Танц на небо

Препев на пев и повев

Луѓе при снага
танцуваат свој танц
на небо
со секакви движења
на телата рацете нозете
главите
облечени како голи
за меѓу облаци
за меѓу молњи.

А небото ведро.

Танцуваат во ритам
што го слушаат
или го наслушнуваат
ту како подземен
ту како надземен
притоа внимавајќи
на неусогласени звуци
и извици
што навалиле
да ги соберат мигум
во последен воздив.  

А небото крваво.

Луѓето при снага
танцуваат свој танц
замислени загрижени
следејќи ги облаците
и молњите
ту во оган ту во крв
громовити
како надоаѓаат
како ги обградуваат
сè побрзо.

Танцуваат луѓе
облечени како голи
прашувајќи се
дали го танцуваат
својот последен
животен танц.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 52

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.