Амбиција-Стремеж

Тивки клокоти

Таа е полезна кога е мерлива, дури неопходна само доколку е можно остварлива. Секако и поттикнувачка и конструктивна. Во спротивно, доколку е бесцелна, всушност бескрајна, всушност болна, доколку ги надминува личните способности, можности и знаења, а особено кога е вперена против други луѓе, групи, заедници, секако го разболува човека; дури го унижува пред други.

Нејзината суштина ја истакнува повеќе негативната одошто позитивната смисла. Имено, стремежот за истакнување, за успех, признание или слава многу почесто се поврзува со нездравоста и деструктивноста. Особено со безобѕирноста.

Кога е амбицијата на преден план, нужно е таа да се промислува во корелација со суетата (дали е и колку здружена со неа), емоционалната (не)зрелост, а над сè со самољубивоста и чувството на помала вредност.

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 71

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.