-Зборуваш за времиња, а не за време.
-Тоа е познато. Нема едно време. Секое во себе има повеќе или многу. Нужен е одговор на прашањата дали им се познати почетоците и завршоците, што ги поврзува или оддалечува и кои и колку од нив се прелеваат едни во други.
-А нивното разликување на минати, сегашни и идни?
-Одамна е согледано од учени, умни и творечки личности дека тие се меѓусебно обусловени. Меѓу нив нема остри и ненадминливи гранци. Многу често во животот и по смртта. Кога е збор за континуитетот на неговото траење, неминовно е во идното да се минатото и сегашното.
-За мене се најважни нашите времиња и нашето време. Притоа не толку нивното траење или кога се разделени дека се различни, колку нивните форми и содржини.
-Што мислиш за тоа?
-Мислам дека нашите времиња ги трошиме побрзо одошто нашето. Исто така, мислам дека формално и содржински нашето време сè уште не ги надминало нашите. Од друга страна, пак, како да ни станува сè поголем проблем рамнотежата меѓу нашите времиња во нашето.
-Тоа значи дека сè помалку ги владееме, ги контролираме, ги насочуваме, ги предвидуваме и планираме? За сметка на нашето? Не мислиш дека станува збор за еден од најголемите проблеми на човекот на денешницата: секое и сечие време сè помалку зависи од него, па затоа му се спротивставува сè повеќе? Со брзаница, измешаност на годишните доба, кратењето на траењето на годините, децениите, вековите, со својата сè поголема непредвидливост. Личните времиња, и моето и твоето сè повеќе и сè подолго се без заедничкото, колективното, па ги губат смислата, содржината и формата. Крајната последица е веќе видлива на секој чекор: баналност, стереотипност, сивило, студенило, безначајност, бесцелност. Дури бесмисленост.
-Затоа ти ги наметнав времињата за промисла. Мораме зајакнато да ги браниме. За во нив натаму да бидеме она што сме, истовремено менувајќи се.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 45




