Намерници за вреден живот

Навнатре и однатре

Дамна ми е запишан разговор воден на повеќе наврати меѓу двајца средовечни намерници за вредниот живот. Мене обајцата ми останаа незнајни, а и не сум баш сигурен дека сум бил со нив. Како минува времето, така сè повеќе ми се чини дека всушност станува збор за мене како двајца намерници во еден. Разговорот го водеа или го водев како сам со себе додека одев пеш по светот. Всушност, од еден до друг близок разурнат и безживотен град што ги поврзува широк земјен пат, покриен овде-онде со ситни шилести камења.

Делот од разговорот на првиот наврат:

-Како стареам и како снеможувам сè повеќе, сè почесто ми се наметнува сам по себе вредниот живот. Не оти вреди да се живее, туку што и колку во него вреди да се живее, одживее и преживее,-почна првиот намерник или едниот од двајцата во мене.

-Значи, се прашуваш, а не можеш да си одговориш?,-го поттикна другиот намерник или другиот од двајцата во мене.

-Сè уште се прашувам зашто сум во дилема дали воопшто постои, дали има некој што живее или живеел вреден живот. Се разбира, знам дека животот сам по себе вреди да се живее. Тој ни е дар од Бога…Се убедувам себеси дека во животот има само едно нешто поради што вреди да се живее, одживее и преживее. Тоа е љубовта,-одговори со убедлив глас.

-Не си сосем во право,-му се спротивставив.

На вториот наврат едниот намерник или другиот од двајцата во мене го кажа само ова за љубовта како „нешто“ поради што вреди да се живее, одживее и преживее:

-Веќе сум сигурен дека нема ништо друго, освен љубовта на луѓето. Љубовта кон сè убаво и вредно, сосе љубовта меѓу луѓето. Уште повеќе, само таа и ништо друго го прави животот вреден.

На третиот наврат другиот намерник или првиот од двајцата намерници во мене зеде збор и не му даде на првиот или вториот да дојде до збор:

-Во меѓувреме размислив за твојата верба во моќта на љубовта. Не си единствен. Напротив, најмногу така одговараат во врска со вредниот живот. Јас би рекол оти така им е најлесно да одговорат. И јас сум еден од нив, како и ти. Но сепак, мислам дека има и некои други нешта што го прават животот вреден. Дури со блиска, ако не и еднаква моќ. Во некои случаи може помоќни од неа. Ќе те насочам само на две, колку за поттик на твојата промисла: разбирањето и споделувањето. Ако сакаш и ако си слободен, следниот пат ќе разговараме за нив.

На четвртиот и последен наврат разговаравме кусо. Мислам дека обајцата останавме задоволни по него, имајќи ги на ум и претходните.

Првиот на вториот намерник или првиот од двајцата намерници во мене:

-Сосем се согласувам дека е многу вреден оној дел од животот што се живее со разбирање и споделување меѓу луѓе во заедница или близост. Притоа, никако не ја намалувам моќта на љубовта. Напротив, и натаму мислам дека нејзината е најголема. И разбирањето и споделувањето без неа не се што би можеле да бидат.

Вториот на првиот намерник или вториот од двајцата намерници во мене:

-Не се согласувам. Јас мислам дека може да има разбирање и споделување без љубов. Наместо неа, јас ја преферирам емпатијата. Туку…да те прашам: што мислиш за суштината на вредниот живот, на она што и колку вреди за да се живее, одживее и преживее?

Првиот на вториот намерник или првиот од двајцата намерници во мене:

-Најпрвин мислам дека треба да се знае што и колку вреди во него за да се живее, одживее и преживее. Јас и ти знаеме. Затоа сме намерници.       

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 75

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.