Ѝ велам дека ѝ верувам кога ми кажува колку тој многу жали за нешто за што зборува нерадо. Всушност, како што тврди, ѝ се жали само нејзе. Никој друг не може да го натера ни да прозбори.
Очигледно, таа сака да зборува за неговото жалење, па ја поттикнувам со прашање што е тоа за што жали многу, а збори нерадо. Ме изненади со одговорот: станува збор за нивното заедничко дамнешно минато во кое не се случило ништо поврзано со нивната близост. Бев нестрплив да чујам конкретно што ништо.
Како да се пресече. Молчеше некоја минува, за мене предолго, гледајќи ме продорно со сините очи. Како да се преиспитува себеси дали да ми каже или не.
Ми одговори бавно, со долги молчења меѓу зборовите, како да ја мери тежината на секој:
-Нерадо зборува дека жали што во нашето заедничко дамнешно минато на љубовта не ѝ дадовме можност, можеби е поточно да кажам не ѝ дадовме шанса да најде свои простор и време. А тоа минато сосе љубов не можеме да го доживееме денес.
Ја прашав зошто не може. Веќе немав што да ја прашам или потпрашам кога ми одговори дека е предоцна за обајцата.
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБЕН ЧОВЕК, наративна поезија, 15




