Суштини, 71-77

Суштини

71. Дно по дно

Никако на последно дно
Да заврши паѓањето
На луѓе крајпатни јадни
Страдни
Веќе некадарни
Да ја сопрат суровоста
На стварноста без нив.

Дно по дно до дно
Што не е дно
А безгласие безволие
А бездушие.

72. Лице

Сал едно лице
Во огледало
Пред огледало
Искривено
Преполовено
Испокршено.

Какво што е
Или какво што
Сака да биде.

73. Есенски лисја

Испопаѓале на земја
Секакви лисја од дрвја
Кои се разгранале
Колку широко
Кои се вкорениле
Толку длабоко.

Нема кој да ги собере
И се толку многу
Што да нема ветре
Ниту ветар
Да ги разнесе.

Мислам дека земјата
Е благодарна затоа.

74. Допири

Случајни допири
На две голи тела
Точно на полноќ
Која не почнала
Ниту има намера
Во нив да заврши
Макар на крајот
Како огнени
Или премалени.

Рамнодушни.

75. Дејствено

Мора промена
На време во кое
Час е сè понапред
Час е сè поназад
Од исчекувањето
И суштината
На опстојот.

Дејствено дејствено
И човечки човечки
Сè до
Сè на хоризонт.

76. Слово

Слушам слово
За природа која
Никако да тргне
Кон нов простор
Или кон друго
Времетраење
На живот кој
Е сè уште жив.

77. Обид

Прави нов обид
Да достигне сон
Кој продолжува
Во заумност која
Нема кој
Да ја ослободи
Од секакви стеги
На повторливоста
На безидејноста.   

СУШТИНИ, Зборопој/Зборови за пој, елементарна поезија

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.