Човекот меѓу простор и време

Потребно време за читање: 2 минути

Успеав да имам само уште една средба со Стивен Хокинг, овојпат не сосем случајна. Инаку речено, јас ја направив божем случајна во рамките на една намерност.

Имено, отидов на едно негово предавање во велеград, во контекстов неважно кој. Во пауза меѓу предавањето и дискусијата со присутните, јас успеав да му се доближам и да му го свртам вниманието на мене со: „Господине Хокинг, ние сме добри познајници, еднаш дојдовме до заеднички ставови за животните определби, интересирања, посветености, како и за нашите просторни битисувања“. Тој реагираше на нему својствен начин, одвај забележлив со оглед на здравствената ситуација, вкочанетоста на телото и неподвижната компјутеризирана комуникација со опкружувањето. Им даде на своите помошници за други невидлив знак да ме доближат до него.

Со нему својствената ведрина и безизразен изглед ми кажа дека се сеќава, не ме заборавил, дури ми го памети според него мошне специфичното име:

„Ти си Јас или Тој и Тој или Јас, нели?

Јас со нескриена радост:

-Да тој сум. Многу се радувам што не сте ме заборавиле.

Го потсетив на првата сосем случајна, веќе дамнешна средба, за заедничкото интересирање за временитоста на времето, а имајќи ги предвид мојот мислечко-творечки и неговиот научно-длабински пристап.

Додадов:

-Јас во меѓувреме си ветив дека ќе сторам сè за да се среќаваме почесто. Ќе бидам задоволен и ако биде само уште сега, во оваа прилика.  

Стивен Хокинг:

-И мене ми е драго што Ве гледам пак…Многу сте ми интересен…Уште ги промислувате историјата на времето и меѓувремињата, нивната обусловеност во контекст на исчезнувањето? Уште им давате предност на меѓувремињата кои според Вас најмногу зависи континуитетот на животот воопшто?

Јас:

-Да, јас останувам на ставот дека нема едно, туку повеќе времиња кои ја играат улогата на врзовни ткива…А Вие уште сметате дека не е проблематично Вашето учење за историјата на времето?

Тој:

-Значи, ти Јас или Тој и Тој или Јас, пријателе мој, упорно ја пренебрегнувате квантната гравитација и теоријата на релативноста…Но, добро…

Му влегов во зборот:

-Да не им одземам на другиве присутни на Вашето предавање. Знам дека имаат многу прашања за Вас…Сакам само нешто да надополнам за она за што расправавме првиот пат. За меѓувремињата.

Стивен Хокинг:

-Само да не барате од мене опширна експликација…Не е приликава за тоа…А и мојава положба…

Јас:

-Не, напротив, од Вас ќе ми бидат драгоцени само два-три збора.

Тој:

-Повелете.

Дури сега забележав дека ми се обраќа со Вие. Почит кон мене? Продолжив:

-Се однесува на меѓувремињата, и тоа на оние меѓу просторот и времето. Јас дојдов до непореклив заклучок дека меѓу нив е човекот до крајот на својот живот. Како ентитет.

Неговиот говорен компјутер реагираше со чудење:

-Ентитет?!

Јас самоуверено:

-Да. Ентитет меѓу просторот и времето, истовремено во меѓувремињата. Ја имам предвид и обусловеноста. Дури, мислам дека човекот како ентитет многу повеќе влијае врз просторот, времето и меѓувремињата одошто тие врз него..Тоа задира и во смислата на нивното постоење…

Само јас го забележав неговиот знак дека го завршив моето време во неговото. Се сврте кон другите присутни.

Говорниот компјутер на големиот екран зад Стивен Хокинг напиша:

-Драги пријатели, штотуку проследивте кус, но мошне инспиративен и возбудлив дијалог м еѓу мене и Господинот Јас или Тој и Тој или Јас. Ви препорачувам во иднина со внимание да ги следите и проучувате неговите ставови за човекот како ентитет во просторот и времето.   

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 43