Оној што го следи, сеедно во чекор, внимателно или незаинтересирано, сигурно забележал дека он секогаш настојува да биде со луѓе, а не сам. Кога е сам, случајно или намерно, најпрвин се обидува да не биде долго. Што побрзо да се најде меѓу луѓе, да биде со луѓе и во луѓе. Од сите генерации, но се разбира пред сè со негови врсници или со годините блиски до неговите. Притоа, настојувајќи тоа да не е молчешкум и на разминување, туку со ведро лице, со простосрдечна насмевка, поздравување, допири, во кус, долг, врзан, неврзан разговор. Со два-тројца, еден по друг, едновремено со повеќемина, многумина, неизброени.
Он се труди да не биде со какви било луѓе. Дури и кога ќе се најде меѓу луѓе, внимава совреме да ги препознае како луѓе. Досега само два-три пати не успеал. Се нашол меѓу нелуѓе и одвај се извлекол без подолготрајни последици. Тоа секому му се случува. Најважни од сè се извлекувањето и последиците. Извлекувањето да не биде предоцна, а последиците да бидат надминливи. Макар на крајот на краиштата.
Кога е веќе со луѓе, за свој најголем успех он најмногу го смета влегувањето во луѓе. Се согласува дека е тоа најтешко, па токму затоа го издвојува како способност и дарба. Да влезе во човек, значи да го открие однатре човечкото во него. Потоа радо воспоставува близок однос, дури без никаква задршка. Го смета за негов добар, ма најдобар, неразделен пријател. Кому може да му се доверува, со кого може сенешто да дели и споделува.
Често го истакнува примерот со Арсениј Пелитоски, од неодамна еден од неговите најблиски пријатели:
Арсениј Пелитоски е психотерапевт. Има своја, мошне успешна психотерапевтска ординација. Една е од водечките во градот и пошироко. Он го сретнал во луѓе кои се движеле со исти чекори кон бреговите на вештачкото езерце среде градот; уредени за рекреативен престој, прошетка и одмор на граѓаните од сите генерации. Ги загледувал, влегувал во нив, па им ја разоткривал суштината, па им ја докажувал смислата на нивното постоење. Тие му возвраќале со ведрост, надеж, насмевки и црвенина на лицата. Можеби најзабележливо и најважно од сè: му зборувале за сè и сешто во нивниот живот; како да му се исповедаат. Тој, пак, им упатувал само поттикнувачки зборови.
Не пропуштил можност да му се обрати:
„Јас сум во луѓе одамна. Понекогаш успевам, а понекогаш не да им ги разбранам емоциите со мисли и промислувања, да споделувам нивни доживелици. Но Вие, Господине Пелитоски, како однапред да ги знаете нивните карактери; што, пак, Ви овозможува да влегувате во нив и да излегувате од нив кога ќе посакате. Простете, но за мене тоа е вид на манипулација“.
Арсениј Пелитоски му одговорил:
„Може да биде, само што јас тоа никогаш не си го дозволувам. Просто, не влегувам во нив и не излегувам од нив како психотерапевт, туку како човек. Еден од нив. Манипулација е ако имам некоја скриена намера. Јас никогаш не кријам дека целта ми е да бидам дел од нив. Од нивниот свет, од нивната стварност и заумност. Па кога сум, заедно сме посилни, поцврсти и поотпорни на динамиката на нашите животи. Стануваме неразделни пријатели“.
„И јас исто, драг мој пријателе“, додал тој.
Потоа продолжиле заедно да ги загледуваат луѓето, да влегуваат во нив, па да им ја разоткриваат суштината, па да им ја докажуваат смислата на нивното постоење. Тие им возвраќале со ведрост, надеж, насмевки и црвенина на лицата.
Запиша за луѓето во „Жива мисла“:
Со луѓе си слободен, богат, среќен и животворен.
Им се откриваш на оние во кои имаш неограничена доверба.
На прави луѓе маните им се секогаш помалку од добродетелствата.
Меѓусебниот интерес ги придвижува луѓето напред. Ги мобилизира неизвесност и страв.
