22. Во лет
Меѓу два облака
бели
на спокојно небо
човек во лет
со свој свет.
Зошто нема друг
со него крај него.
Има еден
што уште не може
да се догледа
зашто е поблизу
до некој нов свет.
23. Дали подобро
Не знам можеби
е подобро да сме
што подалеку
еден од друг
додека сме будни
чекајќи зора.
Можеби ти знаеш
дали е подобро
вака отуѓени
во долго време
изминато.
Можеби допрва
ќе биде полошо
за сите со кои
во меѓувреме
сме биле јас и ти.
24. Мозаик
Некои непознати
луѓе животни птици
на мозаиков
што го откривме
конечно
по многу векови
наше постоење
како мртви.
Зачудувачка е
хармонијата
меѓу нив
и нашите корени
еднакво длабоки
во земјава камена
и возвишени
до беспримернава
синевина.
СЕКИДНЕВИЕ, Потребности, поезија/припеви




