16. Дрво меѓу дрвја
Се извишило дрво
меѓу дрвја
со сенки свои
со сенка своја
која и во самрак
е долга е длабока
што на сенките
на дрвјата
како да не им дава
да ја следат.
Дрво меѓу дрвја
извишено
над сите
со најдлабок корен.
17. Прстен
Двајца вљубени
пронајдоа прстен
на камено дно
на жив кладенец.
Низ него сончев зрак
низ него зрак месечев
и одблесок на ѕвезди
на аметистот.
Го оставија
на каменото дно
го сокрија
меѓу бели и црни
камења.
18. Рамки
На ѕидови
на стара куќа
празни рамки
во кои некогаш
имало
стари фотографии.
Некој ги извадил
ги собрал за спомени
на времиња во заборав.
СЕКИДНЕВИЕ, Потребности, припеви




