Знаење-Наука

Жива мисла

Со Теодор Вишен имав прилично долга расправа за знаењето и  науката. Како што сум имал на други теми, исто завршени-обострано со цврсти аргументи и ставови, без моја или негова отстапка; истовремено обострано убедувајќи се и разубедувајќи се меѓусебно. Неретко тврдоглави обајцата, поначесто јас повеќе. Заедно сме многу години, се знаеме во сржта што се вели, па знаеме и кога и како да останеме на расправа, значи да престанеме да се расправаме: или еден на друг си наметнуваме друга тема или најчесто еден од нас пресекува со „Батали, нема крај“.

Прилично долгата расправа за знаењето ја пресеков јас.

Сега не сум баш расположен за пренесување, поточно цитирање од збор до збор, па од неа ќе пренесам само некои суштински делови и поенти.

Теодор почна прашувајќи ме дали мислам дека без знаење нема живот. Јас му потврдив, а тој продолжи решително со „Е, па јас не мислам! Мислам дека животот сам по себе нема никаква врска со знаењето. Може да се живее и без знаење за што-годе“. Јас не можев да заклучам на која воденица ја тера водата, па смирено додадов: „Ако мислиш на анималноста, имаш право. Кога е збор за човечките цивилизации, тие во минатото и нашава без знаење не би се ни создале, а камо ли да се одржуваат со векови. Знам дека ќе се согласиш со мене оти македонската цивилизација е една од најстарите, ако не и најстара на светот најмногу благодарение на знаењето кое штедро му го подарила и му го дарува на светот“. Очигледно беше колку подготвен, толку расположен за расправа, па почна со по малку возбудлив глас:

„Да ти кажам право, другар мој, за разлика од тебе јас правам суштинска разлика меѓу откривањето, кое во дамнешни времиња, па и во нашево било случајно, дури ненадејно, неретко како опасност или закана, и знаењето стекнато со испитување, проверување, повторување, докажување и паметење, и тоа најпрвин како искуство. Значи, наспоредно со животот даден од Бога“.

Признавам дека малку ме поколеба со изнесеното. Молчев и размислував некое време, па со ведра насмевка ја продолжив расправата подготвен да ја тераме може до крајот на нашата неделна попладневна прошетка по песочниот брег на Белото Море, до квечер:

„Мене тоа ми е многу блиско до Дарвиновото учење за еволутивниот развој…“

Ме прекина нервозно:

„Нема врска! Јас не зборувам за развојот на човекот и човечката цивилизација, туку за знаењето…Напротив, јас мислам дека животот и знаењето секогаш одат наспоредно. Тие се меѓузависни. Дури, можам да тврдам дека знаењето секогаш повеќе зависи од животот, одошто животот од знаењето. Не гледаш, не слушаш, не читаш што се случува денес? Денес се случува обична, научена, истренирана, автоматска манипулација со готови знаења вградени во системи. Без напор, без учење, без нужно, ни основно знаење“.

Му опонирав:

„Да не те знам, би помислил дека си забегал…Си се фатил за темава, а не разбираш ни основни нешта… Од каде се, од кога се и од кого се готовите знаења во системите? Не можам да поверувам дека не го знаеш или, пак, подзабораваш на основното: едно е стекнувањето на знаења, а друго нивна употреба и неретко злоупотреба“. Системите со вградени знаења се само алатки за полесна и побрза директна и индиректна употреба на знаења. Не за нивно стекнување и богатење“.

Прочитај и за ... >>  Читател

Тој продолжи упорно:

„Ти како да не си свесен дека ја тераш водата на моја воденица! Кој знае доволно за да ги користи системите, поготово софтверите, не треба да знае повеќе од тоа. Го прилагодува животот на нив, просто им го препушта и не му треба ново знаење…“

Заклучив дека расправата ни тргнува во сосема погрешен правец, без основно разбирање на нештата. Значи, брзо ќе ја претвориме во расправија. Затоа пресеков со „Батали, нема крај“, притоа нагласувајќи:

„А во твоето дело „Жива мисла“ прочитав мисли за знаењето и науката кои можат да бидат дури мисли водилки во животот. Човек да помисли дека не се испишани од тебе“.

Го најдов поглавјето „Знаење-Наука“ и му читав, а тој слушаше загледан во далечен хоризонт меѓу небото и морската шир: 

Учи цел живот зашто стекнатото знаење никогаш не е доволно.

Ако не сакаш да учиш, ништо нема да научиш додека учиш.

