По подолго време, тројца творци се заедно на маса во Клубот на писателите, задоволни од сите свои досега создадени дела. Во исчекување меѓусебно да се информираат и критички да согледаат како им оди создавањето нови, истовремено поттикнувајќи се меѓусебно да продолжат како досега.
Јас или Тој и Тој или Јас:
-Интересна е врската меѓу творците во однос на личниот идентитет. Не кои било или какви било, туку творци кои се идентични онолку, колку што се разликуваат меѓусебно според силината и динамиката на творењето. Особено на континуитетот. Се разбира, тоа особено се однесува на личното самоименување од една, и именувањето на други од друга страна. Слично како со псевдонимите и прекарите. Во тој контекст, веќе се оправда и се потврди мојата определба за име како презиме и за слично односно исто презиме како име. Бидејќи единствено од мене зависеше, а сега откривам дека зависи и ќе зависи докрај како употребувањето, така и неупотребувањето на личното самоименување. Дотолку повеќе што незабележливо измислувам обични, познати, повеќе или помалку користени имиња и презимиња, а со намера вниманието да го насочам на дејствието, случувањето, собитието, расположението, може само однесувањето при соочување со ненадејности. Да, да, мислам на творците со еден и во еден, потоа на творците како творец и нивната автентичност, како и на творец во дела на творци како влијание, па сè почесто и како плагирање. Мислам пред сè на главниот творец пред исчезнување, кого на почетокот се определив да го именувам со Јас или Тој и Тој или Јас…Инаку, и јас веќе наслушнав дека во затворени кругови на различни творци, наши блиски и далечни, на знајни и незнајни на големо се раскажува за именувањето визави потврдата или негацијата на личниот идентитет. Всушност, за загадочноста на постоењето и непостоењето на Јас или Тој и Тој или Јас.
Вториот творец на третиот:
-Јас мислам дека треба да се има предвид предупредувањето дека тоа во никој случај не може да се однесува на некој од колективните идентитети, а особено не на националниот. Мене ми е тоа очигледно во многу дела на наши современици. Некои се навистина мошне убедливи при деталното претставување на своите ликови кога им се случуваат некои нешта токму поради постоење, всушност непостоење на идентитетски одредници…Тоа е особено забележливо кај предводниците, на кои им припишуваат харизматичност. Забележувам дека во последно време е најповторливо раскажувањето токму на харизматичното предводништво на зрела возраст.
Третиот творец на првиот:
-Јас тебе како Јас или Тој и Тој или Јас би те претставил како творец кој се обидел и речиси му успеало да поврзе и измеша два затворени круга на различни творци. Кој си дозволил, сеедно дали свесно или несвесно сам да се избере за предводник. На тој начин напросто наметнувајќи ја својата индивидуалност, истовремено брзо стекнувајќи најголема доверба…Јас, на пример, воопшто не сум изненаден дека во меѓувреме ти успеа да ги согласиш сите творци кои ти се блиски според дискурсот да ти ги препуштат насочувањата, влијанијата и одлучувањето. Што се однесува на улогата на некаков чувар на нивните морални вредности, честа и угледот, која наводно веќе ти ја дале, мислам дека сè уште не си им докажан за неа. И мене не си ми.
Вториот творец на третиот:
-Што е со дилемата за раѓањето или создавањето предводник? Прифативме ли дека не постои никаква дилема, а имајќи го предвид предводништвото на дете меѓу деца во игра? Прифатливо ни е како несвесно и се наметнува некако само по себе без да се прави избор?
Првиот творец тивко, како само за себе:
-Според мене, доколку се апстрахирам од тоа дека станува збор за мене, воопшто не е спорно дека именувањето или самоименувањето се во некаква корелација со предводништвото. А кога е збор не за мене, туку за Јас или Тој и Тој или Јас како творец кој научил да предводи различни творци само со својата творечка енергија, имагинацијата и антиципацијата, тогаш е недвојбено дека и да постои корелација таа е беспредметна. Не заслужува никакво внимание.
