Јадови

Јанѕи од јава во јазол

Со векови се збирале
Секакви јадови
Од секакви собитија
Од секакви сомненија
Од секакви премрежја
Од неугасливи надежи
Од секакви поразии.

Едни преку други
За едни по други
По едни во други.

Се збирале согорувале
Во секакви преречени
Во секакви непреречени
Зборови и мисли
Кои како остри стрели
Се забодувале
Во душите во срцата
Во крвта во коските
На оние што пробувале
Секако да излезат
На виделина од мрачина
Па да заиграат да запеат
Песни и игри
Од сржта од корените
На сопствената
Непореклива опстојба.

Кренати на нозе
Силни слаби
Паднати наземи
Исправени
До небеса извишени.

Најмногу од секаквите
Јадови
Збирани од собитија
Сомненија премрежја
Надежи поразии
Биле непреболни
Ништеле светови на луѓе
Со исконски страданија.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихозбирка, 45

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.