Аргентинско танго

Потребно време за читање: 4 минути

Аргентинското танго или „љубовна приказна во три минути“, како што го нарекуваат многумина, потекнува од Аргентина, а извршило големо влијание врз поезијата, драмските уметности, модата, сликарството, архитектурата…

Несомнено, танго корените треба да се бараат во сиромашните квартови на Буенос Аирес (La Boca, San Telmo…), во нивните барови, коцкарници и бордели, каде што сиромашните имигранти низ танц го изразувале своето длабоко чувство на загуба и желбата повторно да се сретнат со луѓето и местата што ги оставиле зад себе.

Денес постојат многу стилови на тангото, но тоа во основа изобилува со африкански влијанија. Имено, играта на некогашните робови помогнала да се обликува тангото на модерното време, танц кој брзо се проширил на сите општествени слоеви.

Тангото има два суштински елемента, со еднаква важност и вредност: музиката и танцовите движења.

Самиот збор во врска со танцот за првпат е употребен во 1890. година, а се претпоставува дека доаѓа од латинското tanguere, што значи допирање. Африканците доведени како робови негувале сопствен облик на ритмичка музика како што бил candombe, вид атлетски танц. Candombe и payadore во еден момент дошле во контакт, а тоа би можело да го објасни настанувањето на milongа-та. Не е исклучено полката, валцерот, мазурката и schottische исто така да имале свое влијание во создавањето на milonga-та.

Најважно влијание во развојот на танго музиката и танцот е танцот хабанера, создаден во Хавана на Куба, а познат и како андалузиско танго. Во сржта на хабанерата бил одот, токму како и во тангото, но не е можно со сигурност да се утврди како се танцувала. Во еден момент милонгата и хабанерата се споиле во првобитен облик на тангото, танц кој веќе тогаш во себе имал влијанија од сите делови на светот.

Околу 1800. година почнало големото доселување во Буенос Аирес. Повеќето доселеници биле мажи кои таму дошле во потрага по подобар живот. Една од ретките вносни работи била проституцијата. Илегалните бордели биле познати како „танцови академии“ во кои потајно се подучувал танцот. Припадниците на повисоките слоеви на Буенос Аирес негативно гледале на овој нов вид танц, особено затоа што на танго песните чии зборови имале ласцивен карактер, а некои им се обраќале на проститутките. Го отфрлиле како валкан и уличен, но се верува дека многумина млади имашни мажи потајно ги посетувале танцовите академии.

На почетокот од 20. век тангото доживува светска експанзија, и тоа кога аргентински богаташи го запознале Париз со овој страстен и заведувачки танц. До 1920. година тангото станал интернационален феномен во Париз, Лондон, Њујорк и ширум светот.

Се смета дека аргентинскиот плејбој Ricardo Guiraldes во 1910. или во 1911. година во Париз прв го претставил тангото. Танцот многу се разликувал од вообичаените танци на тоа време. Некои го сметале за непристоен, но е несомнено дека ги поместил границите на општествено прифатеното однесување. Танцот во Европа е добро прифатен, публиката го засакала мошне брзо поради својата убавина, страст, драма, возбуда и животност. Тој потоа пак е увезен назад во Буенос Аирес каде што, по почетното одбивање, сега го прифатиле и припадниците на повисоките слоеви.

Во меѓувреме во стиховите на танго песните се појавува нова тематика. Со меланхоличен тон се пеело за минатите времиња, се спомнувале изгубените љубови, невозвратените, копнежите по мајката, родното место или улицата, но најмногу од се се пеело за љубовта спрема тангото. Стиховите се напишани на уличниот јазик на Буенос Аирес, лунфарду, кој бил мешавина на шпански, италијански и креолски, со необични форми на зборовите.

Нешто подоцна тангото добива значајно место во стандардните танци, како ballroom tango, денес попознат како европско танго. Сепак, иако потекнуваат од ист корен, европското танго во многу се разликува од аргентинското: во ставот, прегратката, движењата, импровизациите, балансот и чекорите.

