура одделно, пред сè на физичкото воспитание, тоа треба да биде вградено во секојдневниот програмски ритам на современото-модерното радио, како дел од неговата воспитна функција, како функција на сестраниот развој на личноста. Значи, не станува збор за некаква социо-психолошка и политичка цел, „подигање на работната и борбената способност на поединецот и општеството“, туку за „работна и одбранбена“ способност на личноста и нејзиниот интегритет. Во таа насока физичката култура (физичкото воспитание пред сè) е комплементарна со здравствените, хигиенските, образовните и воспитните активности.
А дека станува збор за комплексна проблематика, говори и оној „втор аспект“ на физичката култура: незадолжителниот, рекреативниот, разонодувачкиот (активен одмор). Современите трендови на тој план треба да се следат во континуитет и да се инкорпорираат во програмите на радиото (аеробик, рекреативна пауза, џогинг и слично, развој на технички помагала и спортски реквизити итн.).
Следењето на активностите на спортските друштва и клубови, на специјализираните установи за решавање на проблемите на физичкото воспитание, на образовните институции и организации за физичка култура на сите нивоа-општински, регионални, државни, е исто така секојдневен новинарски ангажман, што подразбира и дневна организација на спортското новинарство.
Во разграничувањето на спецификите на одделни области и користењето на одделни специфични методи и инструменти, современата теорија на маркетингот веќе дефинира и посебен, тн. спортски маркетинг. Во иднина тој ќе има мошне интензивен развој, а особено со професионализацијата на спортот и неговата пазарна егзистенција. Медиумскиот спортски маркетинг (на современото-модерното радио) го освојува оној меѓупростор помеѓу изворот на финансирањето (спонзорство, односно деловно интерно поврзување) и посредувањето во остварување на поголеми ефекти. Тоа не значи само промоција („спортовско“ рекламирање) на производи од спонзорот на еден клуб на пример, и тоа пред, во текот и по преносот на натпревар, туку и програмско маркетиншко осмислување на паузите во текот на самиот натпревар. Така што спортскиот маркетинг добива побогата содржина (пример се преносите на американската професионална кошарка).