Во Клубот на писателите ова претпладне освен тројцата творци има уште само еден неуреден старец, проќелав, со долга седа брада, излитен црн костум, бела кошула и црна пеперушка на вратот. Седнат на масата во аголот спроти влезот, со кригла пиво пред себе. Останатите десетина маси се празни.
Вториот творец одекнувачки гласно им се обраќа на првиот и третиот:
-Јас веќе подолго време се прашувам дали Јас или Тој и Тој или Јас е само добро смислено име и дали без едното или другото е презиме. Особено ако се има предвид личното искуство. Го имам предвид одамна докажаното дека секој уметнички творец има безброј внатрешни сомнежи, неизвесности, па и стравови. Кои, пак, му ја разнишуваат самодовербата при создавањето на едно дело. Така е со мене и во мене.
Стариот, седнат на маса во аголот спроти влезот на Клубот на писателите, станува со криглата пиво в раце, со несигурен чекор им се приближува на тројцата творци и ги прашува дали може да им се придружи. Седнува со мал наклон, како да се заблагодарува оти го прифатиле. Вели со смирувачки тон во гласот:
-Според мене, Јас или Тој и Тој или Јас е и само име и име со презиме. Кога е само име, тоа значи дека воопшто не е алтернативен. Значи, не се јавува во различни улоги, според ситуираноста, приклучението, собитието, расположбата. Кога, пак, станува збор за име со презиме, нужен е многу посериозен разглед. Имено, кога Јас или Тој е име, а Тој или Јас презиме, Тој во најмала рака е непореклива идентитетска личност, препознатлива и со Јас и со Тој. Наспроти тоа, кога Јас или Тој е презиме, а Тој или Јас име, припадноста на група, заедница, нација или народ, со одамна затврдени идентитетски обележја, е секогаш во преден план. Во секој случај, најчудно е колку тој брзо им се наметна на двата крајно спротивставени круга творци како харизматичен предводник.
Тројцата творци насмеани го прифатија со одобрување исказот на старецот и порачаа за него уште една кригла пиво.
Разговорот продолжи со убедување на Јас или Тој и Тој или Јас дека најпрвин станува збор за докажаната силина на идентитетот и самоидентификацијата со творештво. Лично тој се смета себеси за умерено енергичен човек, особено кога се согласува или се спротивставува на негирање со наметнување историски измислици и лаги, неретко отфрлајќи ги со индигнација или како бесмислици. Притоа, најчесто поставувајќи прашање како тие пред сè како интелектуалци си дозволуваат да бидат вовлечени во такви дворски односно асимилаторско-окупаторски игри со улоги на шути и рогати. Веќе е лесно забележливо дека на обата творечки затворени круга им е прифатлив како позитивна, блиска личниост, поврзана со нив на сè подлабоко ниво.
Веќе се знае за круговите: во едниот се ликовни уметници-сликари на големи платна со основни бои во затворен простор, а во другиот творци на мултимедијални дела-инсталации и перформанси. И во едниот и во другиот има не мал број писатели, критичари, есеисти, естетичари и глумци. Уште е збунувачко како се можни затворени кругови на различни творци, дали во конкретно заедничко дело или во сè уште несоздадено, но е убеден дека тоа наскоро ќе биде надминато. Ако не пред, тогаш при скорашната средба со Ноам Чомски. Нужно е да се повтори: творците во двата круга во своите дела сè уште не гледаат секојдневни дребнавости, а мошне проблематична им е и дивергентноста кога се обидуваат да совладаат нов простор и ново време за во нов творечки круг. Што е, пак, условено од неминовните времиња и невремиња преполни со дребнави минливости, наспоредно со сведувањето на животот на постојана жед и ненаситен глад, војни, смрти, тишини, молк.
Пред да станат сите, тројцата творци и старецот, и заедно да излезат од Клубот на писателите, Јас или Тој и Тој или Јас:
-Во секој случај, создавањето пред исчезнување е во празнина меѓу постоење и непостоење, како и во потрага по нова слобода на творечкиот дух со живи луѓе кои се движат деноноќно.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 59




