Случајно наслушнав кус, но за мене мошне интересен и содржаен разговор меѓу двајца средовечни мажи во долги црни капути. Притоа внимавав да чекорам на чекор-два зад нив, и тоа што е можно потивко, речиси нечујно. Разговорот им траеше од една до друга празна клупа на плоштадот, оддалечени една од друга не повеќе од десетина метри. Не знам дали го продолжија по втората клупа на која седнав да поседам час-два. Лично не ми се верува.
Двајцата средовечни мажи во долги црни капути разговараа за природната убавина.
Едниот:
„Јас отсекогаш сум ја сакал природната убавина. Ја сакам и сега само неа. Просто ми е одбивна неприродната“.
Другиот:
„Мислиш на вештачката? Да, да, многу е одбивна. Мене ми е најчесто и карикатурална. Знаеш, мислам дека сликарите најточно ја нарекоа обидувајќи се да ја насликаат верно: мртва природа“.
Едниот:
„Се согласувам апсолутно…Нема ништо поприродно живо од природната убавина…Во мојот досегашен живот сум се вљубувал само во таква. Неприродната сум ја одбивал од себеси уште на старт. Само…си забележал ли и ти дека ја има сè поретко? Мене некогаш ме фаќа очај кога моиве очи со денови и ноќи не догледуваат макар една…Ех, а кога бев млад, поготово во тинејџерските години…просто не можев да ги добројам. Просто ме следеа во чекор и постојано ме опколуваа“.
Го чув само уште ова од другиот средовечен маж во долг црн капут:
„Во последно време некако само по себе ми се наметнува прашањето дали вештачката интелигенција е природно или неприродно убава. Баш ме интересира…Ќе ја прашам утре“.
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 13




