Секидневие, Потребности, 19-21

Секидневие, дело во создавање, автор: Љупчо Димитровски

19. Брегови на река

Брегови нечии
на река што течела
без престан
во години последни
кои некогаш биле
први.

Знаци овде-онде
на брегови нечии
на камења сегде
во песок сегде
кријат еден живот
со многу сè уште
незнајни.

20. Припев без строфи

Нема а има смисла
припевов без строфи:

Дојде меѓу нас,
се прибра во нас,
остана со нас
во ниедно доба
деноноќно
па си замина нечујно
незабележливо
како нераскинлив
дел од нас.

Напомена на пејач
кој не пее припев
без строфи:

Нема а има смисла
кој било каков било
припев
за кој би можело
да се напише макар
една строфа.

21. Неминовно

Допрва ќе се случи
негде меѓу луѓе
нечија љубов која
нема да биде долго
во исчекување
ниту ќе помисли
ниту ќе намисли  
никогаш никој
да не дознае
каде исчезнала
зашто некому
му била потребна.

СЕКИДНЕВИЕ, Потребности, поезија/припеви

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.