Суштини, 64-70

Суштини

64. Гнездо

Сви гнездо птица
Што долета
Под моја стреа
На радост на сите
Со неа и со мене
Како неа.

Па одлета утрово
Не знам каде
Некогаш можеби
Да се врати
И да сме заедно.

Ѝ ветив дека
Ќе го чувам живо
И ако се случи
Никогаш пак жива
Да не ми долета.

65. Дрворед

Дрворед во улица
До недоглед
Им прави сенки
На луѓе како
Изгубени во неа
Меѓу нив
Некои блиски
Меѓусебно
И некои далечни
Едни до други.

Се зборува
Дека им пречи
На сите
Со своите сенки
Па скоро
Ќе го исечат
А улицата
Ќе стане слепа.

66. Парче земја

Којзнаед колку века
Никој не стапнал
На ова парче земја
Ниту да ја заживее
Ниту да согради
Свое домашно
огниште.

Он стапна
Он легна на неа
Он ја обгрна.

Скоро
Му премале снага
Ама успеа
Да ја преврти
И во неа
Да фрли семе.

67. Камено мовче

Направиле мовче
Камено
Луѓе од два брега
На питома река
Кај што е
Толку плитка
Што може лесно
Да се прегази
Поготово кога е
Надјодена
Или е суво времето.

Луѓето раскажуваат
Дека мовчето е за
Реката да не ги дели.

68. Род

Род за род со род
Да е секогаш
Спокоен растежот
На човечкиот род
Под ведро небо.

Род до род по род
Да е секогаш
Единствен род.

69. Некое невреме

Од некаде иде
Некое невреме
Што менува сè
Меѓу небо и земја
Сосе нечие време.

Никој
Не го сопира
Ниту пробува
Да му го смени
Правецот
Да се сневиди.

70. Расположба

Он ја менува расположбата
Брзо бавно често несетно
За оние што од поодамна
Не се расположени
Да ја менуваат состојбата
На меѓучовечките односи
Во однос на вредностите
На свесноста
И самосвесноста.

Поготово кога он мигум
Спонтано
Се противи да го исполни
Она што секогаш зависи
Само од него.

СУШТИНИ, Зборопој/Зборови за пој, елементарна поезија

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.