Големи луѓе за луѓе и со луѓе. Не сами за себе.
И во најмала и во најголема самотија на човекот му требаат луѓе. Поготово за одбрана на себеси како човек.
Им ги откриваш добрите особини на луѓето, а лошите или не ги забележуваш или ним не им дозволуваш да те заведат. Затоа сакаат да се со тебе.
На добрите луѓе времето секогаш им е добро. На лошите никогаш добро.
Скраја од неблагодарни. И најмалата и најголемата помош тие брзо ја воспримаат како обврска.
Луѓето се расипуваат кога се опкружени со нелуѓе.
Секогаш луѓе со луѓе и за луѓе.
Обични луѓе за обична живеачка. Без стресови, без горчини, без злости, без болни амбиции.
Ретко слаби со силни, а често силни против слаби.
Сознај го совреме лошото во себе за да не им го пренесеш на добри луѓе. Тие се добри зашто успеале во тоа.
Јас верувам во човечката добрина. Луѓето се добри најпрвин благодарение на неа.
Научи да ги распознаваш вистинските и погрешните луѓе. Ќе ти биде многу полесно во животот.
Човек си со луѓе, сеедно блиски или далечни.
Секакви луѓе со секакви свои светови. За меѓусебно разбирање и сопатништво.
Секој човек со свои особености. Истакнати или не во меѓусебните односи. Многу е важно да знаеш да ги толерираш.
Зборувај за луѓето со тебе, но не ги озборувај. Озборувањето носи само лошо.
Кога ти е здодевно со оние со кои си, барај ги оние што ти се интересни.
Ситните слабости се надминуваат со доблест.
Нема само среќни и само несреќни луѓе. Среќните успешно владеат со својата несреќа, а на несреќните никако не им успева да препознаат своја среќа.
Минатото на луѓето е неменливо и неизбришливо. Дека во него биле луѓе.
Луѓе со самосвест во непрестана борба против несовесни.
Несреќата ги сплотува луѓето за побрзо да ја надминат.
Во друштво луѓе кои имаат понешто заедничко.
Среќата е во духовното богатство. Материјалното го следат несреќи кога е пред сè.
Луѓе со луѓе и кога се потребни меѓусебно и кога не се.
Заедно во љубов и сопатништво.
Добрите луѓе лесно се препознаваат меѓу лоши.
Близоста на луѓето создава спокој и верба со сопствената сила.
Човекот во човекот го прави човекот човек.
Најголема несреќа на човештвото е што лошите луѓе ги мамат, ги крадат, ги оневозможуваат и унесреќуваат добрите.
Добар му вели на грешен:
-Лошо од тебе зашто те завладеал лошотилак.
Луѓето се секакви, а предничат никакви.
Против слободните луѓе се борат заробени.
Мислиш за човек сè најдобро, додека не го запознаеш.
Мислечките и творечките личности не го предводат, но го напредуваат човештвото.
Нема напредок ни за општество ни за држава кога едни се богатат за сметка на други.
Мисли устремно, дејствувај добродетелно.
Меѓу добро и зло избирај луѓе со добрина и за добро.
Можам да сведочам дека добар човек е оној кој гледа, слуша и сочувствува.
Човек со достоинство меѓу исправени и стамени луѓе.
Празни зборови од уста полна молк.
Во политиката е најтешко докрај да останеш прав човек.
Доцна е, но сè уште не предоцна за луѓе доведени на раб на бездна да се кренат на нозе.
Просечноста не води до совршенство. Напротив, таа ги деградира човечките способности.
Несреќни луѓе не поднесуваат туѓа среќа.
Се зближуваат различни луѓе. Меѓусебно се отуѓуваат луѓе со многу исто.
Секој што е е со луѓе.
Човеку, човечкото во тебе е за со луѓе.
Во љубов луѓе не прават непоправливи грешки.
Непокор со ум.
Зрелоста на луѓето не е поврзана со зрелоста на годините.
Човек кој знае што сака е сакан од луѓе.
Човекот живее од една до друга цел, сè до конечната.
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 37




