Авторитет

За слободно промислување

Суштествено за авторитетот:

Станува збор за углед или влијание на личност или институција што се темели на определени, дефинирани критериуми.

Од социјална гледна точка, први авторитети за децата се родителите, пред сè мајката и таткото, а тие се најмногу поврзани со емоционалните врски. Ги следат нивното растење и созревање, а нивната авторитетност добива рационална и социјална димензија.

Многумина учени укажуваат на моќта која е еднаква, па и истоветна со авторитетот. Притоа истакнувајќи ги стручноста, моралните квалитети, знаењето, карактерните особини.

Според социјалната положба, пак, се разликуваат рационални и ирационални авторитети, јавни и анонимни, харизматски и легални. Наметнатите авторитети, односно авторитетите со најголемо влијание се иманентни на автократски и авторирарни општества.

Општествените науки особено внимание посветуваат на авторитетот на родителите односно семејството, потоа на неформалниот авторитет на раководството, организациониот и бирократскиот авторитет-училиштата, црквите, војските, индустриите и бирократијата, како и општествените или инклузивните организации-од најпримитивните племенски општества до модерната национална држава и политичката власт.

Прочитај и за ... >>  ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 20

Со единствени специфики се издвојува политичкиот авторитет.

Авторитетна личност:

-со идентитет и интегритет;
-мислечка, дејствена и творечка, со неприкосновено и непорекливо дело;
-докажана, влијателна и уважувана;
-примерена, предводничка;
-одмерена, толерантна, доблесна;
-цврста, доследна, непоколеблива.

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 113

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.