Заедно

-Ние сме заедно и тоа за никого не е спорно. Ни за мене ни за тебе, ни за нас ни за сите со нас. Спорно е колку сме навистина заедно. При што споделуваме, се спомагаме, се надополнуваме. Поинаку речено, дали сме суштествено заедно.

-Ти што мислиш? Сме заедно суштествено?

-Искрено не знам. Еднаш мислам дека сме, а другпат дека не сме. Поготово кога не сме заедно. Знаеш ти?

-Јас мислам дека сме и заедно и, како што велиш ти, суштествено заедно. Верувам дека сме. Станува збор не толку за содржина на близост, туку за негово чувствување…Ако помисли на љубовта, јас не мислам на неа. Во љубовта се неважни близоста и далечината. Пред неа тие се немоќни, лесно ги надминува кога почнуваат да пречат или да влијаат.

-Сакам да е така.

-Така е, и никако поинаку. Инаку не би биле уште заедно. Одамна ќе бевме разделени. Можеби и меѓусебно заборавени.

-Сакам да ми одговориш на едно прашање во врска со суштественото заедно, за неговото чувствување: дали јас и ти добро се познаваме за заедништвото да ни е без никакво сомнение?

Прочитај и за ... >>  Строгости на форми, 31-40

-Да, тоа ни е без никакво сомнение. Но, се разбира дека добро не се познаваме. Поготово не совршено. Тоа е просто невозможно. Кога би било добро, заедништвото би ни било пасивно, неинтересно, рамнодушно, без смисла. А кога би било такво, тоа би било залудно и би било најдобро да се оставиме, повеќе да не сме заедно.

-И јас мислам дека се познаваме прилично добро за да продолжиме да се запознаваме…Знаеш што? Јас не можам без тебе со денови и ноќи.

-И јас не без тебе.

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 33

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.