Секој ден од рано наутро тргнува колона мравки без почеток и крај. Едни во еден, други во спротивен правец на пат за нив доволно широк, можеби преширок на некои делници; за човечко око, пак, претесен, особено меѓу ивици како провалии, дури опасен на некои свиоци.
Патот неменлив, ист со недели. Веќе видлив оддалеку, од фотелјата или од троседот во дневната соба. Тргнува од под влезната врата на станот, продолжува полукружно во ходникот, па под вратата на кујната, под работната маса, под лавабото, за да заврши во дупка во десниот агол на кујнскиот прозорец.
Домаќинката и домаќинот засега не преземаат ништо. Само го следат движењето на мравјата колона од рано наутро до претпладневните часови. Очигледно организирано, според затврдени правила. Веќе ги препознаваат нивниот предводник и последните, несомнено чувари на нивната заедница. Знаат за секакви средства на заштита од мравки, од секакви бубалки, од инсекти и пајаци, но засега не ни помислуваат да искористат некое и да ги натераат повеќе да не влегуваат во станот.
Во зградата, квартот, па и во другите делови од градот домаќинот и домаќинката, инаку средовечни маж и жена, до кај четириесет години, исправени и со спокојни лица, многумина ги познаваат како добри и добродетелни, кои никогаш ни мравка не згазиле, ниту може да им се случи тоа.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 69




