Родени за живот

Потребно време за читање: 2 минути

Мирон Сидероски, познат градски бездомник, врвен математичар и познат поет и Красимир Билески, исто така познат градски бездомник и банкротиран бизнисмен, во еден самрак на клупа на булеварски тротоар.

Му кажува Мирон на Красимир:

-Ова досега никому не сум му го открил. Важно е за мене, а за тебе знам оти не е, најпрвин затоа што се однесува на мене лично. Но, решив само тебе да ти го откријам бидејќи те сметам за искрен пријател и мој најдобар соборец во животов проклет и банален.

Мирон Сидероски на Красимир Билески му изгледа пијан, но е сигурен дека не е зашто цел ден се заедно и обајцата испиле само две-три чашки лута ракија. Молчи подготвен да го слуша внимателно:

-Уште како мал, детуле на осум години, разбрав дека сум начнат и роден за други. Разбираш?

Красимир му одговара:

-Не. Како за други?

Мирон:

-Така…Нормално…Ха, нормално…Е баш…Мене, другар мој, ме родила не знам која за татко ми и мајка ми кои не ми беа татко и мајка, а ми беа до смрт. Разбираш?

Красимир пак:

-Не, не разбирам.

Па се досетува:

Прочитај и за ... >>  Мигновени животи

-Ааа, велиш дека те родила сурогат мајка, па те одгледале, те израснале, те направиле човек татко ти и мајка ти. Кои се договориле со неа за колку пари ќе те роди и ќе им те продаде.

Мирон Сидероски весело:

-Тоа бре, брат…Како ја нарече?…Баш тоа била…Сурогат мајка.

Красимир Билески сериозно и студено:

-И? Што има врска тоа со сега и за сега?…Разбра која е?…Ја знаеш? Жива ли е или умрена?

Мирон сериозно и замислено:

-Не ја знам, а и не ме интересира дали е уште жива…Зачнала, ме носела во својот стомак цели девет месеци, ме родила и ме продала на моите родители…Фала им од срце што ме купиле и ме направиле човек. Си докажале на себеси, му докажале на светот и ми докажаа мене дека сум роден за живот…Беа прекрасни луѓе…Прави татко и мајка. До смрт прави…Се сомневам во жената што се грижеше за се во нашиот дом…Права домаќинка. Чиста, уредна, вредна, мајстор готвачка, еднакво грижлива и спрема мене и спрема татко ми и мајка ми. Ја плаќаа, а спрема неа се однесуваа со почит, како дел од семејството…Мајка на четири деца…Толку имам да ти кажам…Ај нема врска.

Прочитај и за ... >>  Денес во дамнина

Заклучува Красимир Билески по долг молк меѓу нив, воздивнувајќи:.

-Значи така…Знаеш што се прашувам по ова што ми го кажа? Се прашувам зошто и како си станал учен, а бездомник, кога си имал и дом и родители и негувателка и домаќинка…Роден за живот во богатство, а ти во жива сиромаштија. И ти како јас…Заедно бездомници.

Мирон Сидероски одговара рамнодушно:

-Е, тоа најчесто се прашувам и јас…Не знам како…А јас и ти, пријателе мој, не сме баш исти. И ти си роден за живот…Да те прашам нешто јас тебе…Тебе татко ти те направил, а мајка ти те родила?

-Да…Знам сигурно…Биле сиромашни, веќе имале четири деца, две машки и две женски, па ме оставиле во сиропиталиште…Таму пораснав, созреав, станав човек и…банкротирав како бизнисмен.

Мирон, пак по долг молк меѓу нив:

-Знаеш што, Красимире, другару и пријателе? Многу ми е мило и драго што сме заедно.

Красимир насмеано:

-Знеш што, Мироне, другару и пријателе? И мене ми е многу мило и драго.

Стануваат од клупата и тргнуваат по булеварот, кон догледлива крстосница.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 20