Под камен на чистина
Од дамнина
Се собрале коски и сенки
На предци со и без трага
Заборавени засекогаш
Без сегашност без иднина.
Сал еден живот одживеан
Во миг или меѓу мигови.
Длабоко
Под камен на чистина
Од дамнина.
Каменот е изделкан
Од ветрови
Од времиња невремиња
Во чудна природна форма
Која не навестува ништо
Која не раскажува ништо
За својот опстанок
Извесен неизвесен.
Ниту некаков траен знак
На долго патување
Низ безграничност.
Некој незнаен патник
Што би дошол до него
Во ниедно доба на ноќ
На пример
Би слушнал здивови
На коските и сенките
Собрани под него
За какво-годе разбирање
За секакво толкување
Дека уште живи.
Длабоко
Под камен на чистина
Од дамнина.
ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихозбирка, 37