99. Од збор
Он одамна докажал
Дека е човек од збор
Значи дека зборот
Му е нескршлив
Пред било и не било
За да биде
Како што ќе биде
Можеби.
Сакам да докажам
Дека нему му е прво
И најважно
Да е човек од збор
Поготово кога е збор
За негови зборови
Конечни
Или за паметење.
100. Под светлина
Направила свој круг
Една јака светлина
Во која засега нема
Место за никој друг
Освен за мене
Доколку одлучам
Да се прикажувам
Како што сè уште
Никој не ме познава
Во мрак.
И ќе му се прикажам
Во круг на светлина
Направен за мене
Секогаш гласен.
101. Неразбрано
Нека остане неразбрано
Ништо што вознемирува
Луѓе
Кои никогаш нема
Да научат
Дека моја песна може
Да испее само оној
За кого нема време
Кое може да се испее
Во еден миг.
102. Знаци
Еден знак
Два знака
По него
Па три знака
По нив.
Ги гледам еднаш
Ги гледам двапати
Ги гледам уште
Многупати.
Близу ли сум
Или уште далеку
Од нешто
Што ќе заживее
Со мене
И ќе ме следи
До некој мој крај.
103. Еве сега
Не мислам
Да мислам допрва
По сега
Како секогаш кога
Мислата ми лета
Од една до друга
Љубов непостојана
Нечија.
Мислам дека треба
За неа конечно
Да смислам како што
Сигурно некој мисли
Еве сега.
104. Не велам ништо
Сè изнакажав
Што мислам дека
Требаше да се каже
Во состојба
На долго постоење
На две спротивни
Страни на свет
Кој никогаш нема
Да открие сушност
Непореклива
Меѓу две смислени
Убавини.
105. Постоење
Било мое постоење
Некое некогаш
Конечно докажано
Како придружник
На скитник
На пат до последен
Крстопат.
Сега мое постоење
Како јас секогаш
Не е потребно
Зашто не среќавам
Скитник знаен во
Беспатје неплодно.
СУШТИНИ, зборопој/зборови за пој, елементарна поезија




