Има откога нема

Навнатре и однатре

Чувство е, но не станува збор само за него. Има уште нешто како во неговото однесување, исто така, ако не и повеќе во неговата расположба додека е со свои ближни или само знајни.

Но, најнапред чувството:

Додека имаше, имањето му беше како да имал отсекогаш, како тоа да му е од раѓање. Како природно. Точно, колку што знае и во блиско и во далечно минато неговите најблиски, блиски, далечни, па и најдалечни секогаш имале. Дали доволно или не, тоа зависело од тоа кој како гледал, мерел, собирал и вадел. Меѓу нив имало и неколкумина со многу и големо имање. Меѓу нив татко му и мајка му. Умрени неодамна брзо еден по друг, Бог да ги прости. Нормално, тој како нивен син единец и најсакан, наследи сè што имаа, што наследија од нивни претходници и сами стекнаа со чесна, во многу години и мачна работа. За жал, судбината му одредила да остане неженет и без семејство до денес. Веќе ја живее четириесет и шестата.

Од неодамна, точно од пред еден ипол месец се чувствува како да има откога нема. Со други зборови, сосем слободен. Често низ смеа вели како птица во лет, мислејќи на независен од што било, без никакви должности, одговорности, грижи. Хахаха, слободен како птица во лет? Да, баш така, без оглед што нема поим каква е таквата слобода.  Додава како објаснување дека би полетал кон ширното небо кога би имал крилја.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Што направил или што требало да направи за да има откога нема?! Не направил апсолутно ништо! Тоа е тоа!

Имено, бизнисот кој го водеше две ипол децении му пропадна наеднаш, па беше принуден да ги отпушти стотината вработени и да ја затвори компанијата, прекуноќ што се вели; банката во која му беше прилично големата лична заштеда банкротира ненадејно, дури шокантно, прекуноќ што се вели, а за да го врати прилично натрупаниот долг спрема доверителите и деловните соработници, мораше да се откаже дури и од неговата вила во најелитната приградска населба, на ридот на источната страна на градот, како и пространиот и модерен смарт апартман во највисокиот облакодер во градот. Сега не е на улица, успеа да купи едноиполсобен стан во приземје на стара бетонска зграда, но и тој му се вклопува во има откога нема.

Пак најнапред чувството:

Тој убедува секого што го гледа сомничаво дека има откога нема се одразува мошне позитивно на неговото психофизичко здравје. Откога нема сè што му треба, сè му е секогаш при рака. Па и кога не му треба ништо. Со други зборови, ниту се оптоварува себеси, ниту си дозволува да оптовари друг со материјални, егзистенцијални, социјални и какви било други лични проблеми. Се разбира, тоа не треба да се сфати буквално, сепак не дека паднал на просјачки стап, да нема ни за леб и сол што се вели, туку веќе не ѝ припаѓа на високата класа на која ѝ припаѓал; сега е во најниската средна, се потпира исклучиво на скромни надоместоци за консултантски менаџерски услуги. Може да послужи како илустрација и фактот дека нема личен автомобил, не сочувал ниеден од големиот возен парк на неговата пропадната компанија. Среќен е и задоволен зашто се вози со автобус, трамвај и многу ретко со такси; е меѓу луѓе, е со луѓе на исто ниво како неговото; води неврзани разговори, се весели, се смее со нив, ги слуша, ги прашува за што-годе, им дава понекој совет.

Прочитај и за ... >>  Светот во жива мисла

Тој има откога нема и засега се гледа себеси како „прав“ човек. Често вели:

„Имам откога немам и сум прав човек кој се открива себеси како човек со прав живот“.

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 70

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.