Бизнисмен и политичар

Навнатре и однатре

Он се противи, дури реагира нервозно на моите чести зборења за политиката, политичарите, политикантите, за политизацијата на општеството, партократијата, бистрењето политика…Му се чудам зошто се противи. Почна така од неодамна. Промислив како да му противречам и најпрво на што се сетив беше неговото влегување во политиката:

-А што ти требаше и тебе, другар мој, да влезеш во политиката? Малку ти е што ти оди бизнисот, живееш ко бубрег во лој, лесно наоѓаш или набавуваш што ти фали, всушност баш ништо не ти фали? Си помислил колку е тешко, напорно, макотрпно не да тераш своја политика, за тоа и не треба да бидеш политичар, туку да пливаш успешно во политички, поготово во политикантски бистри води?…Да не влезе во политиката за и ти да станеш политикант, како многу нам знајни и нам незнајни? Да пливаш во матно?!

Ми одговара со повишен глас:

-Ти или ништо не разбираш или се правиш наудрен за да се одбраниш од сè што ни наметнува, на што нè принудува суровава стварност. Да, ми оди бизнисот, но што мислиш до кога? Мислиш дека тој ми овозможува да живеам ко бубрег во лој? Се лажеш, другар мој. Ми се правиш учен, ко да си експерт за политика и за сè поврзано, блиско и причинско-последично со неа, а како да не ти влегува во умот дека интересот и само тој го движи светот напред. Поготово политикантството. Знам дека знаеш, ама се правиш наудрен дека за секое општество и секоја држава партократијата не носи ништо добро, владеењето на партиите е погубно.

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 14

Го смирувам:

-Баш поради сè што ми изнареди не можам да прифатам дека и ти си влегол во политиката, си станал политичар. Не сакам ни да помислам дека целта ти е да станеш еден од многуте политиканти…Не ти треба тоа, другар мој, не ти треба. Поготово оти си успешен бизнисмен…Да не не си?!

Ми одговара срдито:

-Да знаеш, до вчера бев успешен, ама од денеска немаше да бидам ако не го сторив тоа. Им требаше да ме научат како таков, па навалија…Тебе ти е лесно. Не си бизнисмен, поим немаш од бизнисменството. Доста ти е што си интелектуалец и творец. Доста ти е колку што заработуваш како таков. Ти одговара што те сметаат за безопасен…

Му го пресекувам зборот:

-Штом е така, штом мислиш дека повеќе не можеш да си го тераш бизнисот без политика, напупшти го бизнисот! Да не сакаш да станеш политикант?

Он потсмирен:

-Политикант секако не, но успешен политичар секако да. Го знам рецептот.

Прочитај и за ... >>  Предавање

Јас подбивно:

-Рецепт?! Зар има рецепт за тоа?!…Знаеш што? Да не си ми другар, би те нарекол забеган, тутулав, ебиветар. Кого го зграпчила политиката за да го меле дури не го сомеле…Јас те мислев бизнисмен наместо. Еден од оние на кои политиката и политичарите не им можат ништо. Напротив, од кого зависат и таа и тие.

Тој го завршува разговорот:

-Влегов во политиката за да се занимавам сериозно со политика. Не ми е важна политичката кариера, туку да придонесам колку што умеам, знам и можам за напредокот на нашава држава и нашево општество. Не го напуштам бизнисот. Тој ми е разработен толку, што да може без мене некое време. А убеден сум дека како политичар ќе дадам свој белег на денешницава.

На разделување успевам да промрморам:

-Немој мене да ми баеш. Не мижам.

Почнувам да стравувам за нашето другарство.   

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 65 

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.