Многу народ се собра меѓу бездната, која народот успеа да ја прелета до последен човек, и по новата, најмногу благодарение на своевидната игра што ја изиграа Аристотел, Пабло Пикасо и Радован Павловски. Никој не ги криеше радоста и задоволството дека во меѓувреме, во просторот по новата бездна и друга во несогледлива далечина им се придружи Андре Бретон; да, францускиот голем поет и писател, основачот на надреализмот, на „чистиот психички автоматизам“, авторот на „Манифест на надреализмот“. Еднакво како поет и страстен колекционер на уметнички, етнографски материјали и необични ситни орнаменти-повеќе од пет илјади слики, цртежи, скулптури, фотографии, книги, уметнички каталози, весници и ракописи. Се разбира, неговото придружување не беше случајно, како што е впрочем веќе потврдено дека во живот пред исчезнување нема, ниту, пак, може да има нешто случајно. Особено ако се има предвид дека пред новата бездна, која народот успеа да ја прелета до последен човек, и по новата која, како сите досегашни, не се знае кога се јавила, се случила, се создала, но секако по некое од невремињата во последните неколку децении, ќе биде многу тешко да се измисли нова, овојпат имагинарна мислечка и поетска игра.
Сè уште не е познато дали по прелетувањето народот успеа да го совлада стравот од височина што го носи во себеси уште од детството. Тоа е многу важно затоа што станува збор за по нова бездна, а во последните неколку децении бездните како да зачестија. И покрај успешните прелетувања и своевидните игри на светски видни мислечки и творечки личности, од ден на ден тие сè повеќе ги загрижуваа борците за рамнотежа меѓу природата, исчезнатите и сè уште живите народи во светот. Притоа, не треба да се изуми нерамнотежата која доведува до повремени, но сè подолготрајни невремиња кои неминовно предизвикуваат сè поголеми катаклизми. Расте веројатноста дека ќе се случи конечно самоуништување на планетата Земја, односно истовремена експлозија и имплозија.
Ги израдува придружувањето на Бретон. Можеби најмногу Павловски, кој егзалтирано му предложи на народот тој и тој да му прочитаат по неколку свои најнови песни. Тоа не се случи по напомената на основачот на надреализмот дека за такво нешто е потребно особено лирско настроение. Кое е невозможно да се создаде меѓу вакви невремиња. Па треба да се концентрираат на нивната главна задача-најбрзо што можат да смислат имагинарна мислечка и поетска игра.
Аристотел заклучи дека пределот по новата бездна е сличен на претходните и новата: и близу и во далечина на поврвнината е согледлива трагата на река понорница, сигурно и таа наспоредна со неа од изворот до вливот. Пабло Пикасо беше сигурен дека ќе мораат со заеднички сили пак да направат мовче од греди и јажиња на нејзиното најтесно место, што значи дека пак ќе мораат да потрошат многу време од своите творечки времиња. Радован Павловски се изјасни метафорички: бездните се прелетуваат до последна со лесни крилја. Андре Бретон со два-три збора ја искажа суштината на нужната имагинарна мислечка и поетска игра: сликите како ситуации и играта на зборовите мора секогаш да го надминуваат личното искуство; пред сè друго со реткости, бизарности, чуда, фантазми, со истовремена потрага по чудесното и неоткриените тајни. А пред нив, меѓу нив и по нив сонот и сонувањето. Со сето тоа имагинарната мислечка и поетска игра ќе се игра со правила кои ги разбираат и на кои се придржуваат само оние кои учествуваат во неа. Што се однесува на бездните, минатите, поминатите, новите и по новава, тој на преден план ги става силата на љубовта и верувањето во можноста за среќа, со истовремена способност за возбуда и зачуденост. Заврши со извик: „Од посветеноста на човекот зависи животот!“.
