Намисла

-Што намисли во врската што ја обнови по многу години?

-Ништо. Сакав да ја обновам и успеав. Стравував дека трудењето ќе ми биде залудно со оглед дека минаа многу, би рекол премногу години без да се слушнеме и видиме, откога ни се прекинаа сите врски. Или ги прекинавме. Сеедно. Но, истовремено имав надеж дека врската ни беше длабока и сестрана, па нешто останало како појдовно за обновување.

-Судејќи според радоста на твоето лице, врската ти значи многу. Но, која ти е намислата со неа? Не е можно случајно да се сети на неа по многу години, а во нив воопшто да не ти фалела…

-Зошто навалуваш? Ти реков веќе, беше длабока и сестрана, па сакав да ја обновам.

-Не, не, не ти верувам! Мора да има нешто.

-Никаква намисла! Бевме во врска, неа ќе ја издвојам од сите други како посебна, која ми значела многу, можеби била и одлучувачка во некој момент од животот…

-Одлучувачка?!

-Зошто се чудиш? Ако сакаш конкретно, ќе ти откријам дека ми помогна да се вратам на мојот пат по пораз кој ме доведе на раб на гола егзистенција, до просјачки стап…Ми помогна пак да се кренам на нозе, да си ја повратам самодовербата и да продолжам. Доволно?

-Не. Не откри ништо конкретно.

-Нејзината почит спрема моето творештво…

-Разбирам. И твојата љубов…

-Не бевме во љубов!    

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 39

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.