Ненадеен екотен грмеж
Од врв на планина
Се разлева низ простори
Уште од никого освоени
Уште неосвоиви.
А никој да не открие
Дали е зол
Или предупредувачки.
Се разлева екотен грмеж
Низ простори
На мртва тишина
Која со денови и ноќи
Налегнала народ
Кој скита низ животи
Од будења до сништа.
Која му е целта
И што сака од него.
Ослепен старец
На врв на планина
Го слуша внимателно
Па грижно грмежно
Паѓа наземи
Па извикува
Колку што му е силата
Во гласот:
Народе мој,
Ова е последен
Екотен грмеж
За твој решителен чекор
Меѓу крајни превирања.
ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихозбирка, 43