И покрај забраните и потешкотиите, тангото и денес живее, иако му се заканува претерана европеизација. Всушност, суштината на тангото е во поврзаноста помеѓу двајца луѓе, во емпатија, потреба за прегратка, бегање. Поради различното поимање на животот, Европјаните и Американците тешко се поврзуваат со тие идеи, а во танцот бараат правила и го доживуваат како јавен приказ на сопствените способности, што е во целосна спротивност на смислата на тангото. Тангото е приказна за заведувањето, тивок разговор помеѓу двајца луѓе, чија смисла не е јавно покажување, туку интимно делење на енергија во ритам на заводлива музика.

Тангото е рефлексија на животот во Аргентина, неговата историја, што најдобро го покажува периодот од 1950. година, кога политичката репресија почнала да се развива, па во танго песните се појавуваат политички ставови. Така тангото бидува забрането. Меѓутоа, успева да преживее во андерграунд клубовите и во срцата на луѓето и танцувачите.

Според стручњаците, за учење на тангото се потребни доста труд, волја, љубов и креативност, зашто самиот танц изискува огромна прецизност и пред се извесна дарба на пророкување. Затоа што чекорите не следат предвидлив ред, туку се подложни на импровизации на оној што води или, пак, на една кореографија на бескрајни комбинации во односот помеѓу мажот и жената, во нивниот допир како телесен, така и духовен. Обата партнера мораат многу да придонесат- исто како и во вистинска љубовна приказна. Мораат да научат да се наслушнуваат меѓусебно и да си веруваат еден на друг. Тие внесуваат свои стилови и декорации (adornos) што значајно придонесува за возбудата и непредвидливоста на танцовото искуство.

Инаку, тангото секогаш се танцува во насока спротивна од сказалките на часовникот, како на коњичките трки (коњите и обложувањето заземале значајно место во танго песните), а танцувачите се трудат да останат на ивицата на подиумот избегнувајќи го неговиот центар. Милонга танцот потсетува на разбранета река која нежно се бранува постојано менувајќи ги ритмите. Можеби токму поради постојаната промена на ритамот, како главна карактеристика на танго музиката, овој танц не е подложен на однапред осмислени кореографии.

Корените на тангото се различни: афро-американски, хиспано-кубански, андалузиско-креолски, француско-италијански, па овој танц го красат мноштво негови стилови: salon tango, milonga, tango nuevo, orillero, fantasia.

Fantasia е сценско танго или танго перформанс кој е наклонет на глумата, драматичноста и акробациите. Tango nuevo својот одраз го наоѓа во електро музиката (Gotan project, Bajofondo…), има бројни декорации и е мошне популарно кај помладите генерации. Milonga е танго кое има побрзо темпо и го карактеризираат ситни и едноставни чекори. Иако милонга музиката историски е многу постара од танго музиката, танцот е доста понов.

Она што танго музиката ја изделува од сите видови музика е секако инструментот бандонеон (вид армоника), како и отсуството на тапани. Бандонеонот се појавил во Германија околу 1880. година. Иако било прилично тешко да се совлада, неговиот плачен звук ја фатил самата суштина на тангото. Клавирот, виолината и бандонеонот се најчесто тие кои ги одржуваат фасцинантните танго ритми. Исто така, кај тангото убавината на гласот е еднакво битна како и начинот на пеење, просторот помеѓу слоговите, намерата што ја обвива секоја фраза. Пејачот на тангото е пред се глумец. Не било каков глумец, туку таков што слушателот во него ги препознава сопствените чувства.

Во 2009. година тангото стана дел од светското културно наследство. Организацијата на ОН за наука, култура и образование (УНЕСКО) на овој танц му додели статус на традиција од посебно значење за човештвото.

Leave the first comment