Една слика постојано се менува уште откога ги знам Аристотел и Салвадор Дали. Речиси при секоја наша средба, во меѓувреме на град одамна без луѓе и без никаква трага на живот од дамнина или од скоро. Заклучив дека постојано се менува не затоа, туку поради непорекливата вистина: ништо не е почеток на нешто од нас, што било за нас или сè во нас. Згора на тоа, во меѓувремето на градот сè уште не ни успева да почнеме наш нов свет, колку стварен, толку заумен. Почнувајќи од наше семе до наш плод, па продолжувајќи во наш живот и завршувајќи во наш неживот сосе смрт. Кој нужно суштествено повеќе се разликува, отколку што е ист како сите досегашни и идни, на сите досегашни и идни како нас. Очигледно очекува сосем заслужено да биде запишан со секакви знаци на глинени плочки, на кора од старо дабово дрво; делумно на папирус, делумно на пергамент, делумно на маргини на пожолтени листови од книга обвиена со таинствена тишина. Може и целосно во електронска форма, на Интернет.
Јас и Аристотел сме одамна заедно, а Салвадор Дали ни се придружи неодамна. Го прифативме затоа што на сликовит и безграничен начин го наслика истекувањето на часовното време.
На сликата, по долго и внимателно следење на нејзините постојани мени, во центарот, значи на еднаква оддалеченост од сончев зрак, секој што има основни знаења за слободата на творечкиот дух може да прочита: „Човек среде сончев зрак кој допрел до неговото срце, па може да згасне кога ќе посака“.
Раскажувањето на сликата е секогаш на Аристотел:
Јас и Аристотел сме во сенка, а Дали си игра пред нас со нашите сенки. Тројцата сме обградени од врвови на каменита планина, облечени во горни црни облеки-сакоа, блузони, дуксери со качулки или плетени блузи, и црвени долни-пантолони, здолништа или широки и дебели капути до нејзиното подножје. Зад врвовите, на еднаква оддалеченост од планината секакви птици во лет меѓу чисто небо и бистро и спокојно море. Меѓу нив, пак, насликани крици и гласови со живи бои. Криците се во оган, меѓу високи пламени, а гласовите излегуваат со рамнодушни лица од три извори во пустина. Едниот сум јас, другиот Аристотел, а третиот Салвадор Дали гол, со црн цилиндер на главата и дебела ортома околу вратот.
Мошне важен детал: постојаното менување на сликата е најголемо, би можело да се рече и коренито сосе раѓање на румено утро.
Дали е убеден дека творец на сликата е некој наивен сликар, со оглед на наивноста најверојатно човек во многу години, а со намера да му ја продаде или подари на некој иден случаен престојувач во градот. Што се однесува, пак, на текстот во центарот, значи на еднаква оддалеченост од сончев зрак, него го напишал или наивниот сликар или некој негов сопатник со лирско настроение. Јас и Аристотел не сме убедени дека е како што вели Дали, но прифаќаме додека не оформиме сопствени мислења и ставови. Сигурно на крајот на ова наше дружење со случување сега. Можеби евентуално до уште едно.
Случувањето сега:
Најпрвин треба да се нагласи дека последиците од него не може да му користат некому како искуство, и тоа не само како пример, туку ни како предупредување пред надоаѓање на други исти или слични. Ниту, пак, при разграничување на вредностите во траењето на животот од минливоста на неживотот сосе смрт.
Се случи собир на народ среде бел ден, без предводник, на главно собирно место во град во пустина. Никој од нас тројцата не може да посведочи дали на другите, споредни и помали места немало собири во исто време, исто така среде бел ден, но сме сигурни дека собирот почна и заврши на главното.
Беше очигледно незадоволството на народот од едно нешто или од многу нешта собирани долго, та решил да ги истури од себеси, да се ослободи од нив. Можеби и да успее да ја надвладее причината за него. На почетокот како да се чекаше, поточно се бараше некој што предводнички ќе му ги збие редовите и ќе го поведе кон конкретна цел. Но подоцна, особено пред крајот на белиот ден беше совршено јасно дека во него нема таква личност. Се обиде еден непознат младич со несуредена долга црна брада и бујна долга црна коса. Најдолго зборуваше со повишен глас за неефикасноста, нерешителноста и неодговорноста на власта, па треба час поскоро да ја урне, да ја смени со друга. Неговиот повик да се крене на нозе и да биде насилен не наиде на одобрување. Народот остана рамнодушен.
Му реков на Аристотел дека можеби би било добро тој да се качи на говорницата и да одржи макар кус поттикнувачки говор, тој е познат како инспиративен мотивациски говорник, но на мое чудење одби образложувајќи дека на собраниот народ не му треба говорнички, туку дејствен предводник. А тој не е тоа. Ми дорече:
-Очигледно е дека на овој народ, незадоволен од едно нешто или од многу нешта собирани долго, решил да ги истури од себеси, да се ослободи од нив. Не му требаат мотивациски зборови, немало ниту може да има поголема мудрост од народната, туку концентрација на силата. Да, пред сè за да ја надвладее причината за незадоволството. Сè додека не стаса на крајот.
Се случи исто како да не се случи ништо:
Народот на сет глас испеа неколку свои патриотски и револуционерни песни, истовремено веејќи црвени знамиња со златно сонце, а потоа се разотиде на разни страни. На крајот на денот на собирното место беа само два-тројца средовечни и стари луѓе обвиени со знамиња.
Салвадор Дали очигледно беше воодушевен од испеаните патриотски и револуционерни песни. За цело време не прозборе ни збор, а како да се сепна од моето прашање:
-Дали, дали создавањето стварен и заумен свет се случува едновремено?
Потврди:
-Тоа е очигледно. Не може да е само едниот или другиот затоа што собирново место е во град во пустина. Ако бараме вистинска причина за собирањето, јас сум сигурен дека е повеќе во заумниот. Тоа го докажа и на крајот, со пеењето свои патриотски и револуционерни песни на сет глас и со истовременото веење црвени знамиња со златно сонце. Разотидувањето на разни страни, за последни да бидат само два-тројца средовечни и стари луѓе обвиени со знамиња, е од престој во стварен свет.
Му забележав:
-Ништо не велиш за продолжението во меѓувреме.
Тој ми рече како само за себе:
-Тоа беше можно во извесна мера, но не се случи затоа што собраниот народ претходно не ја согледа потребата од сила, па воопшто не се подготвуваше физички и ментално да се концетрира на уривање на актуелната власт.
Го потсетив на мојата дамнешна прва средба со Аристотел, кога требаше да расправаме на тема почеток, а јас ја одложив сметајќи дека тој мора претходно да биде добро осмислен. Особено како проблем. Го загледа продорно Аристотела, па ми рече рамнодушно:
-Мислам дека Аристотел и сега не е спремен да расправа на таа тема. Не сум ни јас, па ќе ти речам само едно: секое продолжение во меѓувреме најмногу зависи од почетокот. Најпрвин затоа што во него е и крајот. На пример, мене често ми се случува да не можам да продолжам да сликам природно само затоа што крајот во почетокот бил неизвесен. Особено кога сликам слика што постојано се менува.
Потоа Дали отиде кај два-тројцата средовечни и стари луѓе обвиени со црвени знамиња со златно сонце. Еден од нив му го даде своето. Тој се обви со него, се качи на говорницата и се провикна:
-Долу властодршци!
Потоа јас, Аристотел и Салвадор Дали отидовме во нашето живеалиште. Бевме многу уморни.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 52