Учењето е внатрешна потреба на човекот.

Образованието се прима истовремено со очите и ушите, а се користи селектирано од умот.

До смрт учиш, а по смртта учат од она што си го оставил како ука и и поука од тебе.

Знаењето е во темелот на науката, истовремено градејќи ја и надградувајќи ја.

Без слобода на духот и мислата не вреди стекнатото знаење.

За своето знаење ти лично си одговорен.

Науката содржи многу знаења и многу искуства од минатото и сегашноста.

Конечна цел на знаењето и науката е вистината.

Ограниченото знаење е еднакво со незнаењето.

Знаењето надминува какви било граници што му ги поставува незнаењето.

Знаењето и науката го движат животот напред, непобедлив од смртта.

Колку повеќе знаења во едно, толку тоа поголемо и повредно.

Се образуваш со трпеливо читање, гледање и слушање без престан. Едно по друго, не со трите истовремено и брзо.

Многу е важно да знаеш да учиш сам, и тоа повеќе од заедно со други.

Катаден проверувај си го знаењето. Да не има погрешни нешта во него и колку има празнини кои час поскоро треба да ги пополниш.

Природата го учи оној што доста научил и постојано учи од неа.

Голем учител најпрвин го учи ученикот дека само со знаење и наука ќе стане поголем од него.  

Кој не учи, не треба да учи други.

Нема ни чекор напред без научено.

Фала им на моите ученици што ми овозможија да научам многу од нив.

Далечините најлесно се совладуваат со знаење.

Знаењето нераскинливо го обединува светот.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Оној што не знае или бега од зналец или спрема него се однесува арогантно и нихилистички.

Едни науки се развиваат побрзо од други според нужноста и потребите на животот.

Филозофијата не е наука над другите науки, но е во темелот на сите.

Нема знаење во хаос, ниту хаос во незнаење.

Постоењето на животот најмногу зависи од развојот на науката и технологијата.

Знаењето му помага на духот да владее со материјалните добра.

Ништо не му вреди образованието на оној што му дозволува на необразован да биде над него.  

Заблудите живат во незнаење.

Си се оддал на наука, но не на сметка на благодатите на времето и твоите години.

Сиромав ученик не учи за да стане богат, туку за да се бори против сиромаштијата.

Не учи за да бидеш богат, туку учен.

Кој знае, не може да биде измамен.

Не барај знаење од учени-недоучени. Ќе те направат ист како нив.

Ученикот треба да остане ученик и кога ќе стане учител.

Учењето е прво барање на себеси, а потоа барање од други.

Мораш да знаеш во што, зошто и кому да му веруваш. Инаку, ќе ја изгубиш довербата во себеси.

Ги почитувам оние што знаат и несебично ми го пренесуваат нивното знаење.

Љубовта спрема науката е најголема зашто се темели на вистината, одговорноста и делотворноста.

Има секакви науки, но нема наука без непрекинато учење.

Наука на факти, аргументи, хипотези, истражувања, промислувања, заклучоци и конкретности.

Знаење за поддршка на самоувереноста или против неа.

Со нас се секогаш оние учители кои штедро ни ја дарувале својата ученост.

Ја сакам науката зашто со неа светот е мој и јас сум дел од него.

Мудрите се мудри зашто мудро учат и мудро ја користат својата опитност.

Едноставноста е суштествена за секој научен проблем.

Знаењето е наше сè додека го богатиме со туѓи знаења како наши.

Знаеме зашто јас знам и ти знаеш.

Знаењето обединува луѓе, народи, времиња и простори.

Науката и религијата никогаш не биле, ниту се во судир. Затоа што се за човек, со човек и во човек.

Не е можно создавање без знаење. Ниту опстанок на создаденото без него.

Образованието и науката се секогаш во врска со културата и творештвото.

Непријателството спрема знаењето е само поради страв од него.

Вредиш колку знаеш и колку учиш.

Си се уморил од учење? Не, туку од незнаење.

Уката и поуката им се нужни на оние што знаат да живеат опкружени со вредности.

Празноглавиот може да владее само со празноглави.

На големите учени слободата им е неприкосновена.

Учени со учени, неуки со припрости и глупави.

Најлошо е да знаеш, ама да не знаеш.

Промислувањето е најдлабоко меѓу теоријата и практиката.

Злоупотребеното знаење му дава моќ на глупавштината.

Дозволи ѝ на науката да го користи твоето знаење.

ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 40

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.