Пабло Пикасо се праша и си одговори:
-А што ако по новава бездна во најдалечна далечина овој народ нема да се соочува ниту со една меѓу последни, ниту со една како последна? Ќе значи ли тоа дека конечно пак стасал во својата исконска земја? Тоа е невозможно! Нема пример во историјата на човечката цивилизација да се случило враќање на окупирана, преземена, од туѓинска сила освоена земја и по асимилација и тотално разнебитување на исконскиот народ во неа. Јас лично пред секого можам да сведочам дека неколку бездни по новата, која народов успеа да ја прелета речиси со последни сили, беа многу широки и длабоки, а стравот од високо беше речиси паничен кога стоеше подолго на нејзиниот раб и согледуваше оти таа завршува на својот почеток.
На неколку мои последни платна и со неколку цртежи во миг јас веќе изразив сомнение дека по новата бездна, онаа што сè уште се гледа зад нас, уште ќе се шири и продлабочува…Истовремено секој губејќи ја својата индивидуалност.
Се праша Аристотел и си одговори:
-Што ли ќе се случи допрва со светов откако како последица на тектонски поместувања на минатото и иднината во сегашност сосем ќе се разделат флората и фауната? Нема ли тоа да биде дефинитивен крај на конкретноста на постоењето на животот како даденост од Бога? Пределов пред нас, со штотуку надмината нова бездна зад нас, воопшто не изгледа плодороден. Напротив, пустошен е, безводен, непрегледен, соголен, веројатно под поврвнината безживотен. Затоа велам и повторувам дека воопшто не е случајно што по нова бездна е токму овде, меѓу безнадежниве стари и високи голи планини. Длабоко сум убеден дека народов мора, на чело со нас и сите како нас-мислечки и творечки личности, да тргне решително во потрага по нови извори бистра вода, брзаци, езерца, големи и длабоки реки, езера, мориња, океани. И да не запре сè додека не открие понекои од нив…Мора да успее. Несомнено ќе успее. Жилав е, отпорен е, со борбен дух е, а духовноста му е и слободна и единствена и одамна докажана и…и непореклива!…Пак ќе се повторам: според мене, бездната како нова зад нас е крај на човечкото дејствување и создавање од една страна, како залудност на почеток на што-годе ново, но истовремено поттик за траење и истрајност.
И Андре Бретон се праша и си одговори:
-Дали конечно се разбра моето страсно колекционерство на уметнички, етнографски материјали и необични ситни орнаменти? Јасна ли е нераскинливата врска меѓу мојот надреализам и мојата колекција од над пет илјади слики, цртежи, скулптури, фотографии, книги, уметнички каталози, весници и ракописи? Дека токму од таа врска ќе се создаде нова имагинарна мислечка и поетска игра? И дека конечно моето придружување воопшто не е случајно?…Впрочем, ако што е веќе потврдено во живот пред исчезнување: нема ништо случајно, ниту, пак, може да има. Можам уште само да се надевам на животворна иднина токму со интеракцијата меѓу личниот внатрешен свет, надреализмот е само еден од безбројните такви, постојаната присутност на лични трајни вредности и конкретната стварност. Интеракција од слики и зборови.
Радован Павловски се праша и си одговори непосредно пред своето исчезнување:
-Може ли наскоро да се случи дефинитивно разделување на пределов пред нас како дел од светот на животот на стварна и заумна ограниченост? Па тоа веќе се случува! Нека секој се загледа во себе најдлабоко што може и сигурен сум дека ќе согледа нешто од своето минато како последно. По кое ќе му биде сеедно до каде стасал и дали има уште нешто за сопствено самодокажување. По кое веќе со никого ќе нема време до смрт за истовременост на спокојот и возбудата, сомнението и стравувањето, неизвесноста и предвидливоста.
Долго седеа околу оган со пламени јазици до небо и народот околу нив во исчекување. Во ниедно доба на ноќта решија да продолжат заедно кон далечен догледлив хоризонт. Наспоредно со времиња и невремиња.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